Чек да брцнам во ташнава: Мојата докторка

Добивај вести на Viber

Си имам една докторка на која уште сто животи да живеам не ќе можам да и се оддолжам.  И звонам за шогодер.

Ако ме боли глава, ако ме вијат коските, ако ме касне оса, ако ми пукне капилар на око, ако ми се воспали увото, ако се набодам на трн, ако ме боли стомак, глава, кичма, колено, душа… понекогаш дури и ако ми загори ручекот, а чекам гости.

Се шалам секако, ама не е дека не помислувам на неа дури и во такви моменти.

И ова не само за мене, него за цела фамилија…

За мајка ми прво, па после за син ми, додека ми беа бабите живи и за нив прашував, за маж ми додуша не, бидејки него никогаш ништо не му е и никогаш ништо не го боли.

Ми се погоди “не-кенкач“. Дури и кога “умира“, тој вика добар сум. Ми иде да му поставам чип-камера, за еднаш да го начекам и да го видам неарен. Има сила и за себе и за сто души околу себе. Ем ме нервира, ми се иде косата да му ја искубам поради ова… “кажи бе некогаш дека нешто те боли, дека не ти е арно, за мене да ми биде полесно“, ем го обожавам што е таков. До небо.

Ама јас нешто последниве година-две ко да се раскенкав малце, па едно две…“ало докторка, ми тече нос, да земам ли риностоп“?, ало докторка може ли и шумеќи аспирин и фервекс заедно..? ало докторка во Грција сум со мајка ми, а ги заборавила таблетите за вртоглавица, што да земеме замена, ало докторка син ми си ја истегна препоната… !?

“Моја си е“ и веќе едно 20 години ја тормозам.

Понекогаш се прашувам како таа жена ми крева телефон и како не сум и досадна и како не и доаѓа да ме отера у три лепе, особено кога ја прашувам дали ако сум испила кафетин, може да земам и андол. 

Многу често пред да и звонам се туфкам од срам, ќе се врткам улево удесно и на крај пак ќе и свртам.

И ете ти ја неа од таа страна строга, стамена, одважна, но со трпение до небо да одговори на моите заплеткани прашања.

Морам да признаам дека откако не работам веќе интервју, прашањата ми се некако чудни. Како да ми фали конкретност. Се некако округло, па на ќоше. Ама таа ме разбира што сакам да кажам и прашам.

Често мислам на неа и кога ми е добро, не само кога не ми е арно и секогаш ми текнува дека никогаш ништо за возврат не сум и однела.

Не дека не сум помислила, сто пати ми текнало, ама ич не знам да дадам “нешто од багодарност“.

Ич не знам како се прави тоа.

Демек што!?, да и купам кошула, парфем, накит, или не дај Боже кафе и бомбоњера.

Мислам дека кога ќе го подавам таквото нешто, што и да е тоа, дека ќе се ушуткам и ќе се обрукам.

Мислам дека, таква каква што е строга, исправна, чесна, ако ми рече “зошто си ми донела вакво нешто“, дека ќе се извинам и дека ќе и речам “извини“, никогаш веќе нема да ми се повтори.

Сум помислила и за роденден да и подарам нешто, но и тоа не ми оди. Бидејки без оглед на тоа што се познаваме 20 години, таа мене не ми е другарка.

Таа е докторка, која поради само нејзе познати причини, веројатно филантропство до небесни димензии, решила да ми “се наоѓа“ во сите мои “снебиднати“ ситоации, да ми крева телефон, да ми дава совети, да ме сослуша, да ми каже дека ништо не ми е, да ми препише терапија, едноставно да ме гушне. Дури и преку телефон.

А подарокот за роденден е исто така интимен чин. Чин на блискост. Ама поинаква блискост. Не како оваа што ја имаме таа и јас.

Сум се прашувала, како ли би изгледало тоа, да и зазвонам на врата за роденден и да и подарам букет цвеќе.

За тоа некако најмногу сум си гласала, пред самата себе, дека нема ништо лошо во тоа. Ама и тој еден посто што ме колеба, не ми дозволува да го истерам ова до крај.

Се си мислам дека ќе го расипам сето драгоцено.

Дека ваквата човечност, добрина и посветеност не дозволува погрешен потез.

Многу ми е страв, не да не ја изгубам, туку да не ја навредам. Да не ја разочарам.

Мислам дека тек тогаш болна би легнала. Нема полоша болест од тоа. Да изневериш нечие себедавање.

Сум си велела и тоа дека животот долго треа и дека сигурно некогаш и таа нешто ќе побара од мене, па јас ќе полетам, како што таа лета за мене во секое време.

Но, никогаш ништо не ми побарала. За 20 години.

Се разбира дека ниту ќе ја кажам со име и презиме, ниту пак ќе и го дадам текстов да го прочита.

Мислам дека слабо користи социјални мрежи и дека нема да и дојде “на рака“.

Дури и да го прочита, мислам дека нема да знае дека е за неа.

Ама јас знам.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата