Кревам бело знаменце
До пред само три-четири месеци бев „окорели“ противник на сериите. Никако не ми беа јасни луѓето што гледаат серии. Да бидам искрена малку „отпојќе“ сум ригорозна за некои прашања, илити за некои теми кои не ги признавам.
А признавам дека имам субјективен и прилично крут критериум кога нешто не прифаќам. Мислам дека по дифолт сум у право. Не ми чини ова, знам. Знам и дека ги нервирам луѓето со овој мој курч дека се знам и дека секогаш сум у право. Некогаш ми е гајле поради ова, а некогаш баш ми е гајле. Зависи од ситуација и зависи од „вредноста“ на темата, како и од „вредноста“ на човекот со кој „се судам“ за некои прашања.
Ако има доволно аргументи да ме разубеди, признавам пораз, ако не терам „цара до дувара“.
Значи сериите …
За луѓето кои гледаат серии, мислев дека немаат попаметна работа, него секој ден у исто време да се нацртаат пред телевизор, за да се „дружат“ со „петпарачки“ приказни од нечии други и туѓи животи.
Ми речеше ли некој дека го прави ова едноставно го бришев од мојата листа „луѓе за почит“. На некои им го кажував ова во лице, на некои други не. Само им ставав „икс“.
Е! Арно ама животот е една прилично „чудна творба“, па вртејќи те во круг, те носи во оние вртлози за кои си мислел дека тебе не можат никогаш да ти се случат.
За кои си се правел паметен и за кои си мислел дека можеш да „продаваш басма“. Кревам бело знаменце во однос на сериите.
Се навлеков! Признавам. Јавно! Истата таа моја другарка на која „и попуштив“, затоа што гледаше серии и не и стави икс, почна да ми објаснува дека не се тоа ниту шпански, ниту, турски сери, ниту петпарачки сапуници.
И велев „престани и не ми објаснувај“. Серија е серија.
Не е така Таки, ми велеше. Ова е нешто друго. Имаш предрасуди ми велеше. Имам секако, бидејќи се оглупи човештвото со тоа сериите. Ќора книга не прочитујат тие луѓе. Камо ли концерт и театар. Не ми збори молим те!, ќе се скараме!
Абе пушти, ми велеше. Пробај. Еве „Каса де папел“ ѕирни ја, или „Суитс-Костуми“ на пример. Знаејќи си го мојот „лимун табиет“, дека баш и не секогаш се што мислам јас мора да е исправно, решив еден ден да проверам.
Се скрив од самата себе и уклучив „Нетфликс“. До тогаш филмови и документарци ми беа сфера на интерес.
Стиснав „гледај“ на „Каса де Папел“ …
Ауууу … епизода за епизода … Не знам колку сезони беа три, или четири. Ги изгледав за пет-шест дена.
Ко улава, до ниедно време.
Одма после неа стиснав „гледај“ и на „Суитс-Костуми“. Еве сум за само недела дена на четврта сезона. Знам дека ми се смеат сега сите оние, коишто редовно си гледале серии и веројатно не им е јасно, што е тоа толку голема драма околу сериите!?
Ќе ви објаснам што е драмата. Не е драмата околу сериите. Друго е нешто.
Иако, (да бидам уште малку тврдоглава, бидејќи не ми се попушта лесно), сепак мислам дека тоа турските серии, кои се емитуваат на нашиве телевизии и на кои се навикнаа и од кој стануваат зависни сите наши мајки, тетки, стрини, свекрви …, (за среќа мајка ми не и многу сум горда поради ова), ни еб. мајката (да ми простите на израз).
Значи толку го обезличија човечкиот ум, толку му го пренасочија вниманието, толку успеаја од него да направат аморфна маса, кој ќе се обликува како што сака „нарачателот“, да е тоа за жалење и плачење.
Добар дел од тоа, поради коешто нашиот народ се согласува со сè и за ништо не се буни, е заслуга токму на сериите.
Си имаат „хлеба и игара“ и мижат пред сè што ни се случува во државава.
Затоа имам таков, признавам помалку и чуден бес и гнев по повод серииве. Јасно ми е дека секоја серија си има и свое „подрачје“, поради кое се продуцира. Серии за пониско и повисоко социо-културолошко ниво.
Жал ми е што, тоа што нам ни се дава е слично како оној омекшивач за алишта што ќе го купите во Македонија и оној што ќе го купите во земјите од Европска унија. Сте забележале дека ниту мириса исто, ниту пак исто ги омекнува алиштата. Тој „никаквиот“ е за наше подрачје. Исто и сериите.
Сосем исто.
И за да не личи дека се правам паметна, па демек еве јас гледам серии кој се за повисоко разумно ниво, сакам да кажам нешто друго.
Овие малку „поумните“ серии, кои ги има на Нетфликс, се продуцирани за луѓето кои трчаат натака-навака и работата по „сто работи“, за да можат да преживеат, (категорија во која и јас спаѓам) па кога ќе дојдат дома капнати уморни, единственото нешто што им преостанува и коешто ги опушта, за да можат да си го смират умот е токму серија. Која трае 45 минути и во која не е ништо страшно ако пропуштиш нешто, бидејќи во следната епизода ќе ти се разјасни. Со филмот не можеш така да се понашаш. Ако ти избега вниманието, мораш да се вратиш назад, за да ја сфатиш поентата. Инаку на крај ќе се чувствуваш како да си блеел ко теле у шарена врата.
Ете затоа служат сериите, за да блееме ко телиња у шарена врата. Битно ми беше ова да го признаам, вака на глас и за себе. Битно ми е, бидејќи се надевам дека брзо ќе ми мине оваа серијо-манија. Бидејки знам зошто служи.
И бидејќи мислам дека ако барем си свесен за нештото што го правиш, не си толку „болен“. На крај, како што гледате сепак си истерав по свое.
И понатаму мислам дека серија е серија. Каква год да е. Служи за да го оглупави човештвото.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу