Македонскиот Итар Пејо

Добивај вести на Viber

Многу ми се допаѓа таа наша Македонска снаодливост. Таа специфична итроштина со која нашиот народ е обдарен.

Таа итарпејовска лукавост, која не‘ прави толку многу посебни и единствени во светот.

Не можам да речам Балканска, бидејќи ние имаме нешто, што навистина никој, не само на Балканот, туку мислам дека и во светот го нема.

Значи многу, ама многу ми се свиѓа тоа. Уживам во таа наша автохтона итроштина.

И србите и хрватите и црногорците, па и босанците имаат исто така нешто специфично, нешто што ги прави исто така ултра посебни и да не речам магични за разлика од остатокот од светот, ама ние… !

Ние македонците чинам дека сме допрени со некое волшебно стапче, кое наречниците, токму нам ни го чкртнале на треќа вечер од настанокот на светот.

Нам, и никому друг на светот.

И токму таа обдареност, толку многу ми има помогнато во животот, да просто“ не зна им се број“ на таквите настани во мојот живот.

Само неколку ќе ви набројам. На пример,со два-три “вистински“ телефони, сум успеала, да имам најава со камера и микрофон пред Мона Лиза во Лувр. Не е ова баш така лесно, само да знаете. На истото место со едно “тргајте се сите“ ми успеа на две минути да ги тргнам сите туристи кои како мравки се пикаат баш пред Мона Лиза, за да можам раат да си ја снимам “стендап“ најавата.

Потоа исто така со еден-два телефона, ми успеа да дојдам до личниот број на Заки Хавас. Човекот беше министер за култура во Египет, во времето кога јас ја снимав емисијата за “Патуваме-сонуваме со Аурора“ во Египет, за да можам исто така да снимам најава пред Пирамидите во Гиза, исто така без дозвола претходно издадена. Ова пак, дибидус не е лесно.

Потоа со лажна пропусница од Александар Табаковски (човекот е цар за Формула 1, заедно со Миленко Неделковки и никој друг веќе кај нас), успеав да влезам во боксот на Ферари и да се сликам со Михаел Шумахер…

Интервјуто со Мишел Платини и со главниот готвач во ресторанот Жил Верн на Ајфеловата кула, ми беше исто така на овој начин “обезбедено“…

И уште многу, многу вакви итроштини, кој како дел од таа обдареност на нашиот народ сум “инфицирана“ и јас.

Нашиот 7/8-ски такт е непрејебив (што би рекол Бобан Авалон, кој патем е исто така побајаги обдарен со тоа специфично и волшебно македноско стапче, па му успева, како што само на еден таков непрејебив Македонец би му успеало, да донесе такви светски ѕвезди во оваа наша македонска вукојебина. Инаку оваа наша “слатка вукојебина“, уствари, ако подобро размислам, ич не е вукојебина, бидејќи ние како ниедни други имаме и фестивали и музика и филм и драгоцености кои никој на светот ги нема…, иако за мене баш тој Бобан Авалон е малку отпојке накурчен, ама можда и само така може тоа да се прави. Оти овде веќе ако си по стар терк воспитан и ако така мислиш дека ќе завршиш работа, си се заебал. За пет минути ќе те изеде помрачина. 

Е ова е тоа, за кое всушност сакам да пишувам.

Како и зошто токму таа “непрејебива“ итроштина со која сме обдарени, почна така глупаво “лупиновски“ да се руши против нас самите.

Имам едно скромно објаснување.

Во секој човек има “виш“ и “нижи“ тип. На човек исто така.

Ако си “виш тип“, природно се стремиш кон повисоки вредности и цели. Истово ова ќе го праиш, ама на еден возвишен начин. За добробит, за да е убаво, за да е вредно, за да е ремек дело. Такви какви што нашава “слатка вукојебина“ има “не зна им се број“ колку многу. Ако тргнам да набројувам од Бадев, Мартиновски, Манчевски, Панчев, Васка, Бојаџи, Трпчески, Стефановски, та едниот, та другиот, па да фатам да се враќам наназад до Цепенков, или Миладиновци, душава ќе треба да ми се распадне од набројување. И од убајни.

Е арно ама, ако си “нижи тип“, тогаш истово ова ќе го правиш, ама на еден ултра сељачки и примитивен начин. Мамицата мамина ќе им ја расплачеш и на оние околу тебе и на тие после тебе и на 7 колена наназад.

Од се‘ пепел ќе сториш. Како да никогаш не ни било.

Ако она другоно, душата ми ја распаднува и раскрвавува од убајни, ова другово ме сомлева. Пепел ме сторува.

Тоа што јас си имам своја внатрешна борба и што сум си исткала златен штит околу себе, за да не им ја давам радоста и убавината на живеењето на овие кој сакаат да ми ја згмечат, тоа е една работа. Тоа е затоа што не знам дал ќе имам реприза, па сакам премиерава да си ја одиграм за најгласен аплауз и овации.

Ама дека стално можам да сум слепа при очи и глува при уши, тоа баш не можам. Не можам стално.

Како и зашто имаме насушна потреба да сотреме се што не прави луѓе, не може да ми стане јасно. Никако. Ниедна формула не ми успева да го пресметам ова.

Како и зошто се претворивме од луѓе во луѓенца, никако не можам да сфатам.

Прелаз ли е на целото човештво од еден во друг облик, па ние први го правиме тоа!?  Карма ли е!? Казна ли е!? Шо бутур е..., не ми е јасно.

Можно ли е сепак да сме толку глупави!? А...!?

Можно ли е!?


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: