Билети за инклузивната претстава „Необичен ден“ со јунаците од „5+ фамилија“ достапни на билетарницата на МНТ
Да создадеме свет без предрасуди во кој сите се еднакви, е главната порака во музичко-театарскиот спектакл „Необичен ден“ со јунаците од „5+ фамилија“, кој е дел од инклузивната кампања „Сонуваме. Менуваме“ на Стопанска банка - АД Скопје. Годинава по петти пат Стопанска банка го спроведува овој општествено-одговорен проект кој кулминира со инклузивна претстава во која се вклучени и деца со попреченост.
Почнувајќи од 20 декември (среда), ќе се одржат пет изведби на музичката претстава „Необичен ден“ во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Премиерната изведба е закажана за 20 декември во 20 часот, по што следат уште четири изведби и тоа две на 21 декември од 17:30 и 19:30 часот, една на 26 декември од 19 часот и последната на 27 декември од 19 часот. Билетите за спектаклот веќе се во продажба и чинат 250 денари. Тие може да се набават во билетарницата на МНТ и онлајн преку официјалната веб-страница на МНТ на следниот линк.
Зад спектаклот „Необичен ден“, покрај Банката, стојат ОхО продукција со омилените ликови од „5+ Фамилија“, Лина, Петко, детективот Цветко, Џими, Лука, Цвајнштајн, Алек, Лиз и Мира, заедно со повеќе деца со попреченост кои рамноправно со актерската екипа се носители на целото дејство. Режисер е Дејан Пројковски, така што целата екипа нуди одлична семејна забава, со која преку игра и песна присутните ќе сонуваат и ќе се обидат да го менуваат светот на подобро.
Кампањата „Сонуваме. Менуваме“ има цел да ја подигне свеста кај јавноста за потребата од поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството. Организацијата на инклузивните претстави премина во прекрасна традиција за Стопанска банка, каде што јавноста ги препознава и ги поддржува заложбите за создавање подобар свет за сите. Тоа го покажуваат и преполните сали на секоја изведба на инклузивните претстави. Веруваме дека и оваа година ќе биде така.
Покрај кампањата и претставата, како и претходните години, „Сонуваме. Менуваме“ е проект преку кој се реализираат и грантови за Асоцијациите на лица со попреченост, за кои Банката веќе објави јавен повик.
ПР објава