Без изговори, без оправдувања! Во сообраќајот нема место за неисправни и нерегистрирани возила!
Безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото. Неретко, токму возилото е причина за сообраќајна незгода со тешки и фатални последици. Но, и покрај тоа, одредена група возачи ги користат возилата и активно учествуваат во сообраќајот, избегнувајќи или „заборавајќи“ на задолжителниот технички преглед на возилото, редовниот сервис, како и на редовното - задолжително осигурување и регистрација на возилото.
Ваквиот однос кон возилото и воопшто кон безбедноста во сообраќајот е неодговорен и опасен. Точните мотиви за ваквиот начин на однесување тешко се откриваат, но сигурно е дека станува збор за неодговорни возачи кои го потценуваат ризикот од евентуална сообраќајна незгода и кои ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди. Таквите возачи, и покрај тоа што забележуваат дека има одредени неправилности или одреден систем на возилото не функционира, сепак се одлучуваат да се вклучат во сообраќај и да ја загрозат безбедноста во сообраќајот.
Неразумност, себичност, желба да се заштедат финансиски средства на сметка на сите ризици и закани по безбедноста во сообраќајот, непромисленост... Како и да се објасни оваа појава, нема да се погреши.
Ако се земе предвид фактот колку се големи санкциите за учество во сообраќај со нерегистрирано возило, какви се последиците и загубите ако се учествува во сообраќајна незгода со неисправно, нерегистрирано и неосигурано возило, може да се заклучи дека учеството во сообраќај со неисправно и нерегистрирано возило е опасно, ризично и во ниеден случај не е исплатливо.
Дали големиот број сообраќајни незгоди што се случуваат секојдневно на патиштата, дали крвта, солзите и тагата за загубените животи, не се доволна причина, еднаш и засекогаш, безбедноста во сообраќајот да се разбере многу посериозно и поодговорно?
„Ама не мислев така“, „Ама сигурен бев дека возилото е исправно“, „Не покажуваше знаци на дефект“, „Цел живот возам така, ништо не се случило“, „Не го користам многу возилото, не ми се исплати да го регестрирам“... изговори, изговори...
Најчестиот изговор е: „Трошок ми е, немам доволно пари“. Возачите со ваков изговор никогаш нема да се откажат од комфорот и удобноста што ѝм ја овозможува нивниот автомобил, но нема ни да сакаат да го проверат и да го регистрираат возилото.
Многу изговори. Сите празни и неиздржани. Ниеден изговор не може да биде доволно добар. Сите возачи треба да бидат свесни за последиците што ги носи неисправното и нерегистрираното возило. Всушнот, порано или подоцна тоа ќе го разбере секој возач. Некои ќе разберат навреме и ќе преземат сѐ што е потребно за да спречат да се случи одредена трагедија, а другите ќе разберат откако ќе се случи трагедијата. Вие сами одлучувате кога ќе разберете и колкава цена ќе платите за тоа.
Бројот на возила во Република Македонија е во постојан раст и тој број веќе надминува 550.000 возила. Зголемениот број возила значи и зголемен интензитет на сообраќајот, а со тоа се зголемува и потенцијалниот ризик од сообраќајни незгоди. За жал, паралелно со зголемување на бројот на возила, расте и бројот на нерегистрирани, технички неисправни и неосигурани возила кои активно учествуваат во сообраќајот. Според проценките на осигурителните компании, во Република Македонија, околу 40.000 нерегистрирани и неосигурани возила, активно учествуваат во сообраќајот на патиштата и претставуваат закана за безбедно одвивање на сообраќајот.
За учество во сообраќај на патиштата, возилата задолжително треба да бидат регистрирани, да имаат важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење и треба да бидат означени со пропишани регистарски таблици. Непочитување на оваа законска одредба се санкционира со парична казна од 500 евра во денарска противвредност. Полицискиот службеник ќе го исклучи од сообраќај возилото што не е регистрирано, за кое не е продолжен рокот на важност на сообраќајната дозвола, за кое е утврдена техничка неисправност, за кое нема пропишани регистарски таблици или кое нема налепница за извршена регистрација.
РСБСП со потсетување: Технички неисправните и нерегистрираните возила се извор на опасности во сообраќајот. Затоа проверете ја техничката исправност на возилото и регистрирајте го на време. Без изговори, без оправдувања! Не ризикувај многу за малку! Во сообраќајот нема место за неисправни и нерегистрирани возила!