Бети од Швајцарија ги отвори вратите од семејната куќа за Женски магазин: Модерно уреден дом

Добивај вести на Viber

Бети Алексовска 30 години живее во Швајцарија. 

Како што вели, случајно или намерно, поради љубовта се нашла таму. Нејзиниот сопруг веќе живеел и работел таму.

Бети е позитивна, самоуверена и храбра жена, сопруга, мајка на три веќе полнолетни деца. Најстарата ќерка Лелита, синот Борис и помалата ќерка Вања. Живеат во прекрасното место Вилдерсвил, во модерна куќа на 3 ката, а таа по професија е медицинско лице и работи на психијатрија.



Она што нам ни го привлече вниманието е нејзиниот Инстаграм профил, односно нејзините фотографии од прекрасно уреден дом.

Како што ни откри, нивното омилено гнездо сега е куќата, која ја купиле пред 5-6 години.

„Да, куќата ја купивме пред околу 5-6 години. Предходно имавме комфорен стан кој иако беше простран и ми се допаѓаше како го уредив некако ми недостигаше градина“, вели нашата соговорничка.


Бети вели дека во куќата го вложила целото внимание од почетокот, со избор на плочки во трите бањи, кујната па се до најмалите деко ситници. 

Ја прашавме кој и помага околу уредувањето и одржувањето на домот, дали прави сѐ сама, од каде таа љубов за уредување, колку време посветува на нивниот дом да изгледа вака магично...


„Во изборот на мебел, декорирање и се останато јас сум задолжена по дома. Иако понекогаш може да добијам сугестии или идеи од моите по дома, сепак јас сум задолжена за целокупното уредување“, ни раскажува оваа дама додавајќи:


„Љубовта постоела одсекогаш кон уредувањето и естетиката. Убаво уреден дом ми е предизвик и уживање, а уживањето секојдневие.


Моја омилена боја кога би морала да изберам би рекла белата боја . Иако повеќе ми лежат светли бои обожувам крем нијанси, но сепак кога треба да изберам една изборот паѓа на белата“, вели Алексовска.


Дека домот го скоцкала одлично, како од бајките, е неминовен факт, а колку внимание посветува и колку се грижи за себе?

„Се грижам колку што можам иако би рекла дека тука играат голема улога и гените. Најчесто најголемата релаксација и освежување и нега ја добивам од СПА центарот во кој одам редовно и сум годишен член . Таму уживам и се дружам со пријателки, а пред сѐ ги полнам батериите“.

Што мисли Бети, каква според неа треба да е современата жена?

„Слободна без предрасуди, да се почитува и цени себеси, да ги негова своите желби и соништа. Со тоа ќе биде задоволна со себеси а и останатите во нејзиното опкружување ќе имаат покрај себе задоволна, позитивна, срекна жена, сопруга, мајка, пријателка.

Нашата соговорничка за крај вели дека никогаш немала личност со која се поистоветува или ја идеализира. Вели дека секогаш сака, и ја бара најдобрата верзија од себеси.

„Секоја наредна година се трудам да бидам барем дупло подобра и поуспешна од предходната“, потенцира за крај оваа прекрасна дама.


Ирена Ставрова

ФОТО: Приватна архива Бети Алексовска