Чек да брцнам во ташнава: Боже чувај ми го умот

Добивај вести на Viber

Гледам пред некој ден преку тераса, додека ги чепкам и копкам сарделите, по не знам кој пат оваа недела, помислувајќи срамежливо, дали луѓето од таа страна ме гледаат чудно и тажно. Eдно-две, ете ме на тераса, како си ги чепкам сарделите, со такво внимание и посветеност, чиниш спремам одбрана за магистарска на универзитетот во Лајден-Холандија. Тема: „Бројот на исушени ливчиња и цветчиња на Сарделите во јуни за време од 24 часа”. Гледам и скришно ја забележувам сосетката од таа страна, која порано никогаш не сум ја видела, а тука живеам со години. И таа по не знам кој пат оваа недела, ма недели наназад, се појавува на прозор и ги тресе чаршавот, па ќебето, па чергите. Не знам дали чергите ѝ се од ходник, или од кујна. Можеби ѝ се од купатило, си мислам. Ако ти цел живот газиш боса на плочки некој можеби си ставил черги и во купатило. Тања маааа… Чергите, кујната, купатилото, ходникот… Ох Боже, Боже, чувај ми го умот. И ете ја баба ми, која ми се чини оти цел живот го мантраше ова- Боже чувај ми го умот. -Бабо ма, што ти значи ова, зошто постојано го кажуваш. 

- „Кад порастеш кашче ти се само”, ѓомити на српски сите поговорки ѝ звучеа поубедливо. Погледнувам кон небото и ѝ велам. Еве ме бабо пораснав.  Случајно ни се сретнуваат погледите со жената од каршија која ја тресе и последната черга од ходникот, кујната, или купатилото и… И двете маестрално, молскавично, монтираме израз на лице, кој има блага, полутажна и полукисела насмевка, одобрувајќи си го едната на другата стотото појавување на тераса секоја недела. Таа со постелнините и чергите, јас со сарделите. Повлекувањето наназад во тајните одаи, секој во својата, оди „муњевито”. Уште само што не сме си мафнале со раката. Мислам дека многу скоро и тоа ќе се случи. 

Елем, само што не ми дошле солзи на очи, а во грло ми се и стојат тука со месеци веќе на ред. Точно од не знам кој март ли, јануар ли беше кога таму некој на исток свари лилјак за ручек. Си велам ееее, Тања, Тања, твојот грав со пушени ребра, или твојата посна боранија со многу магдонос, никогаш нема да направи ваков престврт во светот. 

Ете ја баба ми пак. Господе чувај ми го умот.  Остани силна си велам, голтај тоа солзите. Мрш од тука, ќе ми кенкаш магарице една. Ајде пушти музика, сипи си една чаша вино, или оди пререди ја фиоката пак. Ионака вчера не ти се допадна баш како ги здипли чорапите. Можеш ако сакаш ноктите да си ги налакираш. Сега ти се сите лакови наместени во нијанси од најсветло до најтемно. Нели цел живот, кога ќе влезеше во парфимерија, токму на ова се восхитуваше, а се кудеше себе си, дека твоите лакови, 100 комада на број, се несредени и до пола истечени. Ете сега ти се наместени. Или оди стави од тие милион маски за коса, што ги изнакупи, оти ова било со арган, ова со алое-вера, види ова колку убава опаковка има, ај ќе си го купам…. Ете сега ти падна од небо огромна количина слободно време и можеш точно да ја држиш не 20 минути колку што пишува, 200 минути ако сакаш држи ја. Биди фраер.

Не, пушти си филм. Оди направи ја „Шпански ветар“. Пола ден којзнае од кога не си имала за оваа торта, со 100 фила и 100 тенџериња. Не,не… Пушти го линкот за „Јога онлајн“, и седни вежбај јога. 

Божеее, колку пара кондури сме имале дома. Како стоногалки да не родија. Јави ѝ се на Сандра, таа отсекогаш била порационална од тебе, можеби има некоја подобра идеја како да се пополни овој ден.  Абе ајде, фати тоа крпата и избриши ги прозориве, или земи тенџерињата намести ги по големина и боја. Едно во друго. Тавите најодоздола, ѓезвето најгоре. Можеш и чаршафите да ги иштиркаш. Ама немам штирак, па што, нели имаш запишано рецепт во тефтерот „Штирак од брашно и вода”. Не, не нема да одиш во маркет по штирак. НЕ! Остани дома, измиј раце, пушти музика, голтај тоа солзите и иди ѕирни ги сарделите. Чек да видам да не е сосетката на тераса. Не е. Добро е!

Боже, чувај ни го умот.

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Претходната колумна, ја имате, тука