Булинг и мобинг

Добивај вести на Viber

Уште кога бев дете наслушнував муабети од постарите во кои одвреме навреме се провлекуваше реченица која ми остана во сеќавање, а која гласеше “види го детето и ќе знаеш какви му се родителите”. Не баш дека на тие години ми беше јасно како може да го погледнеш детето и да му го знаеш семејството, ама отпосле, кога пораснав се’ си дојде на свое место. Сите ние сме производ на она што сме го гледале и слушале дома, условите и околностите под кои сме живееле и како сме биле воспитувани. Секој кој растел во услови на кавги, навреди, малтретирање, го прифатил тој начин на комуникација како нормален и секако дека во подоцнежни години ќе го практикува како нешто што е сосем ок. Децата кои биле растени во атмосфера во која има почит меѓу домашните, отсуство на висок тон и навреди при разговарање, израснуваат во луѓе кои секогаш бараат алтернатива за мирно решавање на сите конфликти.

Она што е поразително за сите нас е фактот дека се’ почесто гледаме и слушаме како меѓу децата има булирање или попросто кажано, малтретирање заради материјална состојба, изглед, интереси кои се поразлични од мнозинството.

Каде грешиме?

Дали основната грешка ни е што за да “купиме” раат по дома, им тутнуваме скапи телефони на децата, без притоа да имаме контрола врз тоа што гледаат и слушаат? Дали сме станати толку себични и бескрупулозни па ги учиме дека треба да газат врз послабите и поразличните, без да помислат на последиците? Дали сме ние примерот (а убедена сум дека сме) и мислат дека е во ред да гњават некого само затоа што им се може? Домашното воспитување затајува, дел затоа што и дома сме здивени, дел затоа што ги оставаме да се “исчеличат” преку доминирање врз други деца. Дома имам тинејџерка од која секојдневно слушам за примери во кои булирањето е веќе престиж. Потсмевање и јавно исмејување на деца кои имаат ваква или онаква градба на тело, фризура, дали имале модерен или постар модел на телефон, дали носеле фармерки или патики од лани или од браќа или сестри. Како да се наоѓам во светот на возрасните, воден од мрсулави деца кои треба некој да ги подбере убаво и да се стави точка на навидум невиното задевање, кое може да има страшни последици.

Кога беше Нина во градинка, во групата дојде девојченце кое беше најмало по години од сите. Мојава која уште непроодена покажуваше изразена емпатија кон се’ околу неа, прва склопи другарство  со девојчето и ја зеде “под свое” за да не ја задеваат. Тој однос продолжи и во основно кога одеше на одмор да си ја види другарката која беше едно одделение после неа, за да биде сигурна дека се’ е во ред со неа. На крајот од деветто одделение, кога имаа задача да пишуваат за една личност која им оставила впечаток, нејзина соученичка пишувала за Нина и големината на нејзиното срце. Кога сите овие работи ги дознавав, знаев дека голем дел од мојата работа како родител е успешно завршена. Ќе има подеми и падови, нема да биде можеби првенец на генерација, можеби и нема да ги има сите петки до матура, ама знам дека имам дете кое ќе остане запаметено како емпатично, секогаш тука за да сослуша, прва која ќе застане за да каже НЕ за дискриминација....и верувале или не, душата ми е полна.

Проблемот со булингот кај децата е честопати занемаруван или му е намалена тежината со она класично “мора да научиш да се одбраниш”, “и во мое време имало лоши деца”, “не претерувај, кај баш тебе те наоѓаат”. Забораваме дека сите деца не се исти и дека некои имаат нежна и кревка душа и едноставно не знааат како да се одбранат, а одбивањето од дома да се согледа проблемот во сета негова сериозност, дополнително фрустрира. И како што се развива технологијата, се развиваат и облиците на булинг. Сега е модерен сајбер булингот, каде социјалните мрежи се плодно тло за малтретирање. И додека сите сме улулкани во нашето секојдневие, некои деца имаат тешки психолошки кризи кои за жал, знаат да завршат и кобно.

А оние кои булираат, утре израснуваат во погани луѓе кои ќе газат преку лешеви за да стасаат до позиции и да продолжат со булирањето или мобингот врз колеги, соработници, потчинети. Па ќе се судирате со простаци кои ја користат моќта (притоа заборавајќи дека ништо не е вечно) и ќе ви се силат преку оговарање зад грб, потсмевање, поткопување на вашиот авторитет преку ширење невистини, трачеви, ставање сопки со измислени грешки кои не сте ги сториле. А такви ги имате за со лопата да ги ринете. Ако сте кршливи, ќе си навлечете болести кои ќе ве чинат здравје и живот, а нив и тоа нема да ги спречи за да се изживуваат врз вас. Простотилакот и гласотилакот оди дотаму што за некого ќе станете само бројка во колективот, за отворено да ви се каже дека сте заменливи (впрочем како што се и тие, ама силата која си ја земаат не им дава да го согледаат тоа). И не можам а да не спомнам дека доброто воспитување и стравот од губење работа и казни доведуваат до состојба во која човек само голта, додека еден ден не се удави од горчина и јад.

До каде сме спремни да одиме со замижување пред очигледен проблем со кој се соочуваме? До кога ќе толерираме деца кои се излезени од дома со цел некого да повредат? До кога ќе молчиме за мочковци кои мислат дека се над сите закони?

Ако за нешто немам грам толеранција, тоа е за малтретирање од било кој вид. Ми малтретираш дете, ќе го јадеш стапот и ич не ме интересира чие дете си. Ако сум апелирала до училиште или родители дека има проблем, а детето ми станува сенка од она што било, спремна сум на се’. Јавно истапување со имиња и презимиња, тужби, кривични пријави, медиуми. Не сум донела богатство на светов за некоја будала да го шиканира и да му ја земе младоста. Ќороста за ваквите појави е само мрза за да се решат, оти бара борба и истрајност. Училиштата се должни да реагираат, родителите на децата кои се предмет на булинг се должни да побараат решение за проблемот, родителите на децата кои практикуваат булирање се должни да си ги спастрат по дома малите насилници. И не само тоа, имате обврска кон себе и оние кои ве сакаат да се грижите за своето ментално и физичко здравје и да им се на*бете мајке на сите кои ви го поткопуваат.  

Слушајте ги и гледајте си ги децата многу внимателно, прашувајте и ако треба бидете и досадни во обидот да дознаете дали имаат проблем и дали нешто ги мачи. Она што за нас како возрасни е мачкина кашлица, за нив е цела планина. Ќерка ми е мојот свет, а секој кој ќе се усуди да ми го чачне светот ќе биде соодветно казнет. И ќе одам до крај за да спречам да ми биде уништен тој свет. Да не релативизираме проблеми со “абе деца се, ќе го решат тоа меѓу себе”. Некои работи се посуштински од караница за мастика, гума за бришење или кој до кого да седи.

Давам безусловна поддршка за сите родители кои го имаат овој проблем, па и за возрасните кои се соочуваат со булинг и мобинг. Доста беше молк, време е да се дејствува.

И за крај, прочитајте ја брошурава и реагирајте во училиштата во кои учат вашите деца. Секое дете е богатство и дар, да не дозволиме ниту едно да е третирано помалку од тоа.

http://zsd.gov.mk/wp-content/uploads/2021/05/Brosura-vrsnicko-nasilstvo-2019.pdf

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

За дете не поминува

и боли

а не знаеш зошто

ама боли од мигот на зачнување

дур во себе го носиш

со рацете на стомакот

како да го штитиш

да го покриваш во себе

и ќе го износиш

цел универзум од себе ќе извадиш

кој тежи едвај неколку килограми

и потем цел живот така

ќе плачеш со него

дур сестрата вакцини става

та ќе ти иди да ја плеснеш по рака

и да ја отераш во мајчината сосе шприцот

ќе лелекаш на првото запче

одраното коленце со бакнежи ќе го покриваш

и дур спие ќе проверуваш дал дише

на секоја температура ноќи ќе бдееш

и душата ќе те боли

а ко ќе порасне

не дека нешто ќе се смени

ете

ќе сакаш од луѓето да го штитиш

а знаеш дека не можеш

дека по својот пат ќе врви

ама ќе те боли

секоја солза

и секој трепет

како твој да е

та ќе проколнуваш

оти не можеш да го покриеш

со раце да го заштитиш

како во стомакот дур ти спиело

таа болка

таа никогаш не минува

само други облици добива

чекање на прозорец дур се врати од некаде

тахикардија дур се јави

повторно од некаде

не поминува

никогаш не минува

и не слабее стравот

а како врват годините

стануваш ко баба ти

па се молиш

иако во Господ не веруваш

и си велиш

“само со ред да е, со ред да биди”

оти за дете

за дете не поминува.