Чек да брцнам во ташнава: Кога животот ти сервира боранија
Има една тема која ме мачи со години. Дали ние родителите живееме за нашите деца? Дали го живееме нивниот живот, наместо сопствениот? Дали понекогаш заради сопствена неспособност да се организираме и да живееме свој живот, живееме по нивни правила ѝ ги живееме комплет нивните животи?
Живееме нешто што личи ѝ се нарекува живот. Колку само пати сме рекле “јебига-живот. Тоа е.“
Тоа ли е!?
Дали тие-децата го знаат тоа и најбезобразно го искористуваат до последен здив, да не речам до последно евро? Дали ние ја носиме водата на таа воденица, првиот момент, кога бракот почнува да станува досадна институција која по ниту еден основ не ги исполнила нашите очекувања, што страствени, што патувачки, сексуални, некои од нив и налудничави. Да, секој од нас има по некое налудничаво очекување.
На пример некои од жениве очекуваме мажот во недела наместо да дреме на тросед и да гледа разни спортови (мислам дека некои мажи од досада и крикет гледаат, само за да гледаат нешто), да чисти со нас низ куќа, на пример да усиса и да намести завеси, па да пазари, па успут да купи букет цвеќе, па да нѐ гушне, па ова, па она… Тинтири-минтири….
Од спискот пак на машките неостварени “налудничави“ очекување би го издвоила на пример очекувањето дека мажот умира од желба, барем месец дена жената да не му спомне дека чешмата капе, дека бојлерот фатил бигор, дека на климата треба да ѝ се исчисти филтерот и ред други тинтири-минтири очекувања.
Невозможни налудничави очекувања. Зошто!?
Затоа што кога си го замислуваш ова, ти се чини толку реално и остварливо, а кога нему, или нејзе, сеедно, апсолутно сеедно, го кажуваш ова гласно, изгледаш како луда Мара, или како луди Милојко. Сеедно е, кој е во главната улога.
И тогаш почнува налудничавата кавга од типот “ја тебе, ти мене, мајка ти вака, мајка ти онака, чорапите, гаќите, кондурите, скупа струја, ефтина струја, кредити… и ред други налудничави ситници и крупни будалаштини, кои се правени сите по еден исти рецепт. По рецептот на остварливо-неостварени очекувања.
И ете ти Маро несреќа.
Тогаш почнува јога, планинарење, девојачки викенди, риболов.
Чест на исклучоци. Секако дека си има жени и мажи, кои од лични задоволства си одат и по планини и на јога и со другарките, или со другарите на викенд. Да не се разбереме погрешно. Ама кога ќе видиш постирана слика на фб, многу точно се гледа по поглед, по гардероба, по насмевка, по софра испосликана сосе сите јадења, по живели, сите со чашите на купче, по очи, најмногу по очи кој отишол, оти тоа му е стил на живот (главно мислам дека овие што им е тоа стил на живот не се сликаат и не се објавуваат, оти тоа ти е исто као да сликаш дур миеш заби на пример со новата четкица), а кој отишол оти бега од дома.
Е кога ќе дојде дотука работата, почнуваме да се бавиме со животите на децата. И почиња “Позориште у кучи“.
Почиња такво заплеткуење, исто како кога правиш семејно дрво на живот до седмо колено.
Наеднаш децата стануваат сериозен, непотребен и многу опасен центар на светот.
Почнуваме прво да се расправаме со учителката од градинка, која му врзала шлаканца, бидејки не сакал да јаде боранија. А тврдам дека таа шлаканица е една од по здравите воспитни мерки, која се укина во последно време. Негователките во наше време, имаа апсолутна дозвола за вакво нешто. Па после иде кавга со мајката на друго детенце, дека ова го искубало за коса моево.
Исто така апсолутно тврдам, дека тоа скубење за коса е едно од поздравите кое му се случува на едно дете на таа возраст.
Инаку не би биле младиве сега така безобразни и невоспитани да се скубеле за коса кога требало.
Со другарка ми Марија на пример се кубевме за коси во градинка и ене ја цел живот ми е тука до мене да ме искубе коа треба. И јас неа исто така.
После ова следи, поправање оценки во основно од типот ставете му петка, по математика, по хемија, по македонски, по ликовно…, а детево права линија не знае да нацрта.
Исто така апсолутно тврдам дека тие тројки и четворки уште од основно се исто така една од поздравите воспитни мерки. Така детево ќе си развие љубов кон физика, или ликовно и утре кога ќе дојде време ќе си знае дали сака да се запише на финки, или на ликовна академија. А вака со сите петки, појма нема нит кој е нит што сака.
Приказната продолжува со “положување“ испити на факултет, без “детево“ од 23 години да се појави на факултет. Така магистерски, така доктрорати…, така министер, така премиер… Така коли, куќи, станови… Така се.
Така и сине оваа не е за тебе, или овој не е за тебе. Сеедно.
Така после овде ќе работиш, сум ти средил и позиција и плата и се.
И на крај така оставање во наследство се што сѐ има.
А детево со прст не мрдна. Бидејки мама и тато го живеева неговиот живот. Живеева за него. Бидејки го заборавија сопствениот живот.
Се почна од боранијата. Наместо две шлаканици и “има де седиш да јадеш и да ќутиш и глас да не сум ти чул“, мајката најчесто таа, “остави го детето… ела сине, сега мајка шпагети ќе ми ти направи“.
А да ги кренеше сабајле неговите чорапи без да зановета и да добиеше цвеќе утрото купено од пазарење, заедно сосе бакнеж, ќе јадеа сите заедно боранија и детето не знаејки ќе научеше дека понекогаш животот умее и боранија да ти сервира.
Вака, “јебига живот“!!
Тоа е!
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата