Двете петки на нашето париче
Си беше еднаш една Македонија. А!? Си беше, или не си беше!? Да фрламе петка-глава. Ако е петка не си беше, ако е глава си беше.
Ама, сѐ си мислам дека на нашето париче има две петки. Дека отсекогаш на нашето париче имало само две петки. И од едната страна петка и од другата страна петка. Глава немало. Никогаш немало глава. Имало само две сорти петкаши, илити петоколонаши. Издаици! И издаици на издаиците.
Нашиот натпревар најчесто се однесува на тоа кој кого подобро ќе издаде. Или како подобро меѓу-себе ќе се испоиздадеме.
Трљаат руку едните, трљаат руки другите.
Едните викаат „еј ама издадоа овие овој пат. Дај да смислиме нешто, мора да сме бољи од нив“.
Ама шефе, ни остана уште само каузата.
Кој е овој таму што се буни-прашува шефот!?
Сите ќутат со главите надолу, бидејќи свиткана глава сабја не ја сече.
Кој знае дали воопшто некој од тие чија што глава е свиткана надолу, има уште два грама разум, па истото го мисли, дека уште само каузата ни остана, или и тој под парола „кај сите турци, таму и гол Асан“, веќе станал дел од таа аморфна маса, што стои во став мирно пред шефот. И ќути и не смее да писне.
Дур да трепнеш, тој што гласно пред малку го изговори она за каузата, веќе „го изела помрачина“. Го нема.
Го однесоа, му ја земаа партиската, му ги отпуштија сите роднини, кој во меѓувреме му беа запослени и му рекоа, да не те видиме и чуеме, оти ќе те снема.
Јасно!?
Јасно.
Ете така! Сите тие што мислеа дека можат и смеат да се спротистават ги снема.
Некој од нив ги изеде помрачина и дремат по затвори и притвори, а добар дел од нив ене ги ринтаат по светот.
Не обезвреднувам, да не се разбереме погрешно, само викам, дека тие се рекоа боље роб, него гроб.
Ќе ринтам по дванаесет саати, ама барем знам дека нема сам себе гробот да си го копам. И жив во него да влезам. И без да речам, сите си знаеме дека овде сме си живи мртовци. И дека секој ден си плачеме врз сопствената смрт. И врз сопствените гробови. Кои сами си ги копаме и поткопуваме.
Тие што знаат да си молчат, бидејќи молчењето е злато, си се наредија со злато. Од глава до пети.
То пури, то коли, то станови, то авиони, то камиони…
Овие викаат боље сноб, него роб. Ќути си и трпај си. Климај со глава и викај му на шефот „да шефе така е“. „Шо му плашташ - шо би рекле Охриѓани“. Ќе има за него, ама ќе има и за мене.
Оти нели, како вели нашиот народ, абе тие крадеа, ама, бар нешто градеа. А овие другиве само крадат. Бог да чува и да брани. На сѐ ќе се согласиме. Епа така ти е, свиткана глава сабја не ја сече.
Ние што сме ни таму, ни ваму, ќе си плаќаме даноци и некој измислени, заборавени и заостанати сметки со некој чудни и измислени камати.
Јебига, кому какви карти му биле поделени.
Нема љутиш, бидејќи се договоривме дека нема мунти.
Не се растура нит со три џокери, нит пак со три дупли.
Како ти е поделено, така ќе играш.
А влогот, ти е животот.
Абе на глава се свртев, наопаку се превртев да допрам до душата и срцето на секој еден Македонец. Ја направив репортажата, само за да ги разбудам дамарите во душата на секој од нас.
Решив да го пуштам и текстот во неколку продолженија, тука на Женски магазин.
Се слушам еден ден со уредникот, оти гледам мала читаност.
Викам, ај да не сум јанглаш, ќе се јавам да прашам.
Вика „Тања пет луѓе го читаат текстот“. Што да ти кажам нема читаност.
Пет души а!?
Мајка ми, тетка ми, уредникот и јас. Петтата е една жена од Канада. Ми нарачуваше пред некој ден букет цвеќе за другарка ѝ за роденден, па се допишувавме, за да се договориме, околу достава, цена и текстот за честитката.
На крај ми вика, ги читам сите ваши колумни. Едвај чекам да го објавите „Позлатена од Сонцето“ седми дел. Седнувам вели, пијам кафе и го пуштам аудиото, подобро ми е кога ве слушам. И плачам. Плачам вели. За нашата Македонија.
Плачам и јас ѝ велам. И јас плачам. Плачам за нашиот Македонец.
И се прашувам исто ли горки и солени се солзите кога се плаче во Македонија и во Канада.
Исто ли солени и горки се и таму и ваму, а!?
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу