БЕСПЛАТНА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП НА ШЕСТ ПУНКТА ВО СКОПЈЕ: Ранливите категории да се заштитат од сезонската вирусна инфекција

Добивај вести на Viber

Од денеска на шест пункта при Здравствениот дом-Скопје започнува вакцинацијата против сезонскиот грип. На овие пунктови имунизацијата е бесплатна за сите граѓани кои страдаат од хронични заболувања, за повозрасната популација над 65 години, за децата до 5 години, за трудниците, како и за здравствените работници, кои исто така се изложени на голем ризик.

Директорот на Здравствен дом-Скопје, д-р. Виктор Исјановски вели дека ова се само првите неколку илјади дози, и очекуваат, во однос на тоа како ги трошат, да добиваат на неколку пати, со цел да бидат вакцинирани што поголем број граѓани.

-Оваа година забележувам огромен интерес за вакцинацијата против сезонскиот грип. Во комуникација со граѓаните сме постојано и очекувам дека на сите пунктови, односно во поликлиниките Јане Сандански, Букурешт, Ѓорче Петров, Чаир, Ченто и Бит Пазар имунизацијата ќе тече непречено. Сите ранливи категории, оние ризични групи кои постојано ги споменуваме, вакцинација против сезонски грип ќе може да си закажат преку системот МојТермин, односно преку нивните матични лекари. Неколку пати веќе кажавме, како и во изминатите години, оваа вакцина против сезонскиот грип е бесплатна за луѓето кај кои постои многу висок ризик од инфекција, зараза со вирусот. Во центрите за јавно здравје, пак, ќе може да се вакцинираат сите останати граѓани кои на своја иницијатива ќе сакаат да се заштитат од сезонскиот грип, а цената веќе беше објавена во јавноста. Ќе чини 800 денари, вели д-р. Исјановски.

Повеќе информации за бесплатната вакцинација против грип, прочитајте на Фактор.мк