Чек да брцнам во ташнава: Дали бе мајку му стара,сите мажи на светот се исти!?

Добивај вести на Viber

Дали бе мајку му стара, навистина сите мажи на светот се исти!? Да не е јавно прашањево, сосем со друг тон би го поставила. Знаете веќе како нели!? Дали бе п…. м. м….., сите мажи на светотв се исти!?

НЕ!. Сигурно не!

А!? Или исти се!

Не бе! Не може да се исти.

Ене пред некој ден, кога пишував нешто за нив, рипнаа едно пет-шест жени јавно во одбрана на своите мажи. Случајно некои од нив ги знам и знам дека лажат. Ама си велам, или си се убедуваат самите себе, за да им биде полесно, или сакаат сто пати повторената лага да им стане вистина, или пак можеби во меѓувреме маживе им се смениле. А!? Слатко си се изнасмеав.

Тешко царе. Волкот крзното го менува, ама ќутда не.

Или што викаше баба ми “ако си глупава да мислиш дека мажот може да го смениш“.

Таков каков што си го зела, таков ќе си остане. Та наопаку да се превртиш. И од земја да се треснеш, истиот ќе си остане.

А, општата појава на секоја, една жена е - “ај полека-полека во брак ќе го сменам“. Нацки. Никад нема да го смениш. Ќе се смени тој самиот. Ама на полошо.

Има и една друга. Вика-оди види го татко му, па ќе знаеш што зимаш. Ама и тоа веќе не важи. Се сменија времињата. Многу. Воспитувањето, речиси на светско ниво помина во рацете на инфлуенсерите и нивните социјални мрежи. Тако што на нашиве деца, што им даде Господ.

Него друг ми е муабетов.

Пред некој ден, влегува една госпоѓа кај мене во цвеќарница. 

Фина, пристојна, одмерена жена.

Бидејки “сто“ години работев интервјуа, со многу луѓе кои имаа мноштво индивидуални обележја, “заработив“ вештина, да можам да ги почуствувам луѓето на прва.

Жената беше од оние со скромна, тивка и ненаметлива нарав. Не би ја забележале во толпа. Освен ако случајно застане пред вас, па да видите дека нејзината ташна и чевли се во иста боја, дека нејзината кошула е совршено испеглана, дека костумот ѝ е од времето на Југоекспорт, или Мура и дека оваа Госпоѓа без шарпа не излегува од дома.

Нејзиното “добар ден“, беше дури малку и срамжеливо.

Бараше цвеќе за на гробишта.

Во таа куса средба со купувачи, секогаш се обидувам да ја “смекнам“ тишината.

Просторот е мал. Цвеќарница е место во кое луѓето, ретко кога доаѓаат за да гледаат. Вообичаено тој што влегува сака да купи нешто. Приликите се од најубавите и највеселите, па се до оние најтажните.

И во едниот и во другиот случај, убаво е да се размени два лафа што велат, со оној кој ти влегол на дуќан. Еснафот така налага.

Брзо одбравме кое цвеќе, ќе го подготвиме за нејзината пригода.

За среќа, во прашање беше помен и тоа за некој кој од старост си заминал, па беше повеќе сета, отколку тажна атмосферата.

Можеби дождот, кој еве веќе непрекинато врне цела недела и повеќе, додаваше на оваа атмосфера и доза меланхоличност.

- Мене не ми пречи, јас го сакам дождот ѝ велам, колку ете да се најдам во муабет.

Таа ништо не кажа, само погледна кон вратата.

Немаше ни три минути од нејзиното влегување, а почуствував еден немир, кај оваа инаку спокојна и тивка жена.

Неколку пати погледна кон вратата.

-Велам, сама сте?

-Не, сопругот ме чека во автомобилот.

Ах! Јасно ми е. Не изговорив, само помислив.

Наеднаш се фатив како ги забрзувам сите движења.

Дури и здивот ми забрза.

Ама не беше тоа она брзање, оти некој ти вели “ве молам побрзајте, доцнам на роденден, па ти убрзуваш за да излезеш во пресрет. Или она брзање, кога трчаш за да не закасниш….

Не!. Ова брзање беше за да се заштити жената.

И јас во чипот имам таква команда.

“Побрзајте, ве молам!!, маж ми ме чека во кола“.

Мислам дека ова се стари чипови со поколенија, толку стари ми се чини колку што е стар чоек. И никако да р’ѓосаат, или да попукаат мајку му стара. Не бе, функционираат во сите временски прилики и неприлики. 

И, или ќе престанеш да одиш со мажот по продавници, по завеси, плочки, тенеџериња, гардероба, па и цвеќе и ќе си ја завршиш сама ко чоек работата, ко што си правам јас, или еве вака, тој ќе седи во кола, а ти ќе се јадосуваш дека треба да побрзаш.

Само што го направив едното цвеќе, а требаше два букета да се направат, ете ти го Господинот “чекач во автомобил“, се појавува на врата.

Ама не ја отвора вратата, туку од надвор со онаа гримаса, “абе ајде што направи“ проследено се разбира со гестот “десниот показалец удара на левиот зглоб, што во превод од пантомим значи “пола саат чекам“!!

А не поминаа и пет минути.

Пази сега и во месарница да ја пратиш жената, по твоите омилени колбаси за со пиво и утакмица, јасно ти е дека можеби некој има пред неа, дека можеби заглавил апаратот за картички, дека можеби снемало хартија во фискалната каса, дека можеби нема од тие кобасици во изложбениот фрижидер, ама има во магацин, па месарот прашува, “да ви донесам“, ти ако речеш - “не се брзам, мажот ме чека во кола“, муабетот после ќе биде, “епа што не почека де една минута да ти донесе од магацин“!?

Па не почекав, бидејки ти после ќе урлаш.

Е како не!, Кога сум ти викал за таква работа.

Секогаш!

Уф… Го виткам букетов со молскавична брзина и се ова ми поминува низ глава. Велам чипови се ова.

-Викам еве уште машна да врзам.

-Вели, не треба машна.

-Велам, само минутка и си терам. За негов инает. Нека се доизнервира.

Жал ми е и за жената, ама помалку, отколку што сакам тој да се нервира.

Женава си се успокои, откако и реков, не се секирајте госпоѓо, сите се такви, па некако и дојде мило, или барем престана да и биде непријатно од мене.

На крај и велам “поздравете го мажот и кажете му дека кога се оди на гробишта никогаш не се брза“. 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата