Нема друга гајба под тезгата

Добивај вести на Viber

Голем дел од вкрстените патишта помеѓу мажите и жените се милион пати досега разглобени и раздобени на ситна попара и тоа по речиси сите основи. И надолжно и нашироко.

Голем дел од нас сме ја сркале таа попара, Некои сѐ уште ја сркаат, а некои решија дека и сув леб ќе јадат ако треба, ама таа попара веќе нема да ја сркаат.

Дали човек еднаш засекогаш треба да сфати дека попарата е задолжителна на човечкото животно мени, или пак постојано ќе се препрашува и ќе се заплеткува ситнејќи ја попарата сѐ поситно и поситно додека еден ден не му останат само трошките.

Се прашувам дали е тоа процес кој е неминовен и кој просто е зададен по „задолжителните“ природни закони и кој човекот едноставно мора и мора да го помине. И не само што мора да го помине, туку мора и да го прифати.

Понекогаш дури и си мислам дека и оваа „циркус парада“, што во последно време му се случува сѐ повеќе и повеќе на човештвото е последица на тој „неиздрж“ во двополовите релации.

Си мислам дека човек обидувајќи се нешто да промени, само за да проба некако да се спаси од сите тие заплеткувања, пробува нешто ново мислејќи дека таму ги нема тие заплеткани ситни цревца и дека таму сѐ е глатко и подмачакно врви.

Затоа почнаа да се пјоавуваат мал милион „геј комбинации“ (ќе ми простите, ама не им ги знам имињата, а да бидам искрена не ни сакам да им ги знам), исто како што сметам и дека токму поради тоа почнаа луѓето да си ги менуваат половите или од сабајле да се чувствуваат како маж, па поручек како жена, па утреден како животно, задутреден како дрво.

Сѐ си мислам дека токму „таа каша попара“, која сами си ја дробиме и си ја сркаме доведе до овој тип барање излез.

Исто така си мислам дека и таму, во тие „новосоздадени релации“ полека полека ќе почнат да се случуваат тие каши попари и дека човек ќе го затвори кругот, сфаќајќи дека како и кучето, опашката не ќе може никогаш да си ја гризне, колку и долго да се врти околу својата оска и колку и да го забрзува кругот. Туку дека само ќе папса, ќе се струполи и веројатно ќе се сети дека се тоа природни закономерности кои просто мора да се случуваат и дека тој и наопаку да се сврти тоа ќе биде така, па така. За век и веков.

Мажот и жената се едноставно „служители“ на природата, кои треба да го овозможуваат процесот на опстојување на планетата Земја и дека тоа е нивната основна функција. Во меѓувреме секој од нив треба да си го живее својот живот и да не очекува другиот да го живее животот за него. Никој не може да јаде за другиот, ако овој е гладен.

Сите оние нешта од типот на „жртва за бракот или децата, или да речеме обидот да се промени партнерот и да се смести во сопствениот калап, или сѐ ќе види он, или она“… сѐ се ова безвезни обиди од каша попара, од која човекот сака да создаде печено месо со компири.

Нит било нит ќе биде „једна раја, а два господара“.

Секој си е господар само на сам сабе и толку. Тука и почнува и завршува сѐ. Точка.

„Нема друга гајба патлиџани под тезгата“ - ми рече еднаш еден психолог во една емисија.

И мажите и жените, (вообичаено почесто жените) мислат дека гајбава што ја добиле, или што им се паднала, како подела на картите во овој живот, можат да ја променат.

Та цело време вртат и превртуваат слично онака како што сите ние тоа го правиме на пазар. Сѐ ни се чини дека тие патлиџани одоздола се поубави. Можеби и се, ама тоа ти е отпрлика слично на она кога имаме полн чанак цреши и седиме гледаме телевизија и јадеме една по една. Или пуканки. Прво ги јадеме најубавите, а оние другите ги подбутнуваме. Како снемува цреши, или пуканки сеедно, така почнуваме да ги јадеме и оние помеките, па потчукнатите, па на крај ќе ги голтнеме и оние скапаните. Многу често се случува, токму таа скапаната цреша, да биде и последниот вкус, кој ќе ни остане во устата од целото тоа полкило цреши што ги изедовме. Или пуканките. Прво оние крупните, па потоа подгоренките, па на крај и оние кои не распукале и со кои многу често сме во опасност и некој заб да си скршиме.

Ете тоа е човекот. И човекот тоа мора да го сфати и прифати. Секако дека овој процес не може да се случува наопаку. Не може бидејќи тие нераспукани пуканки се најодоздола. Потешки се од другиве и се нормално на дното. Исто како со сите нас. Прво го даваме најубавото, најсочното, најмекото од себе, а потоа тврдото, сокриеното и „нерасцветаното“.

Човек мора да го знае ова и за себе и за тој покрај себе. Јас сум ти, ти си јас. И тука почнува и завршува сѐ.

Нема друга гајба патлиџани под тезгата. Ниту онаа која си ти, ниту онаа која е тој другиот. Поентата е да направиме убава салца, додека сѐ уште не ни скапал патлиџанот, превртувајќи го по сто пати, или чекајќи ја другата гајба од под тезгата. И таа е иста.

Значи поентата е да направиме убава салца, со која подоцна ќе ги залеваме оброците кои сами ќе си ги подготвуваме во животот. Само за да ни бидат барем малу посочни и повкусни. А тој одозгора ќе нароси бибер, а јас оригано.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу