Чек да брцнам во ташнава: Или живееш со пуна плуќа, или си жив мртовец

Добивај вести на Viber

Пред секое едно важно прашање што треба да му го поставам на маж ми се спремам со денови.

Цел живот се препрашувам дали моите “важни прашања“ имаат толку многу хировита позадина, што у деведесет посто случаи умеат да произведат кавга.

Некогаш помала, некогаш поголема.

Ретко симпатична и слаткаста атмосфера, кога на повидок е, дека моја желба ќе биде исполнета.

Тоа е оној момент, кога случајно-несекајки, ќе ги убодам сите можни услови. Маж ми да е наспан, или вратен од кафана со другарите, па видно расположен, ама не премногу.

Јас во тој момент да сум “слатка звончица“, да не сум у ПМС, куќата да мириса на штотуку печена пита, да не сум многу уморна, да нема фудбал на телевизија, да не треба да ни доаѓаат гости на ручек, да не е многу висока сметката за струја, да не треба месецот да се регистрираат колите, децава да се подмирени со сите можни потреби- патики, јакни, школо, студии, родендени…

Све ова треба да се деси, за да може да биде поставено моето прашање за “нова“ желба, за која моиве блиски по дома, се согласни дека ја има придавката “хировити желби“.

Мене не ми личат за такви, ама шо знам!?

И мајка ми и син ми и некои од другаркиве истото ми го рекле.

Значи желбиве ти се страва!! Има ли крај!?

Еднаш дури ми нацртаа и една честитка за роденден, на која пишуваше “го знам списокот на твоите желби“…

Честиткава беше од сто страници.

Мајка ми, ми вика добро бе ќеро ќе се скрасиш ли веќе еднаш. Ах тој твој темперамент. Захтевна си бре брате, многу. Ја не знам како те трпи маж ти!? Ај ја те сакам, моја си ми, ама он!? Јака му душа.

Ја не знам што им е на луѓево!?

Што има страшно во тоа кога одиме на одмор, да купиме гумен чамец и риболовна опрема и да одиме на “сред море“, да ловиме риба, и после да си ја испржиме во тава за вечера. 

Или на пример, седиме дома цело попладне и мене во еден момент ми текнува дека би било супер да се искачиме на Водно.

Абе мислам дека земјотрес полесно ќе поднесеме, отколку овој мој предлог.

Му викам на син ми, да ја научи омилената песна на девојка му, да ја свири на гитара и да оди да и ја испее под прозор.

Или, “ај се тркаме од оваа, до онаа бандера“.

Ме гледа, ко мислиш стадо овци на чување му донесов.

Многу гледаш филмови ми викаат.

Па зошто мора тоа “само на филм“ да го има. Заради таквите ко вас го прават тоа. За ние другиве да гледаме и да се сладиме. И да си викаме “ете бе не сум само јас таква“.

Како можеше Ричард Гир онака со букет цвеќе да се качува по пожарникарски скали, а при тоа се плашеше од висина во филмов, за да ја запроси Џулуја Робертс?

А како!? Ќутиш нормално. Нема што да кажеш. Ем од улица ја зема!

Сама си зборам. Он гледа тенис.

Затоа сите жени го обожаваат Ричард Гир, а вие мажите го сметате за шарлатан. Сирот чоек, требаше во сто други филмови да одигра “озбилни“ улоги, за да го симне костумот на Убава жена и Официр и Џентламен од себе.  Си баам во кујна и сецкам салата.

Не, ја стварно не знам што има лошо во тоа да играме пантомима кога ќе ни дојдат дома гости на ручек.

Или, е така, како шо си седиме сите четворица, да видиме кога има авионски карти. За каде!?, за било каде, евтини со Виз ер, кои ако ги купиш еден месец однапред се петнаесет евра. Одма наоѓам на ер-би-ен би смештај за пет-шеесет евра и одиме на викенд! Во Дизелдорф на пример. Ќе јадеме кобасици и ќе пиеме пиво. Два дена ќе се зезаме. Тури-збери по сто евра од чоек. Колку што “џиткаме“ за глупости натаму-наваму. 

А што мислте!?

Сите нешто озбилни, а ја ко од друга планета.

Кога им ги слушам објаснувачките-оправдувања, со кои сакаат да го поткрепат НЕ-то, за одење, не можам да се изначудам.

Е сеа толкав пат за два дена, не можам ден да земам од работа, треба туршија да ставаме тој викенд, децава праат писмена. Абе тинтири-минтири. За мене све ова везе нам со живот. Целите сте туршија.

Или живееш со пуни плуќа, или си жив мртовец.

Ја немам друго објаснување.

Ја сум била хировита. НЕ!, него вие немате смисла за хумор. Ни за хумор, ни за живот.

Жими мајка, едвај чекам да се “отвори“ нова планета, за ваквите како мене. Одма се селам жими се.

Еве сеа на пример ќе пукнам од мака, што не сум сега во Торино, на завршниот тенеиски турнир, па да гледам како ќе се надмудруваат Ѓоковиќ и Медведев.

Само што не се вратил маж ми од работа. Планирам да му кажам дека сум испланирала за Нова Година да одиме за Танзанија. Ако уплатиме сега имаме дваесет посто попуст. Многу сакам кога се будам во Африка. Еден од големиве писатели има речено, не знам кој беше Ернест Хемингвеј мислам  дека беше, дека кога ќе се разбудиш во Африка, не може да не си среќен.

Не знам што ќе ми каже. Ако напишам колумна за будењето во Африка и гушкање со лавови значи сум била, ако не сигурно сме отишле на сладолед во Палма.

Сеедно радост е да се јаде и сладолед среде зима.

Собирајте што повеќе радост во сопствениот бунар. Можеби доаѓаат тешки денови. Ќе ви треба.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин