Цената на слободата

Добивај вести на Viber

Една од најважните лекции кои ги добив од татко ми, беше дека секоја моја постапка или одлука во животот ќе има цена која треба да бидам спремна да ја платам.  Отпрво, додека бев помала (или попрецизно, помлада), не ја разбирав суштината на кажаното. Подоцна во животот не само што ја сфатив неговата лекција, туку и научив да бидам мудра и да не се преценувам или потценувам за она што сум спремна да го живеам и да стојам зад моите постапки, без оглед на последиците. Таа проценка ми го даде најважното нешто во животот, а тоа е слободата да сум она што сум и што е уште поубаво, да не чувствувам срам или страв од тоа. Да се разбереме, сите ние имаме потреба од тоа да бидеме прифатени од околината и да не сме осудувани. Тука се ставам и себе, онаа Ана која беше се’ она што другите очекуваа да биде.

Од сегашен аспект, можам да кажам дека тоа е прилично исцрпувачка работа. Очекувањата се секогаш поголеми и прилично различни, што и не остава баш простор човек да застане и да се преслуша себе. Впрочем, не мислам дека нашата мисија на оваа планета е да изживееме еден просечно добар живот (што и да значи тоа) кој ќе е одраз на она што другите сметаат дека треба да го живееме. Храброста да се стави точка на воспоставениот калап е не само со голема цена, туку и нешто што им пречи на оние околу нас. Синдромот на стадо е она што ја прави заедницата да се чувствува сигурна и без потреси. Животот вон калап знае да биде исцрпувачки, ама на крајот од денот, задоволството е големо.

А калапот се гледа и од најмалите ситници. Како тазе мајка се соочив со тирада од една постара госпоѓа која уште што не ми викна социјални служби кога дозна дека ќерка немаше наполнето 40 дена додека ја шетав надвор. Па каква мајка сум била, па како не ми било срам итн. После беше на тапет доењето, оти доев во моментот кога ќерка ми ќе отвореше уста за да заплаче. На клупа, во кафуле, на улица, дома, по гости. Ставот и ден денес ми е дека оној кој гледа нешто навредувачки и сексуално во чинот кога мајката го дои детето, има проблем во умот. За разводот да не зборувам. Пуф, наеднаш снема луѓе од мојот живот. Па дознавав пикантерии за разводот кои отпрво ме фрустрираа и ме вознемируваа, за по некое време да почнат да ме забавуваат. Моето седење по кафулиња и кафеани сама, е посебна приказна. Од пуштање пијачки, оти нели жена кога седи сама некаде си го бара, до гледање попреку ко да не сум токму.

Да бидам искрена, патот до слободата ме чинеше многу преиспитување, напор, нерви и расчистување на сопствените предрасуди. Јака штикла кој што ќе каже! Имам пријателка која вели “луѓето и вака и онака ќе зборуваат, гледај си го ќефот”. Особено што мојот ќеф никого не загрозува и од ниту еден аспект не претставува опасност за околината. Но, сфатив дека да си различен во ставовите, размислувањето и начинот на живот е сепак опасност за оние кои не се избориле за својата слобода. И не, не е слободата во тоа сите сега да се разведете (се шегувам), туку да си живеете по своите убедувања. Познавам жени кои одлично пејат. И кои не го прават тоа од наметнат срам. Добивам во инбокс прекрасни поеми, раскази кои бел ден не виделе, затоа што некој паушално си дал мислење “абе ај, глупости”.

Пишувањето ми беше терапија. Јас и онака во живо сум скржава на зборови, така што со пишувањето вадев од себе се’ што ме мачеше, плашеше или ми беше некаква радост или болка. До овој момент, кога ја пишувам колумната, тврдам дека има многу подобри пишувачи од мене. Но, никогаш не бев оптеретена со тоа. Како што вели една моја другарка “за секого има место под ова небо, а и на него”. Искреноста и ставањето себе на хартија, без да се мислам како ќе бидам разбрана, ме ослободи од стравот дали ќе сум исмевана (а сум и сум била), осудена или презирана. Тоа сум јас, ваква каква што сум. Можете да ме читате, а можете и да ме прескокнете. Да бидам искрена, ме изненади љубовта која ми беше дадена со секоја објавена песна. Сфатив дека кажувајќи го она што ми лежи на душа, ослободувам луѓе да се прифатат себе и своите емоции. Таа возвратена енергија само ми ја потврди исправноста на она што го одбрав во животот.

Цртајте, сликајте, гответе, пејте. Правете го она што ве прави среќни, оти овој живот е премногу краток за да го минете во калапот. Љубете, родете деца или не ги раѓајте ако не сте спремни. Влезете во брак или живејте во вонбрачна заедница (поповите ќе ме пратат во пеколот за ова). Не се замарајте со ситни души и душегрижници кои секогаш ќе знаат подобро од вас што треба да правите и како треба да се однесувате. Слободата за која зборувам е меч со две острици. Ќе бидете ставени на тапет, ама ќе спиете мирно. Или, одберете да живуркате. Цената на општото прифаќање и одобрување е внатрешно незадоволство, кое (од искуство) не би ви го препорачала.

Славете го животот секој ден, а не во денови предвидени за тоа. Празниците минувајте ги онака како што ви налага душата и срцето. Не се потресувајте за формалности кои ништо не значат.

Слободата да го живеете животот онака како што заслужувате и сакате нека биде императив. Не ја продавајте евтино за нечие климање со главата. Дозволете си го луксузот да бидете различни и исчекорете од сопствените рамки. Ќе си ги изострите сетилата така. Ќе видите дека ќе дишете со полни гради. Е сега, некогаш ќе ве жегне кога ќе добиете прекорен поглед или она “ццццц”, ама брзо минува. Третиот пат нема ни да ви трепне окото на тоа.

Вашиот пример ќе е пример за вашите деца. Нив ќе ги научите да се свои, без да трошите многу зборови или да ги убедувате. Онака како што живеете, такви потомци ќе израснете. Направете ги борци. Нека научат и знаат како да дојдат до себе и како да си ги вреднуваат сопствените принципи.

Денес нека ден-почеток за промени. И не се плашете од нив. Крајниот резултат ќе биде секогаш во ваша корист. Да сте ми живи и здрави. Да сте слободни во себе и за себе. Таа борба секогаш вреди.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Ниту една крв поцрвена не е

од онаа која ќе ја пролееш

за тие кои најмногу ги љубиш

ниту една крв погуста не е

од онаа која ќе капе долго и тешко

за тие чија смрт со твојата ќе ја замениш

ниту една воздишка не боли повеќе

од онаа која ја испушташ

за да се збогуваш со себе

и ниту еден вресок погласен не е

од оној кој телото ти го распорува

кога душата в кафез ти трепери

што би дал во замена за својата слобода?

или не! Не така, туку...

што би зел во замена за својата слобода?

колку чини вдишувањето и издишувањето

кога знаеш дека свој не си

та со полни гради бескрилни птици во небото гледаш

а таму огледало полно олово

и ти треба време

ах, време ти треба за да се видиш

да се препознаеш и да се одвоиш од толпата

еј

дали скапо би ја платил смеата која ти врие во гркланот

и чекорењето без страв од својата сенка

колку ти чини водењето љубов без синџирите во себе

кои те прават роб на навики

кажи ми!

колку ти чини слободата?

онаа која не умееш да ја видиш

ниту пак правилно да ја испишеш

за да можеш барем во себе да ја исчиташ

или еве

колку те чини слободата?

ако оставиш зад себе смет

и раце полни неважни допири

туѓи накарминисани усни

и облици по калап редени

туѓи мисли и искривени слики

та почниш да ровариш во она што од душата ти останало

ќе имаш ли сила

или барем храброст да започнеш

да ампутираш се’ што затруено ти е

без страв дека можеби од тебе ништо не ќе остане

м?

еве, во очи гледај ме и кажи ми

колку ќе бараш за својата слобода?

кому ќе ја продадеш и за колку

имаш ли цена до која грчевито ќе се држиш

или ќе дадеш попуст на оној кој прв ќе се јави

колку ти чини душата, душо моја?

и дали на срцето етикета имаш

на која неколкупати цената е прецртана

за да се продадеш барем за нешто ситно

колку

колку ти чинат соништата и ти

слободата...и ти