Чек да брцнам во ташнава: Бев, видов, учев. Египет е сѐ уште мистерија

Добивај вести на Viber

Пред три дена се вратив од Египет. По петти пат досега се враќам од Египет. И уште сто пати би одела. И би се враќала и пак би одела.

Нему како никому до сега, како ниту на мојот најомилен љубовник, му давам да ме обземе со сета своја магичност и таинственост.

Му се давам без трошка страв и срам. Се соголувам како од мајка родена пред него. Секоја средба со него ги расоблекува сите мои внатрешни и надворешни слоеви. До последен. Египет знае како да ја игра оваа заводлива игра со мене. Ме разголува со својата речиси еротска таинственост.

Ги обожавам египетските тајни. Го сакам поради тоа, поради таа негова возвишена и испревана гордост со која илјадници години беспрекорно го чува својот вел на тајни пред секој патник намерник. Не постојат очи, кои можат да продрат низ овој негов таинствен вел.

Не се дава, не се отвора до крај…. Никогаш и никому.

Се ќе ви даде. Сиот свој раскош. Сета своја бескрајна убавина. Ќе ви дозволи да чекорите по платото на Гиза, да ги допирате камените блокови стари со векови, да влегувате во тајните ходници на гробниците во пирамидата, или во оние на фараоните во Луксор. Ќе ви ги отвори своите подводни порти на Црвеното море.  Ќе ве чува, иако здивот ќе ви се одзмеа, гледајки во најволшебните бои на коралните гребени што некогаш до сега сте ги виделе.

Ќе направи да се чувствувате како зрнце песок, но истовремено и како скапоцен камен, стоејки во средина помеѓу огромното песочно сахарско море од едната и тиркизното, можеби едно од најубавите мориња во кое до сега сте се нурнале од другата страна.

Ќе ве замае и со своите вкусови. Ќе посакате да клекнете на колена пред совршената египетска кујна.

Ах, тој фалафел, едно обично ќофте од грав, кое мислиш дека сета дагоцена длабочина на сиромавиот човек ја смеша во себе. Не сум пробала поубаво ќофте никаде во светот. Ми се чини дека секој ден можам да го јадам и за доручек, и за ручек и за вечера. Не знам во што е неговата тајна. Велам, тоа е едно обично ќофте од грав. Но ништо поубаво.

Ќе ви стави Египет и капка парфем на вратната жила, која ќе ви пулсира поради стравот и радоста која истовремено ќе ја чувствувате, како испреплетена мрежа, во која сакале или не ќе ве вплетка Египет.

Се ќе ви даде на тацна, сета своја убавина, раскош, сјај, богатсво, сиромаштија, приказни кои ниту сте ги чуле, ниту ќе ги чуете.

Но своите тајни, Египет никогаш нема да ви ги даде. Тој свој можеби последен слој, составен од тенкиот папирус на тајните, Египет се чини ќе го чува до века само за себе.

Овој пат бев со син ми. Го положи поседниот испит на факултет. И наместо било што друго, решив на подарок да му го спакувам Египет во 7 дена.

Поставив неколку услови.

Да станува во 7.30 најдоцна. Сонцето во Египет изгрева во 5.30 и ако не ги фатиш првите ноколкучасовни утрински зраци, пушташ најубавиот дел од сончевата утринска магија да го минеш во сон. А тоа не е убаво. Сонцето во Египет најубаво сјае наутро. Потоа пече.

Вториот услов беше, да се гледа во зајдисонцето кое трепери додека заоѓа зад карпестите брда, кои како разиграни бранови стојат пред Сахара.

Сакав да го гледа трепетот на чудесната фатаморгана, за да препозавна во животот, што значи кога само нешто ти се чини дека не можеш.

Пирамидите, односно средбата со нив беше секако еден од условите.

Но, тој услов, тој го замени со свој. Откако и него го магепса Египет рече дека следната година, ќе дојде со својата сакана и таа средба ќе ја остави за со неа. Сака заедно со неа прв пат да ги види.

Прифатив. Ми се бендиса објаснувањето.

Средбата со бедуините во Сахара секако беше исто така услов ставен на маса пред да тргнеме.

Сакав да се сретне со очите на еден од најстарите народи на Планетава. Да види барем, ако не успее да продре во најтаинствените црни очи. Всушност, тоа не се очи. Тоа е бунар во утробата на човештвото.

И да плива, да плива, да плива и да нурка во подводните раскоши на црвеното море. Толку многу да плива и да нурка, за да престане да го слуша дури и сопствениот здив. За да не се плаши никогаш од длабокото. Ниту од она на животот, ниту пак од она уште пострашното-сопственото длабоко.

Последниот ден се случи средбата која ја чекав сите денови.

Ни пријде момче од тимот на хотелските аниматори. Не канеше на пинг-понг турнир во 12 часот.

Скришно го погледнав часовникот на телефонот и видов дека имам околу три-четири минути да поразговарам со него.

Без да ја знам, јас ја знаев неговата приказна.

Многу пати сум чепкала многу по длабоките египетски приказни. Сакав син ми да ја слушне неговата приказна.

Момчето имаше озарено лице и длабоки црни очи. Египќанец се разбира. Смирен и спокоен однадвор, но разигран и трепетлив одвнатре. Имам научено како да ги “гледам“ човековите дамари. Исклучиво и само со целосно отворен гард. Никако поинаку.

На беџот му пишуваше Џо, но тоа беше неговото “сезонско“ име. Инаку се викаше Мухамед. Со својата 21 година, тој веќе беше трета година студент на универзитетот во Каиро, со просек 4.3 од можни 5. Зборуваше течно три јазици арапски секако, англиски, шпански, а сега вели го учам германскиот бидејки планирам да се дообразувам во Германија. Сакам таму да живеам. Имам двајца браќа и една сестра. Работи само татко ми. Немаме за сите.

Во сезонава работам по 18 часа на ден, за 120 долари месечно.

Јас тука застанав. Чекав син ми да продолжи.

Тој подзинат и со повишен тон му вика “чекај, чекај…, мора да се шегуваш со нас“. 120 долари за цел месец по 21 часа работа на ден!? Не е можно!

Џо, односно Мухамед замолче. Како да се навреди, што син ми не му поверува, а овој сета своја приказна ја распосла пред нас како на тацна.

Јас продолжив да молчам. Ги оставив двајцата врсници сами да се снаоѓаат како ќе го продолжат разговорот.

Едни сини разгалени очи, гледаа во едни темни, длабоки, тажни црни очи. Траеше ова некое време, без никој да изусти ниту еден збор.

Син ми прв прозборе. “Извини, не мислев да те навредам, но ми се чини дека се тоа малку пари за твојот труд“.

Да, но јас собирам многу драгоцени и бесценети искуства. Не ти се лутам. Сакаш да играме пинг-понг.

Секако.

Се смеева како отсекогаш да се познаваат. Станаа френдови на сите можни профилни мрежи.

Вечерта на аеродром, го погледна сендвичот кој заедно со кока кола чинеше 10 долари.

Знам дека беше гладен, но не го посака. Ниту пак јас му го купив.

Се погледнавме скришум. Знам дека двајцата го мислевме истото.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата