Чек да брцнам во ташнава: Ко вол у купус
Уф кога ќе се сетам само, каква сум кога се вљубувам. Едно пет-шест пати во животот, така имам заглибено, што мислам дека во тој момент сите пеперутки на светот се во мојот стомак.
Татко ми, оти си беше чешит и тивок мудрец имаше некои негови “ребуси“ кои во два збора објаснуваа цела приказна.
Велеше “ко вол у купус“, кога сакаше да објасни во два збора, дека некој заглибил толку длабоко, што само со стап, со ќутек можле да го извлечат оттаму кај што заакал.
Ова најчесто го раскажуваше во она време, кога почнаа директорите по големите фирми од нивно време да крадат. Велеше дека “на ангро“ се крадело.
Мало беше тогаш Скопје. Се знаеше кој е, што е, од кај е, колку украл, што украл… Се сѐ знаеше. И тоа беше толку голема срамота, за која што пак мајка ми велеше “ни Вардар ни Дунав“ сега нема да можат да го исперат.
Е, кога некој од нив ќе ги фатеа и кога ќе ги пикнеа у ќорка, тогаш татко ми велеше дека, овој заакал ко вол у купус.
Ја така глибам до врат кога се вљубувам.
Ми се потат рацете, лицето ми се заруменува, ќе ослабнам одма едно четири-пет кила, со саати ќе се облакам-пресоблакам….
Секогаш исто, ко под индиго. И не дека ова е посилно од мене. Не! Ја никогаш не ни сакам да го контролирам. Немам зошто. Едно што не ми е страв, а друго затоа што од секогаш сум си мислела за себе, дека јас сум предодредена за големи љубови. И дека љубовта треба така да изгледа. Баш така! Целиот да се разулавиш. Се друго ми било трала-баба-лан. Никогаш не сум ги разбирала овие другиве што ќе тактизираат, па нема да се јави, па ако ја бара нема да крене, па два дена нема да излегува, па ќе чека две недели за да водат љубов. Глупости!
Дај се бре тука цел од глава до пети. Заакај ко вол у купус, па нек те тепаат после со стап, ко ќе треба да те враќаат назад. Па што!. Помалку боли тој стап, отколку што е убаво ова, кога глибиш. Тврдам. Ама никој не измисли досега вага, на која ќе се измери ова. Знаат сите само дека од љубов се умира и дека за љубов се умира. Па што. Поарно да умрам во животот од љубов и за љубов, отколку од било што друго.
И никогаш не сум верувала дека во животот постои само една љубов. Ма какви. И сега на 50 години го сакам маж ми ко улава. Цупкам на прсти и во оваа љубовна среќа за која, исто како и секогаш си мислам дека нема рок на траење. Сакам да ми е мажот и храна и Сонце и небо и лето и зима. Јебига, то ти је. Ич нејкам да пораснам на оваа тема.
Се сеќавам еднаш на баба ми што и одбрусив на истава оваа тема.
Таа имаше некои осумдесет и пет-шест, јас некои триесет и две три и влагам дома целата разнебиднета. Не се сеќавам што се беше случило. Ваљда некој од моиве мажи зезнал нешто, што мене не ми се бендисало. А, си имам хирови, по повод кои знам така да се разнебиднам.
Ми вика баба ми, “абе ајде, за тоа се трескаш од земја“, ќе помине.
Многу ме нервираше вака кога ќе ми кажеше.
Не затоа што немаше да помине. Го знаев и јас тоа. Туку затоа што ми личеше како пет банки да не дава за љубовта. Ми личеше на оние коi вреќа сол ќе изедат, ама нема да признае дека ѝ е тешко.
А јас не сум таква. И кога скокам од радост, сите ќе го видат тоа и кога плачам од бес, тага, или немоќ, пак сите ќе го видат тоа.
А таа беше сама едно дваесет години. Дедо ми беше починат. Ама таа мислам дека не го ни сакаше дедо ми, така како што се сака. Си го сакаше првиот маж, кој пак го стрелале во војната. И сетики за него зборуваше. Едно две ах, да ми беше жив Благојче, ах како гулапчиња ќе си бевме. Благојче, па Благојче.
А мене ваму ми вика. Абе ајде, за тоа ли ќе се секираш.
Ми пукна филмот и ѝ викам.
“Ајде бабо лесно ти е тебе така да збруваш, сама си со години, да се појави сега некој како Благојче, па ќе те видам. Истата ќе бидеш и ти.
Штама. Не сакаше друг да го спомува
Благојче, особено не вака, ја ко што го “пукнав“. Како да си беше Благојче само
нејзин.
Ми беше лута неколку дена. Потоа ме викна ѝ ми рече.
Не ти се лутам тебе. Себе си си се лутам. Знаеш зошто!? Затоа што после него си го затворив срцето за љубов. Си го скаменив. И криво ми е поради тоа. Згрешив. Сега имам осудесет и кусур години и знам дека згрешив. Така треба ко ти што правиш. До гуша, до уши, со цело срце, со цела душа. Те гледам дека од мала го правиш истото. За се. А јас од што се плашев да не ти го скамени и тебе некој срцето затоа така цел живот со страв те следев како бестрашно ги скокаш своите љубовни банџија. И затоа можеби ти се чинеше ко пет пари да не давам за љубовта.
Ич да не му ја мислиш . Да си тераш така дур срцето те служи.“
Никогаш нема да и ја заборавам оваа потврда која ми ја даде. Не дека јас ќе бев поинаква, родена сум таква, ама сепак, баба си е баба. Сите мудрости во нив се збрани.
Ќе дојде белким ден и белким нема до толку да се извитоперат времињата, кога и јас на внучката моја ќе и го речам истото ова.
Ич да не му ја мислиш ќерко, со цела душа и со цело срце. Грлом у јагоде. Се друго ти е трла-баба-лан.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата