Близнаците веќе го покажаа својот талент за глума: Со Весна и Александар Микиќ за семејството и за професијата

Актерот Александар Микиќ и неговата сопруга Весна Станоевска Микиќ се запознале на забава по една театарска премиера. Познатиот актер и харфистката која што исто така се занимава со глума, денес се среќни родители на близнаците Иво и Ена, кои ги растат во нивниот дом и убаво уредениот двор во населбата Ново Лисиче.

Во заедничкото интервју, тие раскажуваат за тоа како е да се биде родител на близнаци, и сето она што освен актерството ги спојува.  

-Напорен период беше кога беа многу мали, зашто тогаш треба екстра енергија и раце да се следат, на крај од денот и јас и Весна бевме преморени. Сега е подобро, Иво и Ена, за среќа, се многу добри деца па во глобала лесно се разбираме со нив. Пресреќни сме што добивме две деца истовремено, тоа е дупла среќа ама истовремено и дабл трабл“, ни изјави Микиќ.


-Животот со децата и е многу убав, исполнет и забавен, но во исто време доста захтевен“, додаде Весна. 

Ена и Иво сега имаат шест и пол години и сè уште си ги бараат интересите, а гордите родители велат дека секој ден нешто различно ги интересира.

-Го покажаа и докажаа својот талент за глума во филмот „Соло Мод“. Само после снимањето, Ена изјави дека не сака веќе да биде пред камера туку сака да е позади камера како Тамара. А Иво во една прилика кога го прашавме дали би глумел во друг филм изјави. Ако мора ќе глумам“, низ насмевка вели Александар.


-Сега се првачиња и од сабајле одат во школо а потоа, ако е убаво времето шетаме по паркови и игралишта а дома или играме некоја друштвена игра со нив или ако се заиграни самите... Не им сметаме“, раскажува Весна. Таа е многу горда на својата улога во филмот „Соло Мод“ на режисерката на „Медена земја“, Тамара Котевска. 

-Со Тамара лично се запознавме на „Златна Бубамара“ и многу се зближивме. Кога почна пандемијата Тамара дојде кај нас со идеја за краток филм - како едно семејство се справува со предизвиците во новите услови на живеење. Тамара беше отворена за предлози и сугестии така да земавме и активно учество во самото сценарио. Јас играм амбициозна личност која се спрема да одржи гранде концерт, но новите услови не го дозволуваат тоа и нејзиниот сон токму пред да се оствари се претвора во личен кошмар. 

Инаку во Сараево поминавме прекрасно се видовме со многу пријатели и запознавме нови. Филмот беше одлично прифатен од публиката и награден со огромен аплауз“, вели Весна, а Александар дава свое видување на овој филм:

-Да, филмот беше многу добро прифатен, со оглед на тоа во какви услови го снимавме, во жижата на Ковид кризата со редуцирана екипа без која овој филм не би изгледал така како што изгледа. Затоа морам да ги споменам сите зад камерата кој даваа над човечки напори. Тоа се Љубомир Стефанов, Горан Кан, Фејми Даут а огромна заслуга има и Мартин Иванов кој огромниот материјал заедно со Тамара успеа да го смести во триесет минутен филм. И на крај фала и на ОХО Продукција која без резервно и самостојно влезе како продуцент на филмот“, изјави Микиќ.


Весна, освен редовниот ангажман како харфист во Опера и Балет, држи и приватни часови по харфа, повремено свири и во Косовската Филхармонија а исто така свири и на разни настани за кои вели дека за жал во ова време на пандемија се многу поретки. Нејзиниот сопруг пак, игра и во филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски.

-Откога завршив со снимањето на филмот „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски имав доста ангажиран период. Ни се случи Сараево Филм Фестивал и премиера на Solo Mode. Потоа играв во новиот краток филм на Ѓорче Ставревски, играв во Словенија една епизодна улога, снимав и еден краток студентски филм и ме очекува снимање на „Преспав“ и една епизодна улога во филмот на Кастриот Абдули“, изјави Микиќ кој подготвува и монодрама во МНТ.


-Одамна ја имав прочитано книгата „Тибам Штркот“ на Зоран Спасов Зоф. Книгата е многу забавна и духовита и многу ми се допадна, па ми дојде идеја да ја адаптирам во сценско дело. Му ја препорачав на Јордан Симонов да ја режира, му се допадна и решивме да ја поставиме на сцената на МНТ. Сега во моментов ја работиме адаптацијата а публиката се надевам ќе има можност да ја види во првата половина на декември. Претставата ќе се вика „Торонто Експрес“, вели Микиќ.

ТВ гледачите последно го следеа во сериите „Фамилијата Марковски“ и како попот во „Преспав“, па го прашавме има ли и други серии во најава и за неговото мислење околу понудата на домашни серии.

-За жал продукцијата на серии кај нас е многу оскудна. Годината кога ја снимавме првата сезона на „Фамилија Марковски“ се снимаа уште три серии. Тоа беше само еден блесок во македнската продукција, кој за жал кратко траеше. Се надевам дека пак ќе дојде такво време.Морам да кажам дека со Милчо Манчевски имав одлична соработка, некако се погодивме на иста бранова должина и се надополнувавме во она што тој го бара од сцените и што јас нудам како актер. Инаку го толкувам ликот Карамба, тоа е скромен човек и малку му треба да биде среќен, малку ракија, кајмак и две жени“, искоментира Микиќ за филмот „Кајмак“.

Весна пак ни зборуваше за харфата како нејзина примарна професија., и за тоа дали кај нас може да се живее само од музичка уметност.

-Тоа е моја примарна професија и никогаш не сум престанала да работам како харфистка. Вработена сум во оркестарот при Националната Опера и Балет и како што живеат и другите музичари така живеам и јас, скромно“, вели Весна.

За крај, оваа симпатична двојка ни раскажа како е кога двајца уметници живеат под ист покрив.


-Двајцата се занимаваме со уметност, ама немаме иста професија, јас сум музичар а Микиќ е актер. Глумата е моја втора љубов и со неа се занимавам од хоби“, вели Весна.

-И двајцата знаеме што значат проби во театар и снимање филм и за тоа имаме големо меѓусебно разбирање. Весна многу ми помага при учење на текстови и е моја голема потпора и прави огромни жртви обезбедувајќи ми ги сите услови за непречено да се посветам на професијата“, открива Александар за својата сопруга.

Милица Џаровска