Чек да брцнам во ташнава: Колку, како и кога човек треба да се прави глуп?
Дали, колку, како и кога човек треба да се прави будала!?
Ова е прашање со кое се соочувам милион пати во животот. Всушност, ова е едно од најголемите прашања, кое ме мачи цел живот.
Исто толку - милион математики и формули сум направила во главата и никогаш, или многу ретко ќе “светне“ некој вистински одговор.
Многу почесто, откако ќе поминат неколку дена, што велат нели, “секое чудо за три дана“, па некако успева самава ситуација, сама по себе да се релативизира, па или забораваш, или полека - полека исчезнува горкиот вкус во душата, па си велиш ај нема везе “идемо даље“. “Нек иде живот“.
И така се до следниот пат.
Ова зборам и за блиски и за далечни. И за тие по дома и за оние од улица. И за сам себе секако. Оти нема по глупо нешто од тоа да мислиш дека само другите се вакви, или онакви. Дека другите се никакви. Не, не! Сите сме понекогаш никакви. Сите знаеме дека, знаеме да бидеме ѓубриња. Само кој порано, кој покасно, ќе застане пред огледало и ќе си го признае ова. Ако не си го признаеш сам, животот ќе те натера во ќорсокак, па ќе видиш, ќе невидиш, ќе се утепаш од плачење, па ќе си признаеш и за ѕиваните што му ги крадеше на другарти од неговиот точак.
Во последно време додуша, откривам кај себе и некој нов одбрамбен механизам, за кој што не сум сигурна, дали маж ми ме научи на тој одбрамбен синдром, кој што тој си го вика “ај не паѓај у севдах“, и кој што нему одлично му функционира, па ја што од завист, што од она “чоек на куче ќе заличи“, а не па на човекот со кој што живее, почнав да го “гутам“, овој негов лек како против-отров на разно-разни ситуации во животот, па стана дел од мене, или пак исто така, возможна опција е и тоа дека, полека почнуваат да “натежнуваат“ годините, со нив и задникот и плеќата, па човек, нема веќе доволно “нервни обртаи“ за да може да тера “цара до дувара“.
Ама колку и да се браниш, или учиш нови техники, секој од нас има две-три сопствени “бургии“, кои царуваат кај чоека дур е жив и кои не му даваат мир и кој го тераат да го прави токму она, што му го загорчуе животот.
И ти ним, на тие бургии, ништо не им можеш. Тие се дел од твојата “карактерна шасија“, дур си жив.
Мене тврдоглавоста и љубопитноста, ми се лева и десна патика и ја се чини цел живот ќе исправам криви дрини и ќе си го мачам мозочето со прашања кои “не заслужуваат одговор“.
Пред некое време седиме една стара екипа-докажана секој пред секого и главом и брадом. Се знаеме сто години. Секој за секого знае се. И од кај е и кој е и кога имал и кога немал и каков бил кога немал и каков пробал да стане кога имал, па за уши бил влечен да не “застрани“. И кои му се мајка и татко, и кога се развел и како се развел и зашто се развел. И кога крадел и кога лажел и кога имал вошки. Секој за секого.
Нема тука скриени џокери, нема тука продавање муд* за бубрези, нема тука на Шукара басмата по прање отвара. Не! Нема! Секој пред секога “ан-капија“.
Нема ништо од ова, бидејки пробаш ли нешто да смутиш, одма си провален и одма си цела вечер ставен на ражен. Ќе те играат мајтап дур не ти истече и последната капка крв. Дур душа не снемаш. Има да си трпиш да те секцираат ко жаба на час по биологија.
Не само што ќе бидеш “царот со козји уши“, него ќе треба и три тури да викаш и уште два ручека на твоја сметка да идат. Еден у кафана, еден дома.
Е таква екипа седиме и мрсиме муда.
Прајме муабет за децава. За нашиве деца. Колку сме успеале, или не успеале да ги наведеме на права воденица.
Чие потрошило цело богатство барајки да студира те ваму-те таму, чие се размазило, бидејки татко му цел живот по терени, па користејки ја љубовта и немоќта на мајката сама, ене го сега кенка на секоја поостра кривина, чие имало такозвана Саша Ковачевич, или Цеца фаза, кое уште чека мама да му направи сендвич, кое веќе почнало само да заработува.
Им правиме и психо-профили, па викаме мојов тешко ќе прифаќа авторитети и којзнае кај ќе се запосли, твојава ако остане со вакви високи критериуми, тешко дека дечко ќе најде, овој не го бива сам, мора некој да го бутка, другиов е многу наивен, се плашам дека него жена цел живот за нос ќе го влече, овој па надуен како ќуран, кој знае кај ќе му биде крајот.
Во основа дискутрираме за тема која цел живот генерациски се врти. Од колено на колено.
Како што збореле за нас и “думале“, дали ќе не биде, или не, еве сеа и ние “понављаме“ историја, па береме гајлиња, за кои на крај се знае дека секој низ животот си врви со својот к’смет.
Децава ни се супер, моево си личи на мене, твоево на тебе, другото на татко му, ова на баба му, она на дедо му… Ако не биднало нас, ќе ги бидне и нив.
А живели, ај живели…
После неколку дена, нова сцена. Се мести нова ситуација.
Треба да запознаеме една снашка. На еден од синовиве на екипава.
Доаѓа малата и наеднаш се менува целата атмосфера.
Цуркава е тукушто дојдена од Америка. Однесувањето и беше како да учествувала во кампањата на Доналд Трамп. А истовремено била и негов шпиун. И негов и против него. Всушност однесувањето и е како да е продуцент на шоуто на телевизискиот двобој помеѓу Трамп и Клинтоница.
Без влакна на јазик, отворена до таму до кај што за сите нас возрасни на масава е границата на пристојното. И наеднаш како сите да го “кликавме“ линков за таа да добие што повеќе прегледи и лајкови. Додека се свртевме меѓу себе, за да “превртиме“ со очи и да се договориме дека со еден потез треба да ја ставиме на маса и да ја секцираме како жаба, таа успеа од сите нас да направи жабљи бараци.
Татково стануваше да и дотури лед и пијачка, мајкава три пати се пикна под маса, ама сепак на крај се фати на орово на снашка, другиве фативме да се правиме “паметни“ заедно со неа, па да глумиме дека знаеме што се “крипто“ валути. Тргнавме по новчаници и картици, за да уплатиме сто долари, а да добиеме сто иљади, како што маестрално таа не убедуваше. Таа за тоа време вложуваше три илјади, пет илјади…
Се правевме сите будали, толку да биде, не само затоа што снашка, беше богата, односно со светлосна брзина успеала да направи неколку генијални потези, да основа фирма, да вработи сто и кусур вработени, на сите да им дели редовна плата, еве веќе неколку години по ред, туку и затоа што ни е прва снашка у “фамилија“ и затоа што атер за годиниве и дружењево, некако сите бевме затекнати, па во име на децава, збунети до даска.
Може нема да ми верувате, ама јас, која никогаш у живот немам пробано Мк Доналдс, сега тука пред мои очи гледав како се создаваат приказните од “Донт Лук Ап“.
Мозокот ми беше како растопена пача.
Траеше ова неколку саати. Отакако малата сите не отпушти, како во шоуто на Доналд Трамп, стана, не се ни извини и отиде да си легне.
Следна сцена. Повторно иста екипа собрани.
Никој ни А, ни Б, по повод снашка. Едно од најголемите правења будали во историјата на оваа екипа.
Ја а, да зинам, а да не зинам. Морам! Ме бургија мојава шасија од внатре. Маж ми ме гази под маса, со погледот кој вели “ај не паѓај у севдах“. Си подвиткав опаш.
Не знам што ќе се случува натаму. Или ќе бидеме до крај на живот сите “Донт Лук Ап“, или ќе се наместат некако работиве, па “свекоров и свекрвава“, ќе ги секцираме до крај на живот и ќе плаќаат ручкови дур сме живи.
А којзнае каква снашка мене ќе ми падне. Ко мајка ми што не знаеше каков зет ќе и донесам. Па еве овој сега некако и се погоди.
Живот!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин