Колку поглавен, толку поглупав

Добивај вести на Viber

Денеска е ден кога не ми се пишува ништо. Ден кога не ми се прави ништо. Денеска е ден кога не ми се ни мисли ништо.

Недела е.

Обично во неделите сабајле ги пишувам колумните. Сите други денови се “распродадени“, а неделата е ден кога, сабајле во мир и тишина, пред да станат сите, во една таква полузаспана тишина, седнувам и му давам на мозокот да ме однесе дотаму, до кај што тој ќе си најде приказна и ќе ми ја “препише“ во куцан текст.

Всушност, му давам на умот за право да “брцне во ташната“ и да извлече наслов.

Е денеска е ден, кога умот неколку пати оди натака и се враќа празен.

- Немаш приказна денеска!, - ми вели.

- Не може да нема велам јас. Мојата ташна е бунар без дно. Оди, најди и врати се пак. Пробуричкај велам убаво, сигурно ќе најдеш нешто.

-Ти велам немаш-упорен е тој. Пет пати одам натаму-наваму и се враќам празен.

- Зарем навистина!?-радосна сум јас.

- Навистина-не баш радосно, одговара тој.

-Зарем ќе ме поштедиш денеска од твоите лавиринти!?

-  Да се прашував јас, секако немаше, оти знаеш дека моето најголемо уживање е да те носам натака-навака, кај што сакам јас и да се забавувам гледајки те како се заплеткуваш во моите игри и игрици. Но денеска, нешто си направила, не знам ни јас што и си ме “исклучила“. Не ми даваш денеска да мислам.

-  Јупиииииии… значи денекса ќе си лебдам. Денеска ќе си бидам во без-тежинска состојба. Денеска ќе си правам јас што сакам.

-  Ти ионака си правиш речиси секогаш, се што сакаш, само што мене ми е работа да те враќам назад. Тешка си многу за “хендлање“, ама за таквите како тебе ни се дадени “специјални јажиња“, со кој ште ве тегнеме и ве враќаме, за да не си правите што сакате. И ако баш сакаш да знаеш, многу ми е тешко да те совладам, бидејки си ужасно тврдоглава. 

-  Јас тврдоглава!?, му се ококорувам. Извини, ама мислам дека од тебе потврдоглав нема. Цело време ме моткаш и ме носиш во некои ужасни приказни. Пожари, убиства, кражби, нечесни игри, политички превирања, глупави партиски надмудрувања….  Јас се обдувам со цело срце и душа да ти се спротивставам, но ти се толку тврдоглав и никогаш не попушташ и речиси секогаш успеваш да не победиш нас тројца.

-  Вас тројца!? Кои тоа “вас тројца“ сте вие!

-  Како кои!? Па мене, срцето и душата.

-  А јас каде сум во ова твое набројување!? Зарем јас не сум ти!?

-  Па не си и не сакам да си. Таков каков што си не те сакам. Цело време само неубавите работи ги гледаш и само за нив размислуваш. Кога и да решам еден проблем, ти веднаш нов ми даваш. Штом се отплеткам од една ситуација, ти веднаш во друга ме заплеткуваш. Не те доживувам како пријател, туку како непријател. Сфаќаш ли!? Ете затоа не те сакам.

-  Не можеш да не ме сакаш. Јас сум мозокот. И јас сум главниот.

-  Извини, ама морам да ти кажама дека отсекогаш баш тие “главите“ ми биле најглупави. Колку поглавни, толку поглупави. Така и ти. Наместо навистина да бидеш мозок, ти си само еден умислен главен лик, кој се перчи секој ден и кој најмногу се радува кога ќе ги заплетка и срцето и душата. Ти уживаш кога победуваш. Уживаш кога гледаш како се тие немоќни пред твоите “заплетканици“. Уживаш кога ќе ги клекнеш на колена срцето и душата. И никогаш не попушташ пред нивните молби. Колку повеќе тие те молат и преколнуваат да им се смилуваш, толку ти се повеќе и повеќе ја шириш својата територија, сакајки да станеш што поголем и што поглавен.

-  Не си во право. Ова што го велиш нема врска со разумот. Душата воопшто не постои. Знаеш дека не е докажано, ни колку тежи, ни каде се наоѓа, нит каде заминува после смртта, ништо не се знае за неа. Срцето пак е еден обичен орган, кој само треба да ја испумпа крвта и да ја донесе до мене, за да можам јас да работам. Бидејки јас сум главната машина.

-  Не, ти си само еден обичен глупав умислен лик, кој кога срцето не би му праќало “храна“, не би живеел ни еден ден. А ти сета таа храна, што ти ја праќаат и срцето и душата секој ден, за да можеш да живееш и да мислиш, ја претвораш во ѓубришта и депонии. Се храниш од неубавото. И сакаш да ти верувам!?, и сакаш да те сакам!? Не доаѓа предвид. Сфаќаш!?

-  Ионака само 3-4% користиме од тебе. Сите оние на кои низ историјата им беше дадено малку повеќе, или ги спали на клада, или ги остави да завршат во тешка беда и сиромаштија, или направи да ги осуди целото човештво. Има уште безброј причини поради кои не те сакам. Би можела до утре да ти набројувам, ама како што реков, ти си глупав и умислен и никогаш нема да можеш да сфатиш.

-  И ти кажав колку си поглупав, толку повеќе те интересираат пари, моќ, слава, богатство, позиции, политика, функции, власт. Штом се “докопаш“ до вакво нешто, правиш од луѓето бездушни и без-срцни битија. Ете зата не те сакам и ете затоа цел живот ти бегам. Бидејки сакам да си ги слушам само срцето и душата.

И ајде бегај сега и остави ме на раат. И супер што не си нашол приказна во мојата ташна денеска, оти ќе си напишам нешто, овој пат, само од срце и душа.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу