БУСТЕР НА ДУХОТ
Некој да ми кажуваше дека втора година по ред првата колумна во годината ќе ми биде „инспирирана“ на г-ѓа Корона, ќе му речев дека е „улав“ (како што мојот сопруг битолчанец ми вели мене). Се сеќавам како на почетокот на пандемијата, пред скоро две години, мислевме дека „ова чудо“ како што дојде преку ноќ, така, преку ноќ и ќе си замине, па калкулиравме со рокови до летото 2020. Потоа се надевавме на само уште еден есенски бран за да ѝ кажеме збогум на пандемијата, па ај да помине зимата... па дојде пролетта и вакцините и тоа ни даде надеж дека ситуацијата конечно ќе се стави под контола… за денес, додека ја пишувам оваа колумна, да размислувам дали откако ќе го затворам компјутерот да одам на бустер – трета доза.
Се сеќавам и на тоа како везев еден текст во кој се прашав - дали да се пишува во време на корона е како да се љуби во време на колера? И не бев единствената што очајно се обидуваше да ја романтизира ситуацијата. Голем број луѓе пишуваа духовити асоцијации по социјалните мрежи - „љубов во време на корона“ и слични хумористични досетки по нивните Фејсбук профили, за набрзо потоа сериозноста на ситуацијата да нè пикне во глувчешките дупки на стравот. Хуморот е познат механизам за преработка на непознатото!
Малку потоа влегов во фазата: „соочувањето со стравот нека ми биде предизвик за духовен раст“, што беше само уште еден од начините со кои се обидував да си ги скротам чувствата на неизвесност и паника. Во секој случја, да се прифати предизвикот да се зборува без перде за личните емоционални состојби низ кои човек минува во ова радикално променето секојдневие, во кое стравот од смртта нè потсетува колку ни е мил животот, е еден од психолошките механизмите да се преработи чувството на беспомошност, чувството дека сме само зрно во универзумот, покршливи од што мислиме...
Деновиве постпразнично (да не речам постапокалиптично) соочени сме со четвороцифрени бројки на новозаразени, овој пат со уште побрза трансмисија на т.н. сој омикрон. Вирусот се шири брзо и рапидно! Не познава раси, нации и класи, а границите ги минува брзо како со дипломатски пасош. Некои патувањата почнаа повторно да се откажуваат. Тоа ме потсети на времето кога авионите престанаа да летаат, државните граници почнаа да се затвораат, училиштата и градинките ставија клуч на врата, па дури и „швалерајот“ доби полициски час! Пандорината кутија не била добро затворена...
Пред само две години, непосредно пред почетокот на глобалната здравстевна криза, некој да ми кажуваше дека ќе треба да се затвориме во своите домови ко бетонски кутии, изолирани од луѓе и социјални активности, без слобода на движење, во карантин и изолација, без културни настани, кино, концерти, фестивали, кафулиња, ресторани, шопинг и факинг... дали ќе поверував во вакво апокалиптично сценарио? Дали ќе можев да ги замислам најубавите градови стишени и пусти? Празните улици во светските метрополи низ кои луѓето вообичаено наликуваат на мравки што брмчат на сите страни? Небата без авиони? Игралиштата без деца? Ќе ми се чинеше пострашно и од војна...
Имено, никој од нас не можеше да претпостави дека човештвото во 2020 година ќе се соочи со најголемата опасност во последново столетие! Промената дојде преку ноќ и нè фати неподготвени за комплетно новите животни навики. Некои од нас полесно се адаптираат на промени, некои тврдокорно се држат за своите усвоени животни патерни. Но не преживуваат најсилните, туку оние кои најдобро се адаптираат на промените. Затоа, со отвореност решив да му пријдам на секојдневието обременето со лоши вести, здравствена и хумана криза, економска рецесија, црни статистики, медиумски слики од респиратори и болнички кревети, маски, гелови за дезинфекција, мутации...
И бидејќи секогаш сум сакала да го барам зрнцето добро во лошото (Јин-Јанг), оптимистот во мене беше погласен во мојата внатрешна духовна дебата на тема: дали оваа криза ќе ни донесе и нешто позитивно? Ја свртив другата страна на паричката и се обидов да ги побарам работите што би можеле да го сменат светот на подобро. Природата ќе одмори малку од нас, беше првото што си го помислив. Човековата доминација и експлоатацијата на планетата ги надмина сите граници! Загадувањето ќе се намали. Консумеризмот ќе падне на колена. Однадвор полека ќе се свртиме кон внатре, кон себе си. Ќе имаме повеќе време да бидеме самите со себе и да си ги поставиме егзистенцијалистичките прашања – кој(а) сум, кој(а) сакам да бидам? Конечно, ќе имаме повеќе време за најблиските – за партнерите и децата. Неизбежно и повеќе време за читање и за играње.
Играта е клучна активност во човековиот развој, но во современото, хиперактивно, технолошко општество во коешто приматот на работата, капиталистичката мантра за профит и недостигот на слободно време се главните меинстрим струи, времето за игра и за задоволства е истуркано во некое ќоше. Или, како што тоа убаво го објаснуваат некои теоретичари, низ процесот на фетишизација на работата, отелотворена во тоа дека човекот е „Хомо фабер“, на сите страни се создаваат зависници од работа, па дури се создаде и терминот „воркохолик“. Како противтежа на тоа е антрополошката одредба на човекот што го врзува не за работата, туку за играта. Ова некако ми дојде како утеха за она што ни се случува како последица на коронавирусот. Се прашував дали животот ќе почне да наликува како животот на село, без семафори и хистерична брзина, без диско и светлечки реклами, без спортски кладилници, казина и билборди... онака како што до пред само сто години живееја нашите предци. Во хармонија со природата и животните, а не под диктат на потрошувачката и профитот! Планетата почна да дише, ние сме на респиратори!
И додека се обидував да ја романтизирам ситуацијата, поминаа скоро две години, а другарот Ковид не ги напушти нашите расчупани животи! Во меѓувреме се сетив дека немаме сите исти услови и дека не секаде релациите со луѓето со кои сме затворени во заеднички дом се добри и подносливи. Некои од нас живеат во големи куќи со пространи дворови, некои во станови со модерни технички уреди, со сите можни помагала што го олеснуваат секојдневното функционирање, огромен број на ТВ канали, Нетфликс и неколку лаптопи по глава на жител, додека други живеат по неколку луѓе во 40 метри квадратни, со генерациски јаз и различни вредносни системи. Го забораваме ли менталното здравје како уште еден важен фактор во оваа пандемија?
Стравот, стресот и паниката што влијаат на сите нас ја сменија личната, партнерската и семејната динамика. Психолозите велат дека „самата стресна ситуација прави некои партнерства и семејства да се фузираат повеќе, барајќи поткрепа, заштита и сигурност едни од други, но овој период дефинитивно може да биде и извор на фрустрации и конфликти, особено кај партнерите што имаат различни стилови на справување со стресот“. Читајќи ги размислувањата на психологот Ивана Хаџиванова си го потврдив она што цело време го размислував: „Стравот, паниката, загриженоста и лутината лебдат во речиси секој пост и статија. Стравот е вграден во нас, тој е базична емоција и е очекуван во ситуацијава, бидејќи тој како емоција има заштитна функција. Но, ако едниот партнер има тенденција да се однесува проактивно, а другиот премногу пасивно, потценувајќи ја ситуацијата, дефинитивно тоа може да биде тешкотија и причина за конфликт. Сите, ние, не ги искажуваме емоциите на ист начин и немаме исти реакции и психолошки одбрани. Некој ги празни емоциите со голема вербализација, а некој, пак, молчи. Tоа се две целосно различни реакции. Начините како реагираме имаат комплексна заднина и влечат корени од примарното семејство, од претходните трауми, а зависат и од темпераментот и карактерот на една личност“ (Хаџиванова).
Истражувајќи понатаму за тоа како оваа криза влијае, стигнав и до дисфункционалните семејства. Статистиките покажуваат дека за време на пандемијата драстично е зголемено насилството во домот, родово-базираното насилство. Неизбежно е да се согласиме со ставовите на експертите кои велат дека Ковид-19, најголемата закана во последните сто години за човештвото, освен што ја нарушува здравствената состојба со фатални последици, многу влијае и на менталното здравје на луѓето. Да не заборавиме дека има и луѓе кои периодов работат од дома со „децата врз глава“.
Да заклучам… Не знам колкумина од вас празнициве ги поминаа опуштено - семејни прослави, групирања и журки по кафеани… но за себе знам дека ова ми беше најтажната нова година. На први јануари не отидов на традиционалниот ручек кај моите родители, за паричката на Бадник се собравме во лимитиран фамилијарен број, а сите други денови останав дома, читав книги, гледав филмови, и единственото излегување ми беше кога ги носев детето и кучето на Водно или во парк. Не дека тоа не ми беше доволно, но секој ден одново се прашувам дали на нашите деца им недостигаат повеќе другарчиња, веселите детски родендени и сите други активности од кои ги лишуваме во име на болеста. И дали и мене очајно ми недостига моето друштво, патувањата и слободата?!
Осаменоста тропа на врата, одам да ѝ отворам…
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој