Чек да брцнам во ташнава: Граѓанинот пинг-понг лоптица
Сто пати сум рекла дека нема да гледам наши телевизиски канали. Од поодамна тоа се претвори у парада пијанства и кича. Безвезе е да откривам како тоа таму функционираат работите и да тврдам дека порано било така, а сега е вака.
Не, веројатно секогаш помалку, или повеќе работите биле исти, или слични.
И никогаш, ама никогаш не ги ставам сите топ-тан во исти кош. Никако!
Има таму ептен саглам луѓе, има еснафи, има супер ликови, на кои до ден денес им симнувам капа. Мајстори над мајсторите. Да ти е мерак и да работиш со нив, да ти е мерак и кафе да пиеш со нив.
Некои од нив се таму бидејки за тоа учеле, бидејки тоа е она што најмногу сакаат да го работат, бидејки од тоа им зависи егзистенција… Разни причини се во игра.
Како и секаде впрочем. Кај нас и во наши услови. Всушност не знам, можеби секаде е така во светот, а само ние си мислиме дека е тоа така, само кај нас. Елем!
Некои се прават дека не гледаат и си бркаат своја работа и патем им успева да си живеат во својот микро-космос. Да си ја работат работата, која ја сакаат и за која учеле, да примаат плата за тоа и да си накриват капа.
Едноставно многу е глупаво да се секираш за нешто што не можеш да го промениш. А многу е умно да го сфатиш тоа, да го ставиш на ниво на “пресметан ризик“, односно на неминовност, која ги следи и отсекогаш ги следела сите фази од развојот на човештвото и која веројатно мора да се случува.
Да си ја накривиш капата, да си свиркаш и да си бркаш своја работа.
Ако успееш ова да го “средиш“ во сам себе, тогаш ти си среќен човек. Па може да ти се случи и да си потскокнуваш од радост одејки си накај работа.
Сè почесто мислам дека нервозите им припаѓаат на примитивните луѓе. На луѓе кои недоволно работат на себе. Оти тоа се толку лични равенки во кои сите “непознати“ се во нашата глава. И човек само треба да седне сам со себе и да си ја одгатне загатката.
И да сфати дека тоа што не може да го промени, треба ич да не го мисли. Пробано ми е ова и тврдам дека функционира.
Безброј приказни за кои порано од земја сум се трескала, некои од нив дури сериозно и на здравје ми влијаеле, сега не само што им се потсмевам, туку заборавени ми се. Ми треба напор за да се сетам, на нешто за што порано сум мислела дека ќе умрам. Затоа тврдам дека функционира.
Арно ама….
Некни ми откажа системот на другава опција телевизиски канали, која веќе подолго време ни е инсталирана дома, сакам да кажам нешто падна интернетот и системот заедно, маж ми на пат, а јас не сум баш нешто по таа чест, за да можам само да го рестартирам тоа. Може да ми се случи да испостискам некои копчиња и све да расипам, па после Господ-Бог да не може да опраи. Затоа избегавам да чепкам. Така што неколку дена морав да гледам домашни канали.
А на прашањето, па мораш ли да гледаш телевизија, велам да, сѐ уште некои навики не можам да си ги искоренам. Сакам приквечер кога ќе се приберам дома мртва уморна од работа, да си сипам чаша вино и да вклучам телевизија. Сабајле не, тоа ми е време за музика, ама навечер, сѐ уште гледам телевизија.
И!?
Сакаш-нејкеш ќе “убодеш“ некои вести.
Слушајки ги тие неколку актуелни настани кои беа топ-тема минатава недела, се прашувам дали јас ја начекав баш “нај-лудата“ недела, или ова секогаш е вака!?
Навистина речиси и да не сум во тек со она што се случува кај нас, па ова некако ме измести.
Еден лик, кого разбрав го беа пуштиле од затвор за викенд дома да се избања и да се види со фамилијата, овој отишол накај Охрид. По пат направил сообраќајка, во која едно лице умрело, а другите двајца-тројца успеале да ѝ киднат на смртта.
Лицево добива некоја смешна казна, ко мислиш кило патлиџани украл. Бидејки нели!?, имаме и такви примери.
Слушам извештајов и не ми се верува. Вика: - не бил под дејство на алкохол, немал ни дрога земено дента, него само претекнувал на пуна линија.
Очи ќе ми излезеа. Се ококорив, и се засркнав. А сама дома. Почна и страв да ме фаќа од сама себе дека полудувам и слушам нешто што ми го разбива “мозочниот ѕид“.
Утредента едно лице го пријавија во полициска станица за исчезнато. А овој да ти бил клучен играч во финалево. Без него утакмицава не може да почне.
Едниве на прес избезумени викаат “ќе видат они што ќе им направиме“.
Другиве искачаат и се смеат, ама така цинично се смеат, како некој компјутерски да им ги намести насмевкиве. Ама не се монирани, вистински цинични насмевки се на луѓе, што ни ја водат државава.
Се штипам. Мислам дека сум умрена, а не знам. Не ми се верува.
После тоа излага “киднапираниов“ лик и вика “не бе зошто си бев со жената и со децата на гости кај еден пријател, за да избегнам непријатности“.
Не раб на паничен напад сум. Многу тешко се поднесуваат вакви вести кога си сам дома. Барем аквариум да имав. Па ќе се загледав во рипкиве и ќе пренасочев внимание. Вака почна собава да ми се врти.
Следи спорт. Вест на денот. Македонија ја победила Ерменија во фудбал 5-0.
Ми се враќа боја на лице, ама сѐ уште мислам дека сум во Труман шоу, бидејки и ова ми е премногу неверојатно.
Успевам само да изговорам браво мајстори за таквите како вас, вреди понекогаш да се гледаат нашиве телевизиски канали.
Гасам и си легнувам. Заспав ко у бунило.
Утредента ко ништо да не било. Пребришав сè и со цупкање си отидов во моето цветно царство.
Дојдете ако сакате, ќе ви направам прекрасен букет од преубави цвеќиња.
Да, да Алиса во земјата на чудата.
Ми се може. Можете и вие.
Тврдам.
Не им гледајте ни вести, ни телевизија, ни ништо. Па белким ќе им текне дека нешто треба да променат. И овие што глумат лудило и овие што тоа лудило го емитуваат.
Вака си прават серии у сто сезони.
И си прават пари. Многу пари!!
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин