Чек да брцнам во ташнава: Бидејќи ви се може, ВЛАСT сте, вие решивте да затворите све по списку

Добивај вести на Viber

Ги затворивте дуќаните во недела а!?

Голема работа завршивте! Мислам стварно.!

До тука дојде работава а?

Секоја чест.

Просто не знам како да ви се изна-аплаудирам.

Само не знам како го правевте спискот кој ќе работи, а кој не!? Како ја правевте селекцијата!?

Дали по принципот “мања-веча“, или по принципот “ме сака не ме сака“!?

За оние кои не знаат, едно време имаше во некои од скопските кафиќи, покер апарати и цело време на екранот трепкаа карти, а ти имаш на машинава две копчиња. Едното е за мања, односно помала карта од шестка, а другото е веќа, или поголема од шестка.

Ако погодиш, износот кој ти е влог ти се дуплира. На пример од илјада денари на две, па од две на четири, а ако немаш среќа и стинесш мања, а се појави осмица на пример, ондак губиш све.

Се ми се чини дека вие, освен мања, кога имате потреба од “линија мањег отпора“, па мања, кога имате мањак стручен кадар околу себе, и мања, кога ви мањкаат гласови за избори, цело останато време стискате веча.

Жал ми е што немаме меко ч во нашава азбукава, па еднаш ќе пишувам веќа, друг пат веча. Нејсе.

И овој пат стиснавте веќа, кога требаше да решите дека ќе затворите се живо и диво во недела.

Зошто веча!?

Бидејки вам само гласовите ви се битни и ништо друго. А тоа лесно се пребројува. Секако дека во тие што нема да работата во недела, има повеќе работници, отколку газди. Нив ќе ги заштитувате како мечки, со вакви ситно-профитерски одлуки, бидејки не сте кадарни да направите достоинствена работничка класа, а газдите кои треба да им дадат плата и кои плаќаат даноци, сметки, кирии, фирмарини, рушвети и други останати бутури нив кој ги е…

А вам, бидејки ви се може, ВЛАС сте, вие решивте да затворите све по списку.

И дуќани, кои не смеат да бидат затворени, поради природата на работата која ја работат и оние без кои навистина се може во недела.

На пример дуќани за пешкири, за облека, кондури, гуми, намештај, бои и лакови, козметика, автосалони и останати артикли кои баш и не мора да ги купиме во недела.

Мислам тросед, баш и не морам да купам во недела, или лак за нокти. Или кола.

Ама има работи, кои цел живот сме ги купувале во недела и само во недела. Секако дека може и други денови да се купат, ама недели си е недела.

Освен што во недела се оди на авто-пазар, се носи и кола на миење.

Во недела исто така се купува и цвеќе. Да, да драги мои.

Во недела кога се оди на ручек кај мајката, или кај свекрвата се носи и убав букет цвеќе.

Мене така ме учеа од дома. Не знам за вас.

Исто така, во недела, се носи и цвеќе на свадба. Повеќето свадби се прават токму во сабота-ноќна свадба, или во недела-денеска свадба.

Во недела се прават патронати на школи, останати чествувања. Во недела понекогаш се пречекуваат делегации, важни гости. За се тоа, треба цвеќе.

Во недела исто така, ако некој умрел во петок, или сабота се оди и на погреб.

И ако ти е близок човеков сакаш да однесеш саглам икебана, венец, или букет.

Не може!! “Титовото НЕ“!

И не само ако умре некој, туку најчесто во неделите се прават и помени. А тие се особено важни за оние кои прават помен на близок човек. Баба, дедо, мајка, татко.

И луѓето сакаат да однесат убаво цвеќе во таква пригода.

Е не може. “Титовото НЕ“!

Односно може, ама или ќе си ја купите икебанава ден порано, па така фино лепо, со црна трака, ќе си ја чувате една вечер дома на маса у трпезарија, или пак у гепек од кола нека ви отстои една вечер де…, што има везе. Голема работа! Или!, ќе си одите на пазар на оние импровизирани тезги кои ниту данок плаќаат, ниту придонеси, фирмарини, сметки, ниту било какви давачки.

Тие можат да работат, а дуќаните-цвеќари не можат.

Зошто, бидејки луѓево од началството бројат гласови и само тие им се важни. Секако дека многу повеќе има вработени, отколку газди. На еден газда можат да дојдат и сто, петстотини, па дури и иљада врабитени. Помножи-подели се знае кој е поброен.

И цел живот со такви мерки си играте дрндупка со нас.

Те бесплатни карти за жичара за пензионери, или па за скијање, те бесплатен јавен превоз во втроник, или петок, те ова, те она. Дрн-дрн јариња.

Знаете ли вие што му се случува на цвеќето во еден дуќан, кој е полн со цвеќе, ако не отворите еден ден врата!? И особено, ако има Сонце надвор! Знаете ли!?

Се смижурува.

Што е тоа смижурува!? Тоа ви е како вие кога ќе видите дека другите имаат повисок рејтинг од вас, па лицето ви станува како “увела ружа“. Е тоа е смижурување. Е тоа му се случува на цвеќето, ако не му направите провев цел ден, во цвеќара која има бујук цвеќе.

Претпоставувам дека појма немате од овие работи. Тоа е општа култура, тоа е воспитување, тоа е учење школо… Тоа е најмногу стручен тим околу вас, кој треба да ви ги каже овие работи.

Но вие тоа немате.

Си се собирате одвреме-навреме така и си играте како со покер машини со луѓево.

Мања-веча, мања-веќа….

И се на веќа ви стиска рачето. Таму кај што има повеќе гласови. Оти тоа е единствената работа, која вие најдобро знаете да ја броите.

И уште нешто.

Знам дека ако вас ви затреба итно некоја икебана, или букет за во недела, лесно ќе си најдете.

За вас ќе може да биде отворена некоја од цвеќарниците во Државава.

Таа, која вие ќе решите. По принципот мања-веча.

И на крај, настрана тоа, што фините господа, во недела на своите сопруги им купуваат букет цвеќе. Знаевте за ова!?

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин