Чек да брцнам во ташнава: Бизарност, која дури ни Вуди Ален не би можел да ја смили

Добивај вести на Viber

Ако мислевте дека ќе ме наседнете, или насанкате со вашиот хистеричен и ужасно бизарен телевизиски пренос, повторно да пишувам за тоа колку не им верувам веќе ништо ни на телевизиите, ни на политичарите сте се зезнале.

Ќе ве исплукам само малку во пет-шест реда, а после ќе пишувам за бившите мажи и бившите жени.

Организиравте држaвни почести и протоколи за една ужасно страдална трагедија, која сите од ред не измести од сопствениот центар за рамнотежа.

Не знам еден човек дента да немаше вртоглавица и мачнина во желудник. Ко удредни со камен по глава бевме сите дента.

За да можам да ги завршам дента, а и уште неколку дена потоа, моите секојдневни работни и животни обврски, пренасочував внимание иљадапати во текот на денот.

Садев и пресадував цвеќиња, правев муабет со муштериите во дуќан за се и сешто и што ме интересира и што не ме интересира, отидов на пазар, купив спанаќ и урда и направив две пити, менував постелнина, а не беше за менување, пеглав, се бањав, ставав витлери на коса…

Правев се‘, само за да успеам некако да го пренасочам вниманието, од тагата и немоќта кои како куга ми се ширеа по душава и телово.

Се обидував сите тие три-четири дена да учам една исклучително тешка животна лекција.

Како достоинствено и на нозе да се поднесуваат и издржуваат големите губитоци и порази во животот.

Многу се плашам од смрт на блиски. Тоа е тема која последниве години страшно ме прогонува.

Се обидувам да си го визуелизирам сопствениот став и емоција, за тоа како би поднела, кога не дај Боже би ми јавиле дека на некој мој близок му се случило нешто страшно.

Иако велат дека за тоа не можеш да се подготвиш, бидејки никогаш не знаеш кога и каде ќе те затече некоја таква вест, сепак си мислам дека, ако човек работи на себе, може да го “изработи“ овој момент.

И кога ќе се случи такво нешто као столб да се исправи пред таквиот момент. Сите пасуси и лекции кој си ги само-задал и кој ги учел како лекција што се учи по историја за петка, тогаш да му дојдат на памет и да “распали“ со цело свое знаење. И од душа и од срце и од разум. Оти добро научените животни лекции мора да поминат низ сите овие три филтри, за да се спојат во едно.

Во едно достоинсветно, стамено и отмено однесување.

Во еден став, кој говори дека си го разбрал животот сосе сите негови премрежија, искушенија, сосе сите негови логичности-нелогичноси, фер и не фер игри.

Познавам луѓе кои успеваат цел живот да се носат со тагата, болката и загубата и тоа така достоинствено и исправено, што ми иде рака да им бацам кога ќе ги сретнам некаде на улица. Маестро Алексадар Џамбазов е еден од нив. Маестро и за тоа, како од болката да си направиш достоен сопатник за живот. Никогаш не ја прежали Анче, но успеа од болката да создаде свој достоен сопатник за живот.

А познавам и луѓе кои одма, уште не оладен човек-што велат, ќе се фатат за наследството, имотот и парите.

За ваквите нема да дадам пример. Си ги знаеме сите. Сите за жал имаме по некој таков во животот.

И познавам уште една трета категорија, можеби и најопасна категорија луѓе, кои од вакви ситуации се обидуваат и успеваат да направат не само финансиска и имотна корист, туку и политичка, и популистичка и кариеристичка, и сензационалистичка, и гледалистичка, и пиплметристичка и не знам каква се не одвратна корист.

Тоа ти е исто како оние директоришта кои упропастија и однесоа во стечај огромни и успешни фирми, кои оставија цели семејства на улица, сосе деца недошколувани, сосе мајки и татковци, кои во ниедни години, требаше на пазар чаеви, или плетени чорапи да продаваат за да преживеат, а овие “големциве“ градеа цркви за да си ги исперат гревовите.

Ја тоа се би стрелала жими мајка. Око да не ми трепне.

Е така и ова. За да си ги исперете сите свои лоповски, криминални, безобразни и невоспитани манири, мислевте дека со директен пренос, ќе покажете…., што!?

Тага, жал, сочувство… НЕ! Вам овие емоции одамна не ви се познати. Сите го знаеме тоа. Ама ете такви сме мирољубиви, или глупави како народ, па си седиме и си молчиме, оти наведната глава нели сабја не ја сече. Ах…!

Не сме ко Французите, Холанѓаните, или еве комшииве наши, Србиве, па ко некња цела држава излезе на улици, за некој рудник што треба да го копаат таму.

Тага, жал и сочувство се покажува со тоа да им организиравте на луѓево превоз од Софија кај најблиските, да им платевте хотел таму, да им организиравте психолошка помош, да им дадевте финансиска помош, не во денари во иљадници евра, оти таму останаа деца сами без родители, жени без мажи, родители без деца, кои којзнае кога и дали ќе можат за залче леб да заработат. Ах…

Вие ништо од ова не направивте, туку фативте пренос со “пчести“ да пренесувате.

Боже колку се срамам. Не знам која корија да ја ватам, за да го слечам овој срам од себе.

Ваква бизарност ни Вуди Ален не би смислил, кој се ожени нели со својата посвоена ќерка.

Сепак ме наседнавте мајку ви вашу.

За бившите мажи и жени ќе пишувам во некое наредно четиво.

Се надевам и за вас некогаш како за бивши со таква радост, која се чувствува после некое време кога сфаќаш дека бившиот, навистина е среќа што е бивши.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин