Чек да брцнам во ташнава: Финиот, чешки порцелански филџан
Недела е! Има нешто свечено во овој ден. Уште од сабајле, на прво отворање очи, се будам со една сосема поинаква, елегантна леснотија. Секогаш во недела. Неделното утро е поинакво од кое било друго. Елегантно е, смирено е, тивко е. Отмено. Да! Неделата е отмена! Како газела е, како срна, како делфин… Таква е. Широка е, чиста, бескрајна… Сомотна е неделата. Има нешто и во тоа, што не се оди на работа. Но не е само тоа. Има и други денови-делници, кога не се оди на работа, празници, годишни одмори… Ама не се како неделата. Ја немаат таа елеганција.
Колку пати сум се фатила себе си, во недела наутро, како, кога додека одам до шпоретот да си сварам кафе, тоа го правам, како да се движам по некоја кралска палата. Обавезно облекувам плишан пењоар, обавезно зачешлувам коса, ставам кармин, парфем… И пијам кафе. Имам еден филџан за кафе од фин проѕирен чешки порцелан, кој си го купив од едно патување. Тоа беше филџан, кој стоеше во излог и кој кога го видов, ми личеше на “недела“. Цената му беше како сервис за ручање за 12 особи, но тие свечени моменти, кои понекогаш си ги правиме себе си немаат цена. Тоа се скапоценостите на животот. Не можеш секогаш да си го правиш тоа себе си. Не можеш ниту да наместиш таков момент. Нема сценарио за тоа. Тој сам по себе доаѓа. Таков е!, ненаметлив, се појавува одненадеж, те сочекува неподготвен, но не му можеш ништо. Му се предаваш, како на првиот бакнеж. Понекогаш си мислам, дека животот, демнејки не со сета своја моќ и силина, како сенка која врви секаде по нас и со нас, одлучува кога сме заслужиле да ни подари таков момент. Ќе те сочека, ќе се обвие околу тебе, со сета своја нежна, а истовремно моќна и неприкосновена силина, која планини поместува и ќе ти подари волшебен момент. Веројатно е тоа награда. Награда за добри дела, за посветеност, кон нешто и истерување до крај, со последни сили. Нешто за што си мислел да се откажеш, а си се дал до последна капка и си издржал и успаеал. Награда за сомилост и сочувство кон некого, кој ти побарал помош,а ти си откажал се и си истрчал. Не знам!? Некои такви награди, каде што животот одлучува да те почести со некое свое К-15.
Инаку како поинаку да објаснам, како сум можела да купам толку скап филџан за кафе. Јас која, перам на ефтина струја, пеглам исто така на ефтина, се расправам со маж ми дека машината за сушење алишта е една од поголемите глупости, за која човек може да даде пари. Освен ако не си хотел, или ресторан. Ама за дома, машина за сушење алишта!? Ем што ќе дадеш грдни пари за неа, ем што после треба да чекаш немилосрдни три часа (трошење струја), за да се исушат алиштата, кои кога нормално си ги пружаш на сушара во дневна соба, ти ја освежуваат цела куќа, мириса на убаво. А башка секое парче облека, кое ќе го протресеш и наместиш фино на жиците, прави еден сосема поинаков, личен допир со најблиските, децата, мажот… Тие не знаат за тоа, но јас знам. Тоа ти е како кога ти иде да го гњавиш син ти од љубов, а тој повисок од тебе, па ти вика “мамооо мааа“. Да го гушкаш и бацуваш мажот, а тој се во некој свој филм. Гледа фудбал на пример. Па во такви моменти само си го замислуваш и проживуваш тој момент, гледајки во нив, смешкајки си се блажено во себе и уживајки си нежно и далбоко, во сопствеата љубов за нив. Тие не знаат за тоа, ама јас знам.
Е така исто ниту вторникот, ниту четвртокот не знаат каква е недлата. И никогаш нема да знаат.
И не знам дали знаат со колкава љубов денеска ќе им направам ручек. Супа со кнедли обавезно. Печено месо. Ќе ги распостелам сите гарнири и салати, на бел чаршав. Имам и од тие шарените модерни чаршафи, со некои кругови и неправилни облици во сите бои, купени во некои чудни моменти, кога се купува, колку да се купи нешто. И сто пати ќе ги наместам на маса, па ќе ги тргнам и пак ќе ставам бел дамаст. Тоа ти е. Ќе извадам денеска и од оние салвети, што ги чувам за гости. Ќе направам и колач со јаболки и цимет. Мислам дека ништо нема да им кажам од се она што им кажувам преку недела. Тоа дека чорапите ги фрлиле наместо во корпата, до неа, или дека ако се напиле вода во една чаша, дека следниот пат можат во истата да се напијат, наместо да земаат нова, или дека не мора баш толку гласно да се слуша телевизија, или радио. Ништо нема да им кажам од ова. Некако тоа не ми е за недела. Од утре веќе може, ама не денеска.
А да, ќе испржам и две кила компири денеска. Белким, ќе им стасаат, бидејки секогаш им се малку…
И ќе пуштам вечер две машини, можеби сепак ќе му направам мерак на маж ми, па ќе ја уклучам и машината за сушење.
Ефтина струја е. Недела е!!
Се тоа ќе направам, само да си го испијам кафето во филџанот, кој стоеше во еден прекрасен излог во Прага и личеше, како да е НЕДЕЛА.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска