Тука сум се родила, тука ќе си пукнам

Добивај вести на Viber

Прво министер за здравство и тоа ич не прославен, а сега претседател на партија (ако тоа воопшто може веќе да се нарече партија), со нијает да стане премиер.

Иако мислам дека, да си што било во Македонија, не само што не е никаков предизвик, или напредок во животот, туку е срамота и греота, што би рекла баба ми.

Се срамам додека го мислам ова, а уште повеќе се срамам и додека го пишувам.

И срам и грев ми е што морам се ова да го гледам, да го слушам… Да го живеам на крајот на краиштата.

Тука сум се родила, туку ќе си пукнам.

Не само што не претркаа сите, туку и Албанија, од кај што се враќав некња од море, ми се чинеше ко да се бар 50 години пред нас.

Дури и ова ми звучи веќе неоправдано потценувачки.

Па зошто не Албнија!? Па ете божем немаа ни патишта, ни инфраструктура, ни архитектура, ни култура, ни уметност, ни традиција, ни ништо, а сега некако се исправаат и оправаат.

А ние!?

Ужас…., срам ми е. Многу се срамам.

Стварно не мислев дека, ќе се доведам до ова дереџе вака да се чуствувам некогаш во животот, по било кој основ. На крај памет не ми беше, дека некој, било кој ќе ме доведе до тој степен, да ми се трошат и последните трошки надеж.

Сакам бре да живеам нормално и во нормална земја.

Многу ли е тоа!?

И толку ли е тешко тоа да ми го овозможите!?

Да работам, да создавам, да мислам, да креирам… да допринесувам со тоа што го знам и умеам за убавината на мојата земја и за мојата лична убавина. Убавина на живеењето.

И секој еден од нас да го прави ова.

Зарем толку не умеете да “го хендлате“ овој толку питом, трудољубив, надарен, добронамерен…, толку кроток, посветен, итар и вреден народ.

Сите овие волшебни особености на мојот народ ги ставивте во своја служба. За лична корист, за лична слава и моќ. Само за да можете со тие пусти пари да го купите сето она што природно не ви е дадено во животот.

Зарем никој никогаш не ви кажал дека од секое дрво шупелка не се прави. Ма ви кажал, сигурно ви кажал.

Ама, не! Не само што не сте заушиле, туку ко сивоњи сте тргнале да ги излечите сите комплекси, кои произлегуваат токму од тоа “сакам да сум нешто што не сум“.

Опасни игри се тоа бе луѓе. Прво за вас самите.

Во гроб ќе се превртувате од сиtе овие нечесни игри што ги создавате.

Се собравте прво неколку слични, или исти едни на други, па направивте стратегии, кој само недоделкан и кварен ум, желен за власт може да ги направи и почнавте со измама да собирате народ и народност.

Сета наивност, кроткост, добрина и простодушност на мојот народ ја искористивте за да ве гласаат.

Ко Велики Брат ве доживувам, јебеш му матер.

Чувството за ритам, за такт, за игра за смеа, за радост, на мојот народ, целосно го превртевте наопаку и го искористивте за да се сладите од сопствените толку мрачни и брутално извитоперени игри.

Еднаш еден психолог, мајстор на својот занает ми рече “како што знам да “оправам“ луѓе, исто така можам и да уништам. Само, ако сето тоа го превртам наопаку. Ете така вам ви дојде мојот народ “на ноги“, ви се даде со сета своја добрина и искреност и вие точно така наопaку ја искористивте.

Абе човеку, ако си завршил медицински факултет, ако си бил упорен, посветен, надарен од Бога, да бидеш хирург, да се бавиш со оваа толку благородна и човечна професија, зошто се плеткаш таму каде што не ти е местото!? Зошто!? Чуму!?

Биди си тоа, за што Бог те обдарил.

Колку едното со другото не оди. Ах, само колку едното со другото не оди.

Зарем не сфаќаш дека со тоа се гледа твојата похлепност, твојата желба за моќ и слава. Не е тоа терен во кој што ти знаеш и умееш “да оперираш“.

Зарем на таа карта си дозволуваш да играш!? На белиот мантил!?

Го жртвуваш она на кое посвети 15-20 години од твојот живот. За што!?

За слава, моќ, пари и прв ред на концерт. Или пак толку е голем “путерот на глава“, што сега само ваква функција те спасува и ти дава имунитет.

Само не заборавај дека онаа справа, што како деца ја викавме “диши-издиши“ (стетотскоп), ти е дадена не случајно. Дадена ти е, за да знаеш кога треба да земеш длабоко воздух, кога треба да издишиш, а кога треба да задржиш. Ама ти си мислиш дека со неа, само туѓите “гради“ и душа ја слушаш. Не! Не е така. На твојте гради и на твојата душа виси оваа справа. А ти во моментов земаш повеќе воздух, отколку што душата ти може. Повеќе, отколку што ти е дадено.

П.С Нам, сите вие, имунитетот ни го донесовте до пламенче, кое едвај гори, ама белким некогаш и вашиот имунитет ќе изгори.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу