Род Стјуарт, мајстор на животната железница

Добивај вести на Viber

Има 80 години. Вистинското име му е Родерик Дејвид Стјуарт. Роден е на 10-ти Јануари 1945 година во Лондон, а музичката кариера ја започнува 1961 година.

Тоа ви е драги мои пред точно 63 години, односно на негови 16 години. Отприлика на тие години го напушта школото со оценка „недоволен“ по сите предмети.

Исто така отприлика во истиот тој период, на свои 16-17 години, тој почнува да ја гради својата сопствена животна школа, односно својот сопствен животен стил, својствен само нему. На тие години го добива своето прво дете, ќерка со една девојка, која е неколку години постара од него. Немајќи ниту едниот, ниту другиот пари за живот, одлучуваат нивната ќерка да ја дадат во дом на посвојување. Многу, многу години подоцна, речиси дури 20 години подоцна Род ја запознава својата првородена ќерка со целото свое семејство. Таа пак, во една прилика ќе изјави дека никогаш не му била лута, ниту нему, ниту на својата мајка, за оваа своја постапка. Лута не, но тажна да.

Инаку Род својата кариера ја започнал како уличен свирач. Што ја потврдува неговата неодамнешна теза, изречена во интервјуто со Иван Ивановиќ, во неговото шоу „Вечер со Иван Ивановиќ“, дека ако ти чувствуваш која е твојата најголема страст, ти мора да направиш се за да успееш во тоа. И не само тоа, туку ти мора да бидеш толку многу упорен во остварувањето на таа своја цел, што и покрај било какви пречки не смееш по ниедна цена да се откажеш од таа твоја страст и цел. Тоа и го порача на сета млада генерација.

И тој така сè уште мисли. И затоа е на турнеја, која е негова последна и со која ќе ја обиколи цела планета. Турнејата трае веќе две години и ќе заврши оваа година на 15-ти Септември во Канада.

Ќе се осврнам на концертот во Белград, кој се случи минатата недела на 17-ти Мај, само да ја довршам оваа кратка приказна за неговиот фантастичен начин и пристап кон животот, кој може да носи наслов „како да се живее својски цел еден век“.

Вака, така, некако, илити така, како што само тој знае на крајот на 60-тите успева да стигне и да свири во едни од двете мошне популарни групи во тоа време, „Д Џеф Бек груп и Фејсис“.

Откако тие и двете се распаѓаат, тој почнува со своја соло кариера, откако две музичко – продуцентски куќи го одбиваат за соработка, велејќи му дека е неатрактивен, дека е грд, дека му е лоша косата и дека има рапав глас.

Така ли!?, прашува Род.

Така!-велат тие продуценти.

Океј, идемо даље, вели тој.

Продадени 100 милиони плочи ширум цел свет и шест сингла кои достигнуваат прво место на најслушани песни во Велика Британија.

Ете тоа е неговиот одговор.

Инаку, пред ова да му успее, односно пред да стана планетарно познат музичар, Род работел како гробар.

Си велам јас, веројатно со секоја лопата земја и во секој гроб, тој освен мртовците, ги закопувал и сите свои стравови, сомнежи, одбивања, ја закопувал секоја една „факинг“ можност, која би можела да му го попречи неговиот животен сон, да го оствари она, за коешто тој знаел дека бил роден. Ги закопувал и оставал таму, не давајќи им никаква можност да му се плеткаат во животот.

Покрај гробарството имал уште една исто така многу чудна и ретка пасија. Многу ги сакал возовите.

Затоа на својот таван во куќата во Лос Анџелес имал една цела огромна соба, во која имал поставено исто така, огромна макета на цел еден град со фантастично функционален систем на железница. Њујорк во 40-тите.

И повторно си велам јас, веројатно во секој од овие вагони, ги сместувал, сите свои соништа, желби, сета своја страст, непоколебливост, одлучност, волја и цврста одлука дека „јас ќе го остварам својот животен сон“.

Ги сместувал со саати во овие вагони, местејки ги и подземно и надземно, во својата сопствена животна железница, која некако без почеток и крај ќе го врти тркалото на животот до крајот на светот. Дотогаш додека чука и последното „чуф-чуф“ во неговата сопствена парна локомотива.

Овој современ Џејмс Ват, успеа принципот на парна локомотива да го смести во својата глава, во своето тело, во своето срце, во својот ум. Во секоја своја клетка и пора. Ја пушти да врти и да кружи без застанување. Неуморно. Како перпету мобиле. Сè додека еден ден, сама не се измори и сама не излета од шините.

Тој ден сè уште не дошол. И се чини сè уште е далеку.

Инаку не знам како поинаку да си ја објаснам, онаа негова страст и енергија од која бев сведок на концертот во Белград, пред полна Арена и пред 15.000 публика.

Мајсторија за која долго ќе размислувам.

Секогаш кога некој, или нешто ќе ми застане на патот. И ќе ми каже „НЕ“, или „НЕ МОЖЕ“.

ТАКА!?

ТАКА!

ОКЕЈ, ИДЕМО ДАЉЕ!!!

А тоа, дека тој денеска има 8 деца од 5 жени, всушност дека имал стотици, да не речам илјадници жени, дека и понатаму сака да се опие со своите пријатели, дека не проушта утакмица на Селтик и Глазгов Ренџерс, дека си игра со својата коса бојадисувајќи ја така како што е расположен и дека таа коса е сè уште негова, дека бил во депресија од која успеал да излезе, дека имал рак на тироидна жлезда, кој рак, сериозно му ги оштетил гласните жици, од кој исто така не само што се излечил, туку и продолжил да пее, е само доказ дека тој е одличен скретничар, кој точно го чувствува моментот, кога парната локомотива би можела да се измори од самата себе, и точно во тој момент умее да ја пренасочи, во друга насока, но на сосема идентични животи шини.

А и тоа, дека тој и понатаму гради макетни железници во хотелските соби, на секоја од своите турнеи е само доказ, дека тој сè уште нема намера да се откаже од својот животен сон.

Ваквите ликови заслужуваат ѕвезден и небесен аплауз. Само небото, а којзнае дали и небесиот свод е нивниот лимит.

Поклон и до земја и до небо, тебе мајсторе на животната животна железница.

Сакам да стареам како тебе.

П. С И еве погледнете го и слушнете го еден од неговите најголеми хитови „I don’t want to talk about it“, кој го снимив со мобилен на концертот во Белград.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу