Чек да брцнам во ташнава: Кој нема ќерка, нема деца
Родителите живеат додека ги сакаат децата.
Кој нема ќерка, нема деца.
Синот станува маж, кога ќе умре татко му….
И ред други вакви народни мудрости, кои не знам дали се карактеристични само за нашево балканско подрачје, или пак цел свет вака размислува.
Не знам навистина!
Никогаш не сум имала прилика да навлезам во шведската, британската, виетнамската, јужно-африканската, или перуанската “семејна психа“.
Но сепак, ако иоле можам да се потпрам на некое свое “патувачко-истражувачко и колку-толку животно искуство, сѐ си мислам дека балканот е предодреден за вакви длабоко емотивни - срце-парателни заклучоци, кои, кога ќе ги слушнеш имаат моќ да те растревожат од глава до пети. Да те мрднат од умот. Кој ли ги измисли и изговори овие нешта!? Кој а!? Сигурно не гаталци. Туку паталци. Зошто, како, кога!? Кога го доживеале ова. Тогаш!
Замисли, како им е на мајките кои немаат ќерки, а им кажуваш вакво нешто. Ужас.
Ова сознание не боли толку кога сме млади. Тогаш се нешто, од едно уво влегува, од друго излегува. Дури си велиш “е како не, врска нема, мојот син не е таков, или мене тоа нема да ме снајде“.
Ама, кога ќе почнат првите симтоми на “возрасни стравови“, па коа ќе почнат “ноќните прашања“, од типот, кој мене ќе ме носи на лекар, кој ќе ми даде чаша вода кога нема да можам од кревет да станам, кој ова, кој она… ќеси од пазар, лекови од аптека, чаршавот со ластици на душекот, кој се помалку и помалку сила имаш сама да го местиш, а до вчера у зуби го носеше, кондурите кои веќе сама нема да можеш да ги врзеш, завесите кои треба да се закачат, да се докачи ќебето од најгорната полица… Уф!! Заебано. Не мисли, не мисли на тоа, си мантраш. Е ај не мисли де.
Секако дека не се сите синови исти. Исто како што не се ни сите жени-мајки исти. Ама ја знаете онаа страшно опака и безобразна реченица, дека сите жени се курви, па извини мамо и ти си жена.
Не ми се лутете, јас само прераскажувам она што сум го чула за овие педесет години.
Што би рекле “ако су лагали мене и ја лажем вас“.
Не мислам да се занимавам со психо-терапија во писаниево, ама се мислам дека приказниве почнуваат бенигно и многу наивно.
Мајкиве не сме ни свесни дека првиот пат кога му попуштаме на синот нешто што не е за попуштање, сами си ја сечеме гранката на која што седиме.
На пример, оди фрли го ѓубрето… Првиот пат кога нема да го фрли, почнува приказната.
Одиш и за мир у куќа го фрлаш сама. Следниот пат пак му викаш, оди фрли го ѓубрето. Е мамо ај жити се! Одиш пак го фрлаш. Третиот пат ти вика- знаеш дека не сакам да фрлам ѓубре. Ова е фината варијанта. А може да ти рече “намерно ме тераш за да се изнервирам, знаеш дека не сакам да фрлам ѓубре“.
Ѓубре едно си велиш во себе. Не изговараш гласно. Бидејки ако е маж ти тука, само ќе ти се насити со оној добро познат поглед-“ја кога ти викав да не му попушташ толку многу- ти ми викаше остај го детето“ . Сега фрлај си го сама ѓубрето!
Ова е приказна ако е маж ти тука, а ако си разведена, бидејки и онака душата ти е стуткана од м’кнење кеси од пазар, од сама по родителски, англиски, спортови, сама со мајстори, со акумулатори, регистрации, гуми, а да не зборам, колку ти е стуткана душата од тоа како те гледаат другарките, со кои до вчера се дружевте, а сега откако си сама, се нешто немаат време, бидејки не сакаат да ти се дружат веќе толку многу, од само ним познати причини.
Дали мажот им вели, ај сега, што бараш со неа да се гледаш толку многу-разведена е, дур беше Ѓуро, или Перо тука бевме парови, или пак они сами нејќат бидејки во секоја сама жена, секоја друга гледа потенцијална опасност за својот маж, не знам, иако мислам дека ова второво е поверојатно.
И сега на толку стуткана душа, син ти нејке да го фрли ѓубрето. Ти си викаш ај за едно ѓубре да не си го расипувам денот и животот. Голема работа!
Е голема е да. Знаеш и сама дека е голема, ама немаш сила да си признаеш.
Што викаше една стара “премазана со сите бои“ Госпоѓа- “првиот пат кога нема да те послуша, треба да му ги скршиш руките, оти после тој тебе ќе те скрши“.
Ама ние не!
Ај греота е детето, ај да не го нервирам, ај ова, ај она …
Секој следен ден почнуваш да си го пресметуваш ризикот од ваквите попуштања и грешки.
Силата ти цури, а синот се одалечува.
Навикнат е ти да го служиш, а не тој тебе. Наикнат е секогаш да е во право, навикнат е секогаш ти се да можеш. Навикнат е се да му попушташ. Навикнат е се да му простуваш. Па дури и сега, кога нема време за тебе. Ти сигурно ќе го разбереш.
Е ако тука решиш да направиш некој радикален потез, од типот да го продадеш станот, за да си купиш помал, а со вишокот пари да имаш да си плаќаш жена, која ќе те чува, ќе те пази и ќе ти прави друштво, бидејки син ти не доаѓа нели, тогаш сметај на тоа дека ќе те отпише за цел живот и веќе во куќа нема да ти стапне.
Бидејки навикнат е да ти се лути и при тоа да се чувствува дека е во право.
Е на таквите синови им ја посветувам оваа колумна. Ѓубриња едни. Кога ќе ви умрат мајките, кучињата алот нема да ви го јадат од грижата на совест која ќе ве стаса.
Па после ќе биде “чии гревови плаќам“. Своите. Ничии туѓи. Лошото е што само некој пат забава работава, па се пренесува после на децата. И така се во круг, на овој наш заебан Балкан.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата