Бидете дел од најголемата прошетка и трка во Европа: RACE FOR THE CURE

Добивај вести на Viber

Со големо задоволство објавуваме дека започна регистрацијата за најголемиот настан за женското здравје во Европа, RACE FOR THE CURE. Овој спортски и хуманитарен настан ги обединува луѓето погодени од рак на дојка и нивните семејства и пријатели. За време на трката излечените го слават животот, додека учесниците ја даваат поддршката на своите најблиски. Заедно тие се сеќаваат на оние што веќе не се со нас заради најчестиот вид рак кај жените. Иако беше планирана како класична трка, пандемијата ги промени плановите но сепак се разви концепт и план со кој ќе се промовира и организира трката на иновативен, дигитален начин. Најголемата светска спортска манифестација за здравјето на жените е успешна приказна која освен што помага во ширењето на моќната порака за важноста на справување со рак на дојка, помага и во собирање на средства за истражување на ракот на дојка. Дигиталната трка ќе се одржи на 25, 26 и 27 септември и во исто време во 31 град во Европа и се очекува да се приклучат околу 500.000 учесници. Регистрацијата се одвива преку платформата www.racefothecure.eu, која е преведена на македонски и на уште други 24 јазици, а вклучени се 34 организации меѓу кои и “БОРКА – За секој нов ден” како единствена од Македонија. - Ковид пандемијата ги стави на чекање пациентите кои се борат со ракот. Затоа, повеќе од кога било им е потребна нашата поддршка. Статистиките велат дека на глобално ниво во 2018 година бројот на новодијагностицирани од карцином на дојка биле 2 088 849 нови случаи, додека бројот на смртност бил 626 679. Во Македонија се дијагностицираат 3 до 4 случаи секој ден - вели Биба Додева, Претседателка на Борка Регистрирајте го вашиот тим и подгответе се за вашата 3 км прошетка или 5 км трка. Можете да одите каде што сакате, запазувајќи ги здравствените препораки за вирусот корона од Министерството за здравство. Можете да пешачите или трчате во вашето соседство, град или село, дури и да трчате во затворено на трака за трчање, орбитрек, статичен велосипед или во теретана и да се поврзете со илјадници луѓе низ цела Европа во последниот викенд од септември Учеството е 300 денари а при регистрацијата, можете да изберете личност или мотив за учеството, да посветите персонализирана порака, да прикачите фотографија или видео за поддршка на одредена личност или организација. Под мотото – „Да останеме безбедни, да останеме поврзани„, а со споделувањето на социјалните мрежи придонесувате за подигнување на јавната свест за оваа болест.

Kампањата RACE FOR THE CURE, ја поддржува Македонски Телеком, долгогодишен партнер на Здружението Борка. Преку својата поддршка, Македонски Телеком, како општествено одговорна компанија активно се вклучува во уште една кампања на Борка за подигнување на свеста за борба против ракот на дојка, што вообичаено се одбележува во месец октомври. - Ги повикуваме сите граѓани, активисти, волонтери, поддржувачи, медицински лица, пациенти и излекувани од оваа болест да ни се придружат и да пешачат или трчаат во чест на оние кои се борат, како и во чест на оние кои ја изгубиле битката со карциномот на дојка и прерано не напуштиле – повикуваат од Здружението Борка. Инаку Борка е полноправен член на Think Pink Europe, европска Алијанса за борба против рак на дојка а веќе 11 години успешно, секој октомври, ја организира манифестацијата Напред розово, која од годинава прераснува во RACE FOR THE CURE.