Чек да брцнам во ташнава: Дајте ми леген со вода, да се исплакнам

Добивај вести на Viber

Знам за едни две приказни, кои мајка ми многу често ги раскажуваше во друштво. Секогаш кога ќе сакаше да поентира на тема рекла-казала ќе раскажеше една од овие две приказни. Или двете.

Толку многу не поднесува оговарања, што е во состојба ѕрцките да му ги извади на оној, кој зборува за некого, кој не е тука.

Дедо ми пред да почине, беше во постела долго време. Не можеше сам да се движи и тешко зборуваше.

Во тие “чувачки ритуали“, секако дека беше и бричење и чешлање и потстрижување. По старски се разбира.

Леген, бокал вода, пешкир, чешел, макази, грицкалица, колонска вода, чичково уље.

Сѐ ова ќе се наместеше на маса и почнуваше ритуалот на дотерување. Мирисаше како во старите берберници. Оние со крцкави врати и печка на дрва. И вруќа ракија.

Дедо ми, инаку беше воено лице, капетан по чин. Немаше лабаво. Дури и болен заповедаше.

Лежеше во краток домашен пењоар, зимно време со лесен шал околу врат, а летно време со свилена шарпа.

Имаше бела коса, со свиткана локна над челото. Личеше на Тито.

Го средуваат баба ми и мајка ми, исто како секоја недела и во меѓувреме си зборуваат по нешто.

Тој ден зборнале за комшиката од првиот влез. Нешто типа дошла ќерката, не дошол зетот, внуците не рекле добар ден и тако то….

Дедо ми си молчел и ги слушал.

Кога завршила целата процедура бричење, шишање, веги, нокти…

Ставиле сѐ на место, наместиле чаршав, вазна цвеќе, тањир овошје и мало чиниче леблебија и суво грозје, си свариле кафе и седнале да се одморат.

Дедо ми ги чекал сево ова да го сторат, бидејки процедурата била позната во секој еден кадар. Се случуваше секоја недела во исто време, иста постава и на исти начин.

Откако седнале на првата голтка кафе им рекол да му донесат леген со вода.

Двете ококорени и зачудени прашале што ќе му е, кога е среден до последно влакно.

Тој им рекол:

-Ми го избербативте образот со вашиот муабет за зетот, снаата и децата на Невена од први.

Донесете ми вода да ми го измиете.

Тоа е времето, кога луѓето заруменуваа од срам. Независно на годините. Двете се сториле ко тетовски јаболки во образите. Немало говор се разбира.

Ама!?

Нема ама!!

Од овој настан се поминати повеќе од дваесет години.

А приказнава сѐ уште се раскажува. И мајка ми до ден денес заруменува во лицето кога ја раскажува и до ден денес “се правда“ дека не ја оговарале Невена, туку само сакале да констатираат дека внуциве се малку размазени, чим не рекле ДОБАР ДЕН!!

Бидејки за исто такво однесување, да не речеш “добар ден“ на постар комшија, мајка ми си знаела што ѝ следело, кога таа била на возраст, на внуците на Невена.

Оваа приказна е по вистински настан, а за вторава не знам дали е вистинита, или измислена.

Но и таа до ден денес се раскажува на сите семејни ручеци и прослави.

На времето имаше само прва и втора програма на телевизија и секоја вест, филм, документарна програма, музичка емисија и сѐ што се емитуваше на телевизија, беше строго контролирано од “началството“.

Се проширила вест дека некој видел НЛО и дека е снимено со камера и дека таа снимка постои.

Наводно имајки ја таа снимка пред себе, некој од тогашните телевизиски уредници, кои беа Бог и батина, ама кои сами исто така не можеа да носат одговорни одлуки, како никој впрочем, му се јавил на Другарот Тито и го прашал, дали смеат да ја објават снимкава во вестите во 19.30.

Другарот Тито, за кој што се знаело дека прво секогаш добро ќе те ислуша, па ќе направи “кратка драмска-госпотска пауза“ и ќе одговори.

Рекол:

„Под број један, да се нисте усудили ни да помислите, а камо ли да емитујете такве ствари.

Под број два, да се хитно уништи тај снимак и под број три, мој народ сутра ујутру треба да устане весео, ведар, расположен и оран за рад.

Људи су по фабрикама, по пољама, по болницама, по школама у предузеќима…

Они треба да раде, а не да цео дан причају о које каквим глупостима.

Јел јасно!!

Јасно је друже Тито.

А и ви што пре заборавите ово. Јел јасно!?

Јасно је друже Тито.“

Да се прави споредба со времево во кое ние сега живееме е веќе бесмислено.

Не само што е бесмислено, туку е тажно. Многу тажно.

Колку и да се обидувам да не мислам на тоа и да го живеам животот, кој што ми е даден од време на време, ќе ми земе данок. А цената на овој данок кој што го плаќаме денес, се плаќа не во пари.

Се плаќа во радост, во безбрижност, во среќа, во домашно воспитување, во фини манири…

Сѐ си мислам дека кога ќе ги потрошиме овие бесценети богатства, на крај ќе мораме да платиме данок со душа.

И тогаш имало и болести и вируси и вариоли и сѐ живо и диво… И тогаш некој трактор ќе прегазел дете и тогаш некој ќе се самоубиел и тогаш имало и автобуски несреќи и сообраќајки и брзи возачи и пијани возачи…

Ја не се сеќавам дека на некои вести имало вакви информации… Навистина не се сеќавам.

Срам да ви е за секој наслов, за секој збор, за секоја снимка по повод последниот трагичен настан на Партизанска.

Си дозволивте сите да коментирате, да судите, да пишувате, да претпоставувате…

Срам да ви е и арам.

Дедо ми би рекол, дајте ми вода и леген образов да си го измијам, а друг Тито…

Ах, друг Тито…

Мајку вам Божју…


За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин