БАНКА ЗА ЕМОЦИИ

Добивај вести на Viber

Имам пријателка која одлучи да роди дете иако нема партнер. Кога сфати дека до 39 години не го најде „принцот на бел коњ“ се реши за асистирана репродукција со донор. Да живеат банките за сперма! Сакаше да биде мајка и во нејзиниот живот да отвори нова димензија на родителство. Некои жени, пак, имаат можност и услови за деца, но одлучуваат дека тоа не е нивен избор. Значи, од една страна се жените кои не сакаат дете, без разлика дали се во брак, во романтично партнерство или сами, и од друга страна се жените кои иако немаат партнер, сепак, сакаат поинаква смисла во животот низ процесите на мајчинството. И едните и другите имаат право на сопствена одлука. Никогаш не сум имала дилема дали нечиј личен избор е прашање што треба да помине низ мојата ветерница на судење. Ниту, пак, мислам дека некоја е помалку „жена“ бидејќи не сака да се реализира како мајка. Желбата да имаш или да немаш деца е твое право!


Она што ме провоцира за размисла е храброста на жените кои одлучуваат сами да растат дете. Свесната одлука да се биде самохрана мајка е голем залак кој не само што треба да мине низ менталниот дигестивен систем, туку и низ мелницата на секојдневната рутина. Промена на животот од корен! Жртва, најголема. Затоа, на жените кои донеле таква одлука им симнувам капа!

Нејзиното име е Ива. Таа сега има 40 години и шестмесечно бебе. Нема сопруг, ниту партнер, но има пријателки кои ја поддржуваат во она што решила за нејзиниот живот. Нејзините родители живеат во Штип и бидејќи сè уште работат не се во можност да се преселат во Скопје за да ѝ помогнат. А и станот ѝ е малечок за да ги прими. Во четириесет квадратни метри тешко е да живеат три генерации – бебе, млада мајка и возрасни родители.

Неговото име е Бобан. Има 44 години и минатава недела стана татко. Отпатува во Норвешка за да присуства на раѓањето на своето прво дете. Не е во брак, ниту пак во романтична врска со мајката на детето. Таа му е добра пријателка со која пред една година се договориле за заедничко родителство. Бебето ќе живее со мајката во Норвешка, а Бобан често ќе го посетува.

Нејзиното име е Јасмина. Има 52 години и мајка е на единаесетгодишно дете кое го расте сама од првиот ден од неговото раѓање. Забременила непланирано со партнер кој го запознала на летен одмор во Грција пред дванаесет години. Биолошкиот татко живее во Лондон и два пати годишно доаѓа во Скопје за да помине време со својот син. 


Ова се три личности кои лично ги познавам, а кои се одлучиле сами да го носат товарот на родителството. И кога во еден муабет ѝ се жалев на Ива за тоа како мојот сопруг не „помага“ доволно со домашните обврски, се сетив дека таа нема ни за кого да се жали. Тогаш сфатив дека мојата позиција, во споредба со нејзината, е привилегирана. – „Барем има кој да ви го фрли ѓубрето, да испазари или понекогаш да ја пушти машината за перење“, ми рече Ива. Тоа, иако делумно ме освести, сепак, не ме повлече од позицијата дека треба да се задоволам „со трошки“ кога е во прашање поделбата на трудот во домот.  Па, така, фокусот од банките за сперма и асистираната репродукција го префрлив на нерамноправната поделба на трудот во домот.


За да не биде дека зборувам исклучиво низ моја лична призма и се претставувам себе си како жртва, решив да ги истражам најновите податоци за родовата еднаквост во нашево општество. Прва в раце ми падна студијата на „Реактор – Истражување во акција“ по чиј повод неодамна беше одржана и панел дискусија на тема: Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија. „Во просек, жените во Република Северна Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, додека придонесот на мажите е околу една четвртина од вкупниот обем на работа. За жал, сѐ уште не е препознaена вредноста на неплатениот труд на грижа, но доколку оваа работа од страна на жените се вреднува дури и со минимална плата, во текот на една година, минималната монетарна вредност би била 1,917,895,508 €, што е 17,18% од бруто домашниот производ (БДП) на Република Северна Македонија за 2019 година“ – велат од Реактор во презентацијата на нивната најнова студија насловена „Мажите и грижата“.


