Чек да брцнам во ташнава: Тома

Добивај вести на Viber

Синоќа го гледав “Тома“.

Вака на прва ми иде да речам, голема работа дека си гледала филм. Милион филмови имаш изгледано во животот, па што!? Не е тоа некој биг дил.

Ама во последно време, откако времево комплетно го измени својот суштински идентитет, некако и ние луѓево сакале или не ја менуваме својата “битност“.

Отвараш социјална мрежа и наеднаш читаш статуси на еден куп луѓе, кои зборуваат само за тоа.

Принципот на “стадо“, ужасно ме поразува. Се обидувам како за сламка да се држам за сопствените индивидуални и уникатни обележја. И не секгаш ми успева. И после тоа се осеќам шит. Кај сите Турци, таму и гол Асан работава.

Речиси сите од луѓево, по повод “Тома“ објавија унифицирана емоција. Сите плачеле, сите не можеле да си дојдат на себе, сите три дена им требало време да се совземат. Некои го гледале во друштво на флаша ракија, други се одземале после тоа… Како и да е филмов “раскенка“ многумина.

Уф мајку ми си велам, дај да се наоружам со одбрамбен емотивен штит и да седнам да го изгледам филмов.

И онака во последно време сум нешто емотивно лабилна, па си велам немој филмов да ме фрли во некој амбис, па уште толку да се разнебиднам. Имам ја таква “жичка“, кај што знам да забегам “грлом у јагоде“.

Прво!, ова ми е многу важно да го кажам. Уште на почеток.

Речиси и да нема песна од Тома, која не ја знам дословно. Си ја поминав поштено таа кафанска фаза од животот. И београдски сплавови и Скадарлија и своеврсни биртии и музиканти до дома и музиканти на повик дома и сите пари на музика и “чаше ломом“ и све…

Све по ред, за некој, кој може да “мрси муда“ на овие теми.  Не сум била баш само на Пинк Флој у ране младости. Не, не! Дапаче.

Широк ми е спектарот на конзумирање не само на уметност, него и на живот во целина. Сум сакала и вака и онака. И “џак и свила“. Поштено.

И сѐ уште сакам. Малку ме стасаа годинки до душа, па сега кога главиме до ниедно време, утредента ко варена нога сум. Ко воз да ме прегазил. Ама ако треба да се гине, ќе се гине. За кафану и лепо друштво. За краља и отаџбину.

Нема муабет дека Тома е вонвременска димензија. И не само Тома и Цуне и Тозовац и Ханка и Химзо и цела таа блескава генерација музичари и изведувачи, или артисти, кои одбележаа едно време со многу кафански букви.

Има некои музичари на кои им е дадено од Бога да останат скоро засекогаш.

Тома е еден од нив. За Цуне и за Химзо, Ханка… и некои други треба бајаги да си у душа кафански, а за Тома, може да си увек спремен. Тома е Тома. Јебига. И тоа е така.  Има таму нешто во неговите песни, што во некои доба и околности во живот може така да те акне и да забегаш ко вол у купус. Малку треба, па дури и сам дома да си сипаш ракија и да си го слушаш Тома. И тоа сум го правела. Поштено. Се дур можеш да се носиш со вакви фази у живот, треба да ги поминеш. Со сите нишани. Џамлии на време се играат.  А не после со пари од буџет да тераш ќера. Ама за тоа друг пат.

Го пуштаме филмов и прв кадар село во близина на Лесковац и нормално типична-уникатно српска приказна. Мајката тивка и безгласна сенка, таткото со сатар у рука коле свиња, а Тома и брат му јадат заушки, за шо да е. За да знаат да поштујат. Рецимо.

И немам тука никаков проблем со тоа. И ја сум јадела такви заушки во животот. И мислам дека децата треба да јадат заушки ете така, за да знаат да поштујат. Ко Насредин Оџа. Прво ќутек, за секој случај. За ако згрешиш, да не морам после да те “млатам“, него веќе да си го имаш добиено следовањето. Наречено ќутек. Кој нели од рајот излегол. И ја до ден денеска мислам дека е ова исправо. А не ко ова сеа. Да сум припадник на првата генерација луѓе, кои се плашеле и од своите родители и од своите деца. Ама и за ова друг пат. Да се вратам на филмот.

Проблемот кој почнува да ми го “копка“ жлудникот, дур го гледам филмот се факти, кои како такви, се претставени во филмот, за кои што не знам, дали се слободна уметничка фикција на режисерот, или се вистински факти од животот на Тома.

Дур го гледам филмов, паралелно размислувам дека не би смеело тука многу да се додава, бидејки има живи сведоци, на кои сигурно не би им било пријатно да се манипулира со приказнава поради комерцијални придобивки.

Тоа значи дека уствари приказнава е во добар дел, или во доабр процент блиску до вистината.

И бидејки никогаш порано кога сум кршела чаши на “Црни Пантери“ у Београд, не сум размислувала за ова, не сум ни знаела да бидам искрена каков бил животот, ниту пак карактерниот “сплав“ на Тома.

Она што го видов е приказна за човек, кој поседува талент, кафански-кантавторски талент од Бога даден. За таа дарба дното е најголем извор. Од таму се гребе инспирацијата. Тоа е такво гребење, како со нож, по сопствената душа. Таа крвари, а ти пишуваш песни. И бидејки не можеш да го надминеш тоа ти влегуваш во котелот на самоуништување. Мене тука ми се превртува утроба. Имаме ние еден таков лик. Се вика Игор Џамбазов.

Приказната е многу различна. Игор потекнува од сериозно уметничко смејство, со фасцинантен уметнички кредибилитет, а Тома од мало село крај Лесковац од родители кој не поседуваат никаква уметничка дарба, или барем не ја откриле. Но на едно место се допираат овие две приказни. А тоа е дека “Ти“, не можеш да се носиш со преголемата дарба, со која Бог те обдари. Ти имаш душа како планина за сите околу себе, ама не можеш да ја совладуваш. Поголема е од тебе, толку многу што те голта. И влегуваш во “принципот на самоуништување“. Ужасно себичен.

И мене ми е многу криво поради тоа. Јас сериозно страдам за луѓе, кои ова го доживуваат. А истовремено сум  им и многу лута, бидејки не успеваат да се издигнат над тоа и да се фатат во коштец со животот, односно да го фатат вистинскиот колосек. Иако знам дека немам право на тоа. Јас немам право да им се лутам, бидејки таква била нивната мисија. Едноставно за тоа се родиле.

Но имам право да го напишам ова. И тоа право никој не може да ми го одземе.

Дека отсега, па натака, секоја скршена чаша на “Шта ќе ми живот, без тебе драги-а“, ќе ме трезни ова чувство на лутина. Мајку ти твоју Тома, мораше ли она да ти го плати рачунот у кафана, прв пат кога после толку време дојде таа, тебе да те види.

И уште една сличност. Тома заврши на ВМА, и Игор за малце ќе завршеше у Воена болница кај Жан Митрев.

Ама на Тома, Силвана за жал му погина за да дојде и заедно да ги совладуваат хималајските уметнички, веројатно и љубовни димензии - тоа никогаш нема да го знаеме, а Илина се појави во вистинскиот час.

Тома не го сврте телефонот, иако се поврати, па токму тие три минути, можеби ќе беа пресудни. А Игор го сврте телефонот ѝ и рече- “сите сакаат да го запознаат Игор, а јас сакам да те запознаам тебе“.   


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата