Чек да брцнам во ташнава: Писмо до бившите жени

Добивај вести на Viber

Прво и прво, мислам дека бивша жена не се станува на педесет години. Касно е веќе за овој „секс“ на тие години.

Ова не го базирам на „службена статистика“, ова се некои мои искуствени статистички податоци.

Нарачи го како сакаш тоа, ама кој сеа ќе пакуе куфери гардероба, кој ќе се ака по судови, те мрзи да објаснујаш по луѓе вака било така било. Па то роднини, па слави, па родендени… абе ужас. Кај си уморен од триста глупости во животот, уште само ова ти фали.

Помножи-подели, не ти се исплати. Секој ден се вртиш околу пресметките, што ти поминуваат низ глава и сфаќаш дека повеќе ти се „исплати“ да замижиш пред бујукот ситни глупост, од типот, хрчење, правосмукалка, чорапи и гаќи натака-навака низ куќава, дошол-не дошол, сте се испичкарале, ова ти рекол, она ти рекол, за сите има време, само за тебе нема, заспивање на тросед, а е нешто битно, он е стално нервозен, а треба да се оди на одмор, или викенд негде, ко за очи да си го фатила… значи полесно е сѐ ова да го преџвакаш, отколку да фатиш да се разведуваш. Те мрзи веќе. Стара си за таков секс.

И не само тоа него и децата ако не ти се сагалам воспитани, ќе почнат тука да си рачунаат свои рачуници и свои математики. Од кого што можат да ќарат. Бидејќи ништо послатко од ранлива категорија родител. Сега ѕрцките ќе ти ги извадат, душата со памукче ќе ти ја испијат.

Те ништо за нив не си направила, те он сакал да студира менаџмент во Милано, или Париз рецимо, а ти си го запишала тука на економски, те на другите само што положиле им купиле ауди, а ти си го терала да се „брука“, со вашата стара кола, те сестраму цел живот повеќе си ја сакала, нејзе си ѝ ја дала викендичката и станот во центар од баба, а нему станот во Карпош и дуќанот во Влае, па сега он не може да го издаде дуќанот две години, а сестра му секој викенд си оди во Маврово и си ужива…

Абе ужас. Помножи подели, не ти се исплати.

Познавам и такви кои дури и „швалерките“ ги преџвакаа и се правеа дека се слепи, само затоа што требаше со две деца под мишка да се растоварат кај „мама“ во станчето од шеесет квадрата. Не бива таа работа.

Затоа велам, бивша жена не се станува на педесет години. Прошо воз.

Бивша жена се станува негде помеѓу триесеттата и четириесетта година. Максимум на четириесет и пет.

Тогаш, кога сѐ уште те пука оној сулуд адреналин, кога мислиш дека светот ќе го грабнеш под мишка и ќе го превртиш наопаку.

Кога си правиш есап од типот, оној ќе ми помогне, овој ќе ми помогне. Децата ќе бидат на моја страна. Како да е, со алиментација, со плата, твоите ќе џитнат некој динар, нешто ќе се деси и ти ќе испливаш. Тогаш-кога се ова ти изгледа не само остварливо, туку и пресметката во глава ти ја подржува оваа идеја. Си велиш повеќе ми се исплати сево ова, отколку да го трпам да ми хрчи и да ми се дере за сѐ и сешто.

Без да мудрувам околу психолошката исправност на едниот и другиот есап, муабетот ми е дека сѐ се случува во свое време.

На триесет ништо не може да те натера да не станеш бивша жена, ако си решила и ако си наумила во главата, исто како што на педесет ништо не може да те натера да станеш бивжа жена.

Ама има едно многу поинтересено прашање, кога се овие пресметки на тема.

А тоа е дели твојот бивши сопруг е сега поинаков со новата жена и дали „оваа“ умее повеќе отколу што умеев јас. Обично ова следи пропратно со псовките од типот на „мамичето нејзино“, или си го знае „занаетот“, ваква е таква е, покварена, расипана, го замаја, му направи магија, овој мојов и клекна на колена, или како до вчера беше ваков сега е онаков. Кој знае што му направи!

Мислам дека нема поглупаво размислување и уште повеќе нема поглупаво трошење време, отколку кога една бивша жена ќе се заплетка во вакви размислувања и кога ќе фати да шпиунира, да се одмаздува, да крои планови, да враќа преку деца.

Тоа драги мои бивши жени е такво безмилосно арчење на време, за кое после од газот си гриземе, што сме потрошиле три, четири, шест години на вакви глупост.

Познавам и жени, што животот си го потрошија на вакви будалаштини. Толку се заплеткаа што ништо друго не им остана во животот.

Ене ги на пет-шеесет години и седни на кафе си нив, уште во детали ги памтат сите судски постапки, што и рекол, како и рекол, колку ја заебал, кај бил со сегашната, што ѝ купил, како ја однел на Малдиви, како на децата не им купил точак, а она само шета по молови и троши пари.

Значи врска нема. Штета и греота.

Драги мои бивши жени, вашиот бивши сопруг е исти онаков каков што беше додека бевте заедно.

Исто пичкара, исто го мрзи да фрли ѓубре, исто не му се иде на викенд, исто е нервозен кога треба да се оди на одмор, на исти места остава чорапи и гаќи, малку-помалку му држи газот, па поретко се запива во кафана, ама па почнува кичма да го боли, коленото… и исто заспива на тросед секое попладне.

И уште нешто, исто хрчи секоја вечер, не мислевте белким дека мажот кога спие знае која жени лежи до него.

И верујте ми, не би сакале да ви се врати, бидејќи е истиот онаков каков што го оставивте.

Разликата е само што тогаш сте имале три-четириесет години, а ние сегашните сопруги имаме пет-шеесет години.

Сѐ што лета не се јаде, викаше баба ми.

Веројатно е ова тоа. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин