Беше страшно, не смееш ни дома ни надвор: Јелена Јованова за Женски магазин за земјтотресот во Загреб
„Живи сме, тоа е најбитно. Штетата ќе се среди“, ни изјави актерката Јелена Јованова по силниот земјотрес кој завчера го погоди Загреб. Јелена неколку години живее во Хрватска со сопругот Стјепан Периќ, кој е исто така актер.
Јованова, кај домашната публика популарна по улогата на рецепционерката Јелена од Драчево во серијата „Преспав“ , вели дека во текот на завчерашниот ден долго немале струја.
„Бевме без струја долго време. Ужасно и страшно и ненормално и парадоксално е сето ова. Не смееш ни дома, ни надвор. А на луѓето, вчера во очите им го видов она чувство: Короната ќе се реши некако, но против ова не можеме никако“, го сподели Јелена своето искуство извинувајќи ни се што доцна одговара на пораката.
„Беше страшно. Но, битно е дека сега е мирно. Јас полека се трудам да продишам нормално“, ни раскажа Јованова.
На својот Фејсбук профил, таа објави статус во кој вели дека сме немоќни против нештата што не се во наша контрола. „Загреб се разбуди во злокобно молчење. Денес жени се породуваа во автомобили! Денес луѓе останаа без своите домови! Но, денес луѓе помагаа на луѓе!“, напиша Јелена.
„Живеам со човек кој точно разбира што работам и ја имам целата негова поддршка. Не сме луѓе кои професијата ја носат постојано дома, ја штитиме својата приватност, а нашите најблиски пријатели немаат допирна точка со она што ние го работиме“, изјави актерката во претходно интервју за Женски магазин за сопругот со кој се запозна на снимањето на серијата „Тајни“ во Хрватска во која и двајцата глумеа.
Од 2011 година, Јелена успешно гради интернационална кариера, откако ја играше улогата на Есма во филмот „Во земјата на крвта и медот“ кој го режираше Анџелина Џоли.
М.Џаровска