Чек да брцнам во ташнава: Што беше беше, доста е!
Што беше беше! Доста е!
Нека ни е на здравје!
Нека ни е на здравје, сè што мораше да „истргаме“ оваа и минатата година.
Мислам дека научивме многу лекции. Секој својата. Дотаму до кај што му е дадено. Кој помалце, кој повеќе.
Сè што дошло, добро дошло во животот.
Белким не мислиме дека сме привилегирана „каста“ и дека нам „тоа“, па што и да тоа, „тоа-то“, не може да ни се случи.
Не бе! Сè е тоа живот, сè може да се случи и човек со сè мора да умее да се носи.
Има и умирачки, има и раѓачки. Било и ќе биде.
Затоа и вреди овој „заебано“ добар живот да се живее. Оти е фина и возбудлива ролер-костер стаза, на која еднаш си горе и ако сте забележале, потоа вртоглаво паѓате надолу. Паѓате, паѓате и ви се чини дека сега ќе се откачи шината и вие ќе излетате.
Ама не! Тоа ретко, многу ретко се случува.
Главно на сите ролер-костер стази, почнува повторно искачување нагоре.
И тоа сте забележале, дека искачувањето е прилично споро, во споредба со она вртоглаво паѓање од пред малку. Толку споро што мислиш дека нема да успее да ја совлада оваа висина, која се исправа пред тебе. Ама не е така. Ја совладува. И тоа така симболично ја совладува, што ти дава прекрасна можност да го смириш срцебиењето од пред малку, ти дава можност да го видиш тој до тебе, кој што исто така пред малку врескаше од страв и го мислеше истото што и ти. Дека ќе се откачи шината и дека сите ќе излетаме.
И ти дава уште една прекрасна можност, да ја погледнеш околината околу себе и да видиш дека ништо не се сменило. Сè е исто и сè е на свое место.
Па потоа си повторно на врвот. Застануваш некои две секунди, толку имаш време да се спремиш за следното повторно вртоглаво паѓање надолу.
Секако дека ти е малку-помалку страв од претходниот пат, бидејќи веќе еднаш ти застана срцето од ова. Сега знаеш како е.
Ама си велиш, што ако првиот пат случајно се спасив, а сега можеби, баш сега ќе се откачат шините и сите ќе излетаме!?
Не, нема да се откачат и нема да излетаме.
Ќе не „вози“ ова вака уште неколку пати и потоа сè ќе стивне. Последните 200-300 метри се рамни, спори и безбедни.
Убаво ти е бидејки успеа да го издржиш сето тоа. Горд си на себе. Не знаеш дали би се качил, или не уште еднаш, ама знаеш дека преживеа.
И сакаш да излезеш сега. Бидејќи ова возењево по рамново станува досадно. Толку досадно, што кога би потраеало уште малку, би почнало и с’клет да те фаќа. Е замисли да ти е цел живот таков. Па има ли полошо нешто од тоа!?
Па ако не ти заигра срце, ако не те пресече нешто во стомакот, ако не ти се насолзат очите, ако не вриштиш и не се смееш како улав, ако не се фатиш себе си како лупаш глупости, ако понекогаш не те понесе блага хистерија, ако не се смрзнеш од страв, ако не се растопиш од убавина, ако не умреш едно пет-шест пати дур си жив…. па налет животот.
И вака си велам!… Мислам дека човештвото одлично се снајде во целава оваа ситоација. Озбилна сум! Во овој момент, со ова ниво на свест, со овој техничко-технолошки развој, со сета оваа „животна логистика“, која сами си ја креираме и создаваме, ние навистина одлично се снајдовме со целава оваа ситоација.
Ако размислам подобро за која било ситоација, човекот потполно идентично реагира.
Некој одма се исправа и застанува на нозе, некој размислува како да направи пари од ова, друг како да се смири со девојката. Некој трет, како да ја преспие целава оваа ситуација. Друг пак како сета своја неспособност да ја „препише“ на ова. Некои се прават дека не гледаат што се случува и тераат како ништо да не е. Други пак само за тоа зборат и за ништо друго. Ама тие пак секогаш тоа го правеле. Сега само ја смениле темата. Некои се обидуваат да направат кариери, користејќи ја ситоацијава. Некои веруваат, некои не! Едни навиваат за едните, другите за другите.
Па да де. И во Белград цел живот едните се за Sвезда, другите за Партизан. Да можат би се заклале меѓу себе. И се колат. Не дека не!
И во Лондон исто така. Едните се за Арсенал, другите за Челзи. И тие да можат би се заклале меѓу себе.
Абе по дома не можеме да се разбереме, па не светот да се разбере.
Еве сеа за празнициве имаме време. Ако го изгледаме Бен-Хур, па Клеопатра, па Гладијатор, па Однесени од виорот, па Беше еднаш во Америка, па…. ќе видиме дека откако постои светот и векот сè е исто.
Не открив ништо ново, сама сакав да речам. Заеби! Што беше-беше! Доста е! Не сакам само за тоа да се зборува. Во моментов сме на вртоглавото паѓање. И тоа не може вечно да трае. За некое време очекувајте дека ќе почнеме да се искачуваме нагоре. Нека не нè затече неспремни.
Живели и Среќно!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин