Бендот MAiKA, специјален гостин на концертот на GOGOL BORDELLO
На 29-ти мај во Скопје, во рамки на ТАКСИРАТ 20 ќе се одржи концертот на еден од најимпресивните live бендови на денешницата GOGOL BORDELLO(Гогол Бордело), а оваа славеничка Таксират вечер во Младинскиот Културен Центар добива уште едно засилување кое доаѓа со гостувањето на MAiKA (Маика) - новиот музички феномен на регионалната сцена кој ќе настапи како специјален гостин на славниот џипси-панк бенд!
Бендот MAiKA кој пред некој ден и официјално го објави својот дебитантски албум „Balkannibalism“, ќе настапува како специјален гостин на Gogol Bordello на концертите од нивната турнеја во источна Европа, а станува збор за балкански алтернативен денс-панк бенд со членови кои доаѓаат од Србија, Хрватска и Црна Гора. Албумот првенец содржи 11 песни од кои повеќето на англиски јазик, а од ова издание бендот досега објави два сингла „River Sava“ и „Share of Your Life“. Нивната музика се темели на модерни ритми, женски панк вокали и луда сценска енергија. Комбинирајќи традиционална балканска музика, труби и хармоника со новите музички стилови (електронска, алтернативна денс, инди поп и панк музика), MAiKA создаваат автентичен звук, никогаш претходно чуен во регионов. Од перспектива (музичка и визуелна) на MAiKA, Балканот е апсурден микс на контрасти и го опишуваат како бизарна чорба од многу влијанија, стилови и култури, а токму тој е главната тема на музиката на MAiKA.
GOGOL BORDELLO пак, гостуваат премиерно во Македонија, во рамки на Seekers And Finders турнејата за истоимениот, нов албум. Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, Gogol Bordello ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората.
Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на фронтменот Јуџин на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од славните имиња на светската сцена, членовите на GOGOL BORDELLO со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен.
GOGOL BORDELLO е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба, а годинава кога ТАКСИРАТ слави 20 години алтернатива во Македонија, нивната нескротлива сценска енергија конечно ќе имаме прилика да ја доживееме и во Скопје. Неповторливиот еклектичен бенд гостува во Скопје промовирајќи го својот нов албум „Seekers And Finders“ објавен во август годинава, а кој се појавува четири години по студискиот претходник „Pura Vida Conspiracy“ (2013).
ТАКСИРАТ во 2018-та го прославува своето јубилејно 20-то издание со бројни настани во текот на целата година, а со концертот на GOGOL BORDELLOмакедонската публика има уште една загарантирано незаборавна славеничка вечер на 29-ти мај во МКЦ.
Влезниците за овој концерт се достапни преку продажната мрежа на МкТикетси само во органичен број!
Најповолната цена од 500 денари е ограничена само за првите 300 билети, а по нивното распродавање, вториот и третиот подеднаков контингент влезници ќе бидат достапни по цена од 600 и 700 денари.