Сакате да продолжам да зборувам низ бројки или да се дистаницираме од сувопарната статистика и да се вратиме на нашата брутална реалност? Што и да одлучиме, заклучокот ќе биде ист – жените се експлоатираната страна во приказната! Но за да направам линк помеѓу неплатената работа во домот и грижата за децата со која ја започнав темата за оваа колумна, ќе се повикам на личното искуство кога јас се породив, пред пет години. Рака на срце, за тој период од животот не би можела да се пожалам за мојот сопруг (се смее). Деновиве особено се потсетив на тоа, бидејќи сопругот го интервјуираа за споделено родителско отсуство. Горд како паун, ми рече дека бил еден од ретките мажи во земјава што можат да се пофалат со такво искуство. Но и јас сум горда што на колегите новинари тој им ја раскажа својата лична приказна, како татко кој пет месеци по раѓањето на бебето бил дома. И нешто да разјасниме, без мој притисок, негова свесна одлука беше да не работи, односно да биде дома со мене и со бебето, во првите пет месеци по моето породување.


 Всушност, мојот сопруг претходно работеше како фриленсер, така што ја немаше „привилегијата“ да добие родителско отсуство. Се разбира, родителското отсуство е право, а не привилегија, но намерно велам така за да ја потенцирам позицијата на фриленсерите. Пред да ни се роди детето, тој го заврши својот последен работен ангажман за еден филмски фестивал, а како филмски режисер, следно имаше избор да отпатува во странство за да работи на филм (чинам требаше да снимаат во Романија) но тој свесно ја одби таа работна понуда. Верувам дека ден-денес не се кае за тоа. Среќна бев што не сакаше да го пропушти раѓањето на детето, ниту деновите кои следуваа, а кои изобилуваа со љубов, но и со обврски за кои не мислам дека е фер да паднат исклучиво врз грбот на мајката. Но не е важно што јас мислам, ако државата не мисли. Овие прашања за споделеното родителско отсуство, репродуктивните права и родовата еднаквост не се решаваат со тапкање по рамо или со кукање по Фејсбук, туку со системски решенија, со политики за грижа. „Тоа подразбира измени во националното законодавство и родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата“ (Реактор).


Истражувајќи за интервјуто, со сопругот дојдовме до податокот дека Шведска и Исланд имаат најдобар модел на родителско отсуство, каде приближно 90 проценти од татковците го земаат татковото отсуство во времетраење од 19 недели. А колку сме ние далеку од Шведска? – Многу! Уште сто колумни ќе напишам на темава, десетици интервјуа ќе дадат прогресивните татковци кои се одличен пример, но се исклучоци, бројни поплаки ќе прочитаме од уморни мајки испишани на социјалните мрежи, ќе прочитаме раскази кои ја пародираат позицијата на силите во домот... и повторно ќе нема успех на ова клучно поле за еднаквоста во општеството ако процесот на еманципација не оди рака под рака со политиките што треба да се донесат. Сакам да верувам дека еден ден, кога мојот син ќе биде во позиција да бира дали да остане дома со своето новороденче, ќе има доволна свест за тоа, но и законско право. Но да не чекаме уште дваесет години, да го забрзаме тркалото на прогресот! Нема поубаво нешто од тоа бебето да минува подеднакво време со двајцата родители со кои ќе може да изгради силна врска базирана на доверба. Овие работи се клучни на контото за социо-емоционалниот развој на децата, а богами и за менталното здравје на преморените мајки! 

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој