Без татко ми празниците не се исти: Елена е тажна секој Божик
Празниците се емотивен период за Елена Ристеска. Секој поголем празник, особено Божик ѝ буди убави спомени на детството и на деновите кога нејзиното семејство било поголемо. Елена со радост, но и со тага се сеќава на својот покоен татко. Незаборавни за неа се и дружењата со баба и ѝ со дедо и, моментите кога сите покрај празничната трпеза пееле македонски народни песни. Елена за „Женски магазин“ откри дел од нејзините сеќавања.
„Најубавите спомени од животот ми се од детството кога фамилијата ми беше целосна и сите ни беа на број. Цела фамилија се собираше на трпеза кај баба ми и покрај богатата софра, се пееше и се свиреше до раните утрински часови. Дедо ми свиреше на гајда, традиционалните македонски песни се пееја најмногу и од таму ги научив старите народни песни. Не се сеќавам дека во тој период некоја фамилија беше посреќна од нашата. Спокојот, смеата, радоста и музиката беа својствени за нас. Дел од фамилијата веќе не е меѓу нас, затоа ужасно ми фали тој период од животот. Особено татко ми, откина дел од нашите души. Голема тага ми надоаѓа на секој празник, Бадник, Божик, Велигден, и среќата не ни е целосна, па утехата наша е Делфина внука ми, ни ја ублажува болката, целиот фокус ни е таа“, ни раскажа Елена.