Чек да брцнам во ташнава: Кога еден сака за двајца
Има една приказна која пред неколку месеци заврши со тажен крај.
Всушност крајот речиси секогаш е тажен. Таков му е и вкусот. Горчлив. Кисел. Болен. Тогаш се боли.
Боли и креветот на кој што лежиш. Боли филмот кој го гледаш и книгата која ја читаш и палтото боли кое го облекуваш и водата која ја пиеш и воздухот и Сонцето и денот и ноќта. Трепките те болат бе. Се те боли.
Боли и телефонот кој ти звони. И другарите и другарките кои по 100 пати на ден те бараат за да те “кренат од постела“. Едноставно сам себе се болиш. Понекогаш сакаш да трае оваа болка, затоа што сакаш уште малку да останеш во вкусот, кој те довел до неа. Не сакаш да и се разделиш, не сакаш да ја откачиш. Не сакаш да раскинеш со неа. Едноставно не сакаш.
А понекогаш и да сакаш не можеш. Толку е силна и толку е посилна од разумот што ти иде на парчиња да ја искинеш. Ама не можеш. Таа е посилна и таа тебе на парчиња те парчосува.
Приказната која заврши беше љубовна. Или само така личеше! На љубовна.
Не знам.
Не знам, бидејки понекогаш си мислам дека вистинските љубовни приказни, никогаш не завршуваат. Ако се вистински нема да завршат.
Ама не може само едната страна на приказната да е вистинска. Мора двете да се вистински за да траат. Малку е само едниот да сака. Колку и да е голем некој, не може да сака за двајцата.
А сѐ би сторил да може. Да сака за двајцата.
Две зла постојат тука истовремено.
Првото е тоа што ти навистина се обидуваш да сакаш за двајцата. Си велиш можам јас.
Да, можеш. Кога сакаш можеш и за сто души да сакаш. Можеш и за цел свет да сакаш. Ама што ти вреди кога не можеш да сакаш за него. За неа. Сеедно.
И колку повеќе сакаш за двајцата, толку подлабоко тонеш. Како онаа опака - дека коцкарот не губел додека се коцкал, туку кога тргнал да се вади.
Е така и ти. Не си изгубен дур сакаш, се губиш себе токму кога тргнуваш да сакаш за двајцата. И тоа толку се губиш, што ти остануваат сосем малку сламки на кои ги држиш сите други твои животни приказни.
Почнуваш да трокираш, да “поткашлуваш“. Како кола кога останува без бензин. И нема кој да те бутне тука. Излегуваш од сам себе и се буткаш, за да можеш да продолжиш.
Најстрашно е што почнуваш да стануваш и глупав.
Да!, за жал полека, полека почнуваш да стануваш глупав. Твоите реченици веќе немаат добар редослед, немаат ниту јасна содржина. Понекогаш дури кажуваш и нешто што нема никаков контекст со твоите соговорници. Некои од нив се вџашуваат, други се прават дека не слушнале, а трети почнуваат да ти се потсмеваат.
А ти гледаш се. И се ти е јасно. Ама посилно е од тебе. Знаеш дека си глупав, ама ништо не си можеш.
И не знаеш од кои од нив, повеќе да се срамиш. Дали од тие кои се вџашуваат, па не знаеш како да им кажеш дека ти до вчера не беше толку глупав и дека оваа глупавост ти е привремена.
Дали од оние кои се прават дека не слушнале, а ти многу добро знаеш дека те слушнале и се срамиш, бидејки мислиш дека те сожалуваат, а знаеш дека не го сакаш тоа, бидејки до вчера, само до вчера ти имаше во себе храброст за сите нив, ама денеска ете како мрсулко си.
Или пак, од оние кои ти се потсмеваат и полека, полека почуваат мајтап да тераат со тебе. А ти како магаре се чувствуваш.
И сето ова ти се случува само затоа што безпоштедно ја трошеше сета своја сила и енергија за да сакаш и за себе и за неа. Или за него. Сеедно.
А второто зло е тоа што секогаш знаеме кога не сме сакани.
Има таму негде длабоко во нашите души, во сите нас еден заебан љубометар кој ти го кажува ова.
Ти дава сигнали, кои ти не сакаш да ги видиш и чуеш. Се правиш будала. За на крајот вистина да станеш будала.
Колку може да се трпи ова. И колку долго ова може да трае. Може многу! Многу може да трае! Човекот понекогаш цел живот, до последен здив може да ја држи стегната надежта дека дадената љубов ќе му се врати. Животот може да си го посвети на ова. Дали е ова изгубен живот!? Не знам. Навистина не знам. Ама се си мислам дека не е! Дека овој кој верува во ваква возвишна цел му дава таква смисла на животот, за која вреди да се живее. Возвишена. Поголема од него самиот.
А овој другиов, кој како паразит преживува црпејки ја снагата од оној кој го сака и кој сака за двајцата нив, живее мртов живот. Тој не знае зошто се родил.
Оваа приказна за која ви раскажувам е вистинска. Му се случи на еден мој добар пријател. Тој цел живот сакаше за двајцата нив. А таа преживуваше покрај него.
Ама нему лицето сѐ уште му е отворено, сјајно и озарено, независно што има сив превез околу него. Тој превез ќе трае уште некое време и ќе исчезне.
А нејзиниот превез ќе остане, бидејки таа е соголена и пред себе и пред светот. Најмногу пред себе.
За светот, колај работа.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата