„Ѓорѓи сардисан: Магаре со ушите нагоре и со опашот надоле“

Добивај вести на Viber

Да бидам искрена, малку сум збунета по повод булингот, или како и да се вика оваа „модерна болест“, што ни го напаѓа општествово. Саде од модерни болести сме нападнати. Од сите страни. Ко Ѓорѓи сардисан сме. Булинг бе. Што е тоа булинг!?

Многу работи ми се нејасни. Прво не ми е јасно, како настана овој булинг и дали сами си го создадовме. Мислам дека ова не е природна појава, туку вештачки создадена. Како што и за затворениците и за затворите што не се знае, што е прво создадено, односно дали прво се направени затворите, па создадени престапниците, или обратно, таква ми е и дилемата за овие модерни болести.

Глупо ми е да се бранам со тезата „у мое време“, бидејќи времињата нели се менуваат. Ама не сум баш сигурна дека времињата се менуваат. Времето си е исто откако постои светот и векот. Денот траел 24 часа откако почнала да се врти планетава Земја. А, 24 часа се 24 часа. Времето е релетавна категорија. Всушност нели се е релативно. Некому му се малку 24 часа, некој не знае што да прави со нив. Знаете нели дека ѓаволот кога немал работа си ги онодел децата. Да ми простите на споредбата.

Ама ништо друго посоодветно не ми текнува. Човек што нема работа е жив ѓавол. Под немање работа не подразбирам, човек што останал без работа, добил отказ, или бил прогласен за технолошки вишок, или човек што завршил машински, па за него нема работа. Под немање работа подразбирам, дремење по штабови, дремење у парламент, дремење у администрација, дремење по кафани, со цевчето, или лажичето у уста, дремње по дома со серии од сабајле до вечер, дремење пред компјутер, или со телефон по цел ден, дремење, дремење, дремење …

Дремење е кога животот поминува покрај тебе, а ти по линија на помал отпор си дремеш и наеднаш се чудиш како „ти пораснале ушите“ и си станал магаре со ушите нагоре и со опашот надоле“. Така си викавме меѓу себе кога бевме деца. Свашта си викавме кога бевме деца. Не знам дали сме ја претерувале работава, оти навистина немам „мерна единица“ за ова, ама знам дека и тогаш на дебелите сме им се потсмевале, дека и тогаш со оние кои имаа единци не сакавме да се дружиме и тогаш се правеа „тимови“ на побогати и посиромашни. На поубави и помалку убави. И тогаш било срамота да си дете на разведени родители. И, тогаш родителите им викаа на децата не се дружи со него, со неа … Мајка и е таква, татко и е таков.

Нит мајки доаѓале у школо, нит татковци. Доаѓале, ако ги викне класната и педагогот, да ги изриба со четка за рибање тепих од глава до пети. Да, порано со такви четки рибавме теписи. Па кога ќе изрибаш тепих со таква четка, утре нема да влезеш со кондури дома. Бидејки следниот пат, пак ти ќе треба да го рибаш тепихот. Ете така се решаваа порано работите.

Па кога ќе ти дојде родителот, така изрибан дома, пепел ќе те стори. Нема да заеш кај ти е газот, кај ти е главата. Па оди после у школо и пак речи и на Маја дека е дебела, дека смрди и дека и се стари патиките. Ова се случуваше ако Маја отиде да се пожали на учителката. Ама не на прва. После „сто“ пати. Ама имало и други „Маји“. Една Маја не е пример, така силно го тресна со ташната еден Орце, што на место го струполи. Па на Орце не му текна више да и се потсмева на Маја. И не само на Орце. Никому. Друга „Маја“, ги имаше сите петки и знаеше се, па ако сакаше да препишуваш од неа, или да ти го реши тестот по математика, или набрзинка да ти ја прераскаже лектирата пред „дерење“ по македонски, не ти се исплатеше да ја зезаш Маја. Главно вака се решаваше „булингот“ у мое време.

Нити нешто посебно не воспитувале, ниту пак нешто посебно разговарале со нас родителите. Ќе ти каже еднаш – два пати и толку. Се друго се подразбирало. Ако не слушаш ќе добиеш ќутек, или казна. И многу од наученото за живот било од тоа што сме го гледале дома. Ниту едно дете не било будала, па да не знае дали татко му и мајка му крадат лажат и имаат вошки.

Децата не можеш да ги излажеш. Заебот е само, што со тек на време, децата ќе ти станат такви, каков што си ти. И тука нема бегање. Сега по „модерниве болести“, со децата треба да се разговара, па не смееш да ги тепаш, па тоа ќе бидеш пријавен, па ќе ти биде доведено во прашање родителското право, па мораш да го сослушаш ако ти каже дека сака да е машко, наместо женско … Идете бре у три лепе. Ова невладиниве под капата на „невладиното“, не знаат више што да попраат. Се напунија со пари, а на народот мајка му „изонодија“. И они и овие владиниве. Не знаат више како појше конциве да ги замрсат.

Абе ќутекот од рајот излегол. Две воспитни и завршено гаѓање. Некако сами си се решаваа работите у мое време. На некој многу здрав и природен начин. Он тебе клоца, ти него заушка. Он тебе коњу еден, ти него магаре едно. Он за коси, ти за коси. Па кој е појак нека победи. А ако си срамежлив и слаб, ќути си, тргај се и учи си. Ти ќе бидеш научникот, или докторот, кај кој после сите ќе доаѓаме.

Тоа се правилата на уличната школа. А, кој ги нема совладано лекциите на уличната школа, нека дреме по штабови, по невладини и со серии по цел ден.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу