Чек да брцнам во ташнава: Колку треба да биде голем, за да може нас жените да нè задоволи. А?!
Ја не знам дали постои толку голем, колку
што нас жените би не задоволил.
Можеби не толку голем, колку што би требало да биде ни голем, ни мал, ни среден, ни ваков, ни таков…, едноставно да биде некако таман.
Не знам која димензија тоа би требало тоа да биде. А!?
Не знам колку треба да е широк, или тесен, или пак дебел или тенок. Не знам ни тоа колку треба да е висок, или низок, или пак долг, или краток. А!? Жени!… Колку!? Колкав!? Каков!?
Постои ли таков облик и димензија, пред кој ние жените кога ќе застанеме, димензија пред која ќе се исправиме и ќе ја доживееме онаа фантастична, помалку налудничава оргазмична насмевка, која ни ја раздвижува крвта во жилите и од која образите ни стануваа природно румени, кожата природно затегната, косата сјајна и бујна, очите светнати, лицето озарено..
А!? Жени!? Што мислите, има ли таков!?
Замислете уште и тоа да е секогаш подготвен, секогаш да е доволно спакуван, скоцкан, стокмен, секогаш среден и чист. Уреден, среден светнат.
Кога ќе му се доближиме секогаш да знае што сакаме, колку сакаме и како сакаме.
Пипкаш со раката ваму, меко колку што треба, пипкаш со раката таму тврдо колку што треба. Пипкаш онде свила, пипкаш овде кашмир, малку погоре волна, малку подоле нежно како памук…
Влегуваш внатре и влегува сето “внатре“ во тебе. Милина. Мириса на убаво. Мириса на тебе. На секој дел од тебе. На секоја една твоја емоција. На секоја твоја дразба.
Има таму мириси и кога си била млада, невина и наивна. Ама и кога си била и опака и лоша. И безобразна.
Има таму мириси и спомени и од времето кога си била своја и си пукала со самодоверба и си правела се што си сакала без срам, без перде, оти ти се можело. Такви ти биле годините. Таква ти била наравта. Убавината ти била таква. Те носела разиграна и разбујана како ветар и река заедно. Како сончев зрак. Како молња. Како природна сила нескротлива. Оти ти се можело. И оти си знаела како. Без да учиш. Ти било дадено. Од Бога. Од мајка и татко. Сјајот одвнатре ти бликал. Телото ти било како вајано. Градите цврсти и јадри. Нозете долги и витки. Половината како песочен часовник. Вратот како бисер. Рацете меки и нежни. Стопалата како балзам.
Сета си била како сочно јаболко, како најубаво забрането грозје, како тенка чаша вино. Како “спарклинг“ на шампањ. Со јагоди. И шлаг пена. Ах какви се овие спомени. Овие мириси кои се само твои. И ничии други.
Ама има и други миризби таму. Оти жената некои од спомените може и да ги заборави. Да ги подбутне. Да ги потисне. Но миризбите не! Многу добро си го знае сопствениот мирис и од времето кога била и тажна и осамена. Беспомошна. Немоќна. Бесна. Напуштена. Изневерена. Од него! Од неа! Од сите!! Овој мирис, мириса на горчина. На чемер. На јад и очај.
Кога си плачела, кога си викала. Кога сјајот ти се претворил во сивило. Во насолзено перде пред очи од кое ништо не гледаш.
Има таму миризби и на загуба. На близок. Од која душата се кине на парчиња. Црно е!
А белото!? Белото мириса на чипка. Мириса на бел вез од свилен конец. Мириса на ново раѓање. На чедо. На утроба. На плодова вода. На мајчино млеко. На татко и мајка заедно. На љубов.
Радост и блаженство истовремено кое не ја мери ниту една друга состојба.
Спокојство кое те прави кралица во просторот. Обележана територија, која знеш дека е само твоја и ничија друга. Никој друг нема пристап таму. Твој е! Од глава до пети. Ти припаѓа само тебе. Зошто!?
Затоа што само ти знаеш и умееш со него. Му го знаеш секое делче, секој сантиметар, секоја твоја трпка на телото. Секој твој животен сок е внатре. Секој твој мирис и емоција.
Чуваш таму скриени спомени кои како да се чуваат во сопствената утроба.
Првото запче, прамен од коса, првата честитка за 8ми март, напишана со искривени и изрецкани букви, какви што можат да бидат пишувани само тогаш, кога раката ти трепери од љубов, искреност и чистина. Кога си дете. Има таму и свидетелства и дипломи и албуми со стари и пожолтени фотографии. Има и по некое скришно писмо од некоја твоја прва љубов. Може да се најде и некоја таква фотографија од летен одмор. Книга со посвета. Песмарица. Извод од матична книга на родени. На умрени. Дури и по некоја неплатена сметка може да има таму. Секако таму е имотниот лист од станот. Од куќата. Некој гарантен лист од машина за перење. Стариот пасош, од времето кога ни ги враќаа пасошите. Матурското табло е таму исто така. Таму се и нашите скриени и тајни пари. Договор за доживотна издршка можеби! По некоја судска пресуда. Развод. Венчален лист. Разгледница од Рим. Карти од метрото во Москва. Папирус од Египет. Тетратка со исушени детелини со четири листови.
Сета среќа е таму. Сета радост. Сета тага и болка се таму. Сиот живот.
Во нашиот женски плакар. Во плакарот кој никогаш нема да биде доволно голем, висок, дебел, широк. Никогаш таков за да ја задоволи нашата женска потреба.
Ние секогаш ќе имаме нешто, за кое што ќе ни фали уште една полица, уште една преграда, уште една закачалка. Уште едно крило во кое ќе сакаме да сместиме уште нешто од сите наши спомени и мириси.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин