Чек да брцнам во ташнава: Мајки од злато направени

Добивај вести на Viber

„Да го водеа светот нашите мајки, тој ќе беше многу побезбедно и поубаво место за живеење“.

Оваа реченица ја прочитав пред некој ден на статусот кај еден мој пријател на фејсбук.

Под неа имаше многу коментари, со кои кои главно секој од нив се согласуваа со ставот на пријателов.

Еден од нив, беше коментар, кој исто така во две реченици го опиша ова време во кое живееме денес.

„За тоа сте виновни вие помладите“.

Прво се замислив во која група мајки спаѓам јас, со оглед на тоа што мајката на оној кој го напиша статусот, за кој што овој мисли дека кога би го воделе светот, тој би бил далеку поубав од овој во кој живееме е отприлика возраст на мајка ми, што значи во таа група мајки јас не сум, а другите мајки кои на некој начин се „виновни“ за ова време во кое живееме се многу помлади од мене, што значи некои минимум петнаесет-дваесет години.

Дали се овие вториве виновни, си велам јас, што се помалку се мажат и женат и раѓаат деца, за да може силата на семејството да се избори со ваквите бесмислености и „опаки глупости“, во кои мораме да живеем сите ние мајки, татковци, деца, баби и дедовци денеска.

Покоен Балашевиќ имаше покрај сите останати генијални и една ептен врвно- генијална песна со наслов „путуј Европо и немој више чекати на нас“, каде што вели „криви смо ми што смо их слушали“.

Кого!? Па сите овие кој не доведоа до ова дереџе.

Си велам ги гласаш, ги плаќаш, им веруваш, ги почитуваш, а они ти ебаваат матер и те доведуваат до дереџе да се осеќаш ко идиот. Да бидеш покорен, безнадежен, бесмислен пред самиот себе.

Те доведуваат во состојба да се чуствуваш ко сам себе да си се исцинкал, да си се поткусурил ко монета, да си го излижал сето она по кое си плукал.

Него за мајкиве и нивната вина ми е муабетов.

Значи оние над седумдесет и кусур не можеме да ги прогласиме за виновни. Тие изведоа на пат цела една ера полна со војни со немаштии со рестрикции на струја, бензин, брашно, шеќер, зејтин. Отворија фабрики, изградија патишта, мостови, школи, универзитети, театри…

Го подигнаа духот, моралот, љубовта, грижата воспитувањето на нас, бидејќи сме ние нивни деца нели!?

Со еден збор позлатија сè што дофатија. И ене ги, поголем дел од сите нив се сè уште живи.

Жилави, духовно моќни, полни со разбирање, што и да им дадеш задача ќе ти ја завршат. Имаат еден тон пријатели, каде што еснафот сè уште функционира. Кому и да се јават одма ќе им заврши работа. Од љубов и од почит се разбира.

Не за рушфет. Никако. Може едно кафе, или ракија да ги почастиш и на тоа се сведува сè уште, кај таа добра генерација мајки. Добри како добар ден.

Како од друг материјал богати да се направени, како од челик, од злато. Од нешто што нит се абе, нит р’ѓосува, нит паѓа на колена.

Така што тие не само што не се виновни, туку се херои.

Е сега овие младиве, што ѓомити се виновни. Нив кој ги воспита. Па ние! Тонч!

Дали тогаш мојата генерација мајки е виновна. Виновна што воспитала вакви деца. И ќерки и синови.

Уф, не знам што да кажам.

Намерите сигурно не ни беа такви. Правевме сè што правеле нашите мајки со нас. Истото. И држ и не дај и казни и награди и купи му и не му купуј и на право и наопаку. И на глава дубевме и на нозе се дочекувавме, што и да не снајде со нашиве деца. И ете не успеавме да ги допрајме ко што треба.

Светот некако немилосрдно си ја зема таа улога да ни ги тера децата по насока, по која што тој сакаше, а не по насока по која ние влечевме.

Да речам дека сум виновна, не можам, бидејки правев сè што можев и што мислев дека е исправно да правам.

Да речам пак дека не сум виновна исто така не можам, бидејќи не сум слепа, а и глупо е да се праам слепа кога гледат то силикони, то филери, то нокти то Барбики на сите страни.

Единствено што можам да речам е дека или можеби е рано да се суди, бидејќи историјата ќе каже, а таа нели се пишува многу подоцна. Но од друга страна пак, неа нели ја пишуваат победниците  Е сеа дали овие ќе победат, или другите тоа не се знае.

Времето ќе си ја дотера приказната по свое. Оти и наопаку да се завртиш, нему не му можеш ништо. Неприкосновено е!

Но една работа мислам дека е за сите времиња зададена и дека во сите епохи на човештвото се повторува.

А тоа е дека:

АКО МАЈКИТЕ ГО ВОДЕА СВЕТОТ, ТОЈ СЕКАКО ЌЕ БЕШЕ МНОГУ ПОУДОБНО, ПОСРЕЌНО И ПОУБАВО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин