Чек да брцнам во ташнава: „Дојдоа дивите, ги избркаа питомите“ - викаше баба ми

Добивај вести на Viber

Многу од работите кои не ми успеале да ги завршам во животот се последица на доброто воспитување.

Знам дека звучи парадоксално, ама не зборам на памет. Сто пати ми е проверена оваа теорија во пракса и секогаш речиси истиот ефект. Како под индиго.

Ако кажеш добар ден и ако почнеш да “ја тупиш“ работава со фини манири од типот “како сте, се извинувам, ве молам, дали може, бидете љубезни“ и ред други вакви културни, фини и љубезни манири, што порано железни врати отвараа, во последно време имаш врата преку нос. Онака, баш преку нос. Бааам.

Наеднаш тој од таму се претвора во генерал, сакам да речам, се претвора во толку влијателна личност пред себе и пред тебе, што разликата станува толку голема, што со нож можеш да ја сечеш.

Ти си “снисходлив и покорен“, затоа што си љубезен и воспитан,  а тој е “шеф“ бидејќи е дрзок и невоспитан. Всушност тој е Бог и батина, а ти си покорни Цуле.

И одма да се разберем не правам тука дискриминацја по ниту еден основ, освен еден.

А тоа е „провинцијашлук“.

Ќе ми извините, ама личното искуство милион пати ми го потврдило тоа. Нема љутиш.

Значи нема везе дали човеков е богат, или сиромав, дали е образован, или не, дали вози добра кола, има два-три стана, завршил по странскиве универзитети улево-удесно. Врска нема тоа. Во деведесет посто случаеви огромна улога игра провинцијашлукот. Односно домашното провинциско воспитување, односно невоспитување.

Има луѓе кои кога ќе дојдат во “големиот град“, ако се добро воспитани, ќе си ги донесат и фините манири од дома, и не ќе можеш да ги препознаеш. Или ако се џене-џене, сакам да речам пола вака, пола така, ќе се потрудат да си ја вткаат љубезноста во своите манири. Ретки се, но ги има. Ним, капата долу. Мислам!!, капата долу, нема потреба. Така треба.

Но повеќето од нив носат една лоша, дрска, опака и невоспитана енергија со себе.

Воспитување, пред кое јас немам против-отров.

Колку и да сакам “умно“ да наштелам однесување кое ќе го победи провинцискиот невоспитан противник не можам.

Секогаш се чекор пред мојата детекција.

Нивниот шпил карти е само од џокери, а јас чекам џокер понекогаш и по три партии.

Ќе ви раскажам за едни пефидни манири, за кои навистина нема против оружје.

На пример се разминувате во ходник, или во тесен простор и тој не се помрднува. Ти се подместуваш, при тоа извинувајќи се. Додека разговарате нешто, тој ти врти грб, за кој што е глупаво нели да прашаш, или да го опоменеш, бидејќи не е тоа твое право. Да фатиш тука и у сред работа да го воспитуваш како треба да се однесува.

На пола реченица станува и ти прашуваш каде, ти вика ми се моча. Може, или тебе треба да те прашам. Ти се извинуваш. Те згазнува на поминување, не ти се извинува. Ако му дадеш некоја задача, се пресметува и си дава на важност, за која не ти преостанува ништо друго освен сам да си ја завршиш.

И сè така, додека не те доведе до лудило, да земеш и да му ја врзеш една и јок да го сториш тука.

Но повторно доброто вопспитување те спречува во ова.

На крај се предаваш и ја губиш битката.

А тој станал шеф, директор,заменик министер, или министер.

Вакви се повеќе од половина вработени, што во администрација, што во приватни фирми, по болници, факултети, продавници…

Ако имате среќа да наидете на некој од стариот ков, ќе завршите работа, ако не ќе се повлечете пред безобразието и провинцијашлукот, читајки си го Гогољ дома. Не е лошо. Напротив.

Само мислам дека е боље све ова назад од таму од кај што дошле, па нека му сврти на недопасеното говедо грб да видам. И тоа како ќе попие копито по глава.

Дечки нема љутиш, време е да се врати финото воспитување и љубезното однесување на голема врата. Ако не, вратете се вие таму од кај што сте дошле.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин