Дали дис ис а менс ворлд!? (Ова е машки свет!?)

Добивај вести на Viber

Не знам и не можам да проценам, кој жени се посреќни!? Оние кои имаат мажи, или оние кои немаат мажи.

Или па кој жени се понесреќни? Оние кои имаат мажи, или оние кои немаат мажи!?

Секако дека уште на почетокот на ваквите размисли и поделби, се појавува уште едно чудесно-комплексно прашање. Зошто воопшто женската среќа, или несреќа се врзува со имање, или немање маж?

Ми се чини дека ќе биде ова заплеткана тема, ама ќе се обидам да пробам да ја отплеткам. Амбициозно од моја страна. Абе, ќе пробам. Па шо биде. Ако згрешам, нека изгорам. План немам, како ќе оди приказнава, така ќе ви ја пишувам.

Можеби би можело сево ова да се заврши и во една реченица, и да не се мрси многу, многу работава, да не речам нешто друго. Да не бидам вулгарна. Оти нам жените не ни личи вулгарноста. На пример, тоа да се мрси м.а, обично татко ми го викаше кај нас дома, мајка ми не сум ја чула дека некогаш рекла нешто од таа листа „мушки вулгарности“. Дури и кога ќе опсуеше мајка ми, тоа беа онаа полесна категорија псовки, прилагодени на женскиот јазик, да не речам на женското писмо на обаќање.

Онаа реченица, која може да ја објасни темава во два збора е дека, жените се од Венера, а мажите од Марс.

Ако ова се прифати како еден и еден два, без да се плетка и заплеткув темава, тогаш тука се добива и одговорот на сите теми и дилеми.

На Марс важат „едни правила на игра“, на Венера важат други. За Марс се вели дека е Бог на војната. А зе Венера пак дека е Божица на убавината.

Е сега вака. Ако мажот е Марс, тоа по логика на оваа „измислена теза од пракса“, или по „допрен глас“, би значело дека за мажот животот е војна. Тоа пак би значело дека и жената е за него еден вид „непријател“, пред чие што постоење, оружјето треба да биде секогаш на готовс.

Ако пак жената, исто така по оваа „измислена теза од пракса“, или по допрен глас, е Божица на убавината, тоа би значело дека нејзината фантазија за живот е секогаш се да биде убаво. Преведено на женски јазик, тоа би изгледало отприлика вака некако. Сабајле да си пијат кафенце, па да си поразговаркаат малкуцка, па да си се гушнат, па да си се договорат што ќе ручаат, па он да иде да пазари, она да се дотера и себе и куќата (децата, не се битни во овој дел од приказна), он да и донесе цвеќе, да иде во меѓувреме тука до локалното кафанче на една-две ракии, за да побистри малку политика со другарчињата, да си дојде дома, додека таа го направила ручекот … итн., итн. … и вечерта или да отидат на кино, или во театар …, или домче да си глеткаат филмче, да си се гушкаат …

Арно ама, за Богот на војната овде нема борба. А каков Бог на војната би бил тој, ако нема битка.

Па неговото оружје би се закочило. Секоја муниција, за да биде во борбена состојба, мора да се чисти, да се подмачкува и да се употребува.

Значи, тоа преведено на машкиот воинствен ум, би изгледало вака отприлика.

Еј жити се не ме масирај со кафиња и муабети од сабајле сабајле. Не знам дали ќе дојдам на ручек, триста работи имам денес, главата не знам кај ми е.

Доаѓа нервозен, или во најлош случај полупијан од кафана, нит цвеќе, нит пазарење, нит кино, нит театар.-Оди си со другарките ако сакаш, или иди сама. Ионака во театар не се прави муабет, него се гледа претстава. Шо ќе сум ти ја …!?

-Ама …

Цитирам:

-Абе немој сеа да ми мрсиш м … а, шо кој таков сакаш, сметки платени, фрижидерот ти е пун, ете бевме и у Грчка, на глава ми се качи више со таа Грчка, остај ме на раат, скини ми се жено … И ако не ти чини, ете ти ја вратата. Иди најди си некој што ќе те шета и ќе ти купува цвеќе. Глупости! Кај живееш бе ти!? Алоо, не ме масирај, ме отече значи.

Завршен цитат.

(При тоа до небо и се извинувам на читателската публика за оваа, сигурно сто пати, или иљада пати чуена тирада, или испукан машки шаржер)

И тука почнува војната.

Жената почнува да се брани, да се претвора во жртва, да плаче, да се превиткува, да се плаши. Откако претходно ги положи сите свои оружја и му ги предаде на мажот во име на љубовта и убавото, единственото оружје кое и остана е убавината.

Но …!? Жена која плаче, која се превиткува, која е болна, која е жртва, таа е потечена, размачкана, здебелена, изобличена … И!? И таа жена веќе не е убава.

Е, тука децата стапуваат на сцена и се битен дел од приказната.

Таа ги зема децата, кревајќи го со тоа белото знаменце за предавство и заминува како поразена, со сета своја територија загубена, оти „му препиша“, се на мажот, во име на љубовта и убавото.

Мажот оди во нова битка, оти тој е Бог на војната и тој не може да живее без војна.

Жените како Божица на убавината тргнува на јога, или се зачленува во планинарски друштва, оди на шопинг со другарките за да се дотера, да си ја врати убавината, со којашто ќе го освои срцето на новиот воинствен јунак, или ти принц од бајките, во кој никогаш нема да престане да верува.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу