Чек да брцнам во ташнава: Снаа и свекрва
Одамна и се спремам на темава. Сè некако ај денес, ај утре. Се оштрам, ко мислиш ќе пишувам резиме на целиот психо-аналитичен животен опус на Фројд. И за право, со оглед на тоа, на кое дереџе го сведовме овој однос снаа-свекрва, богами и не сум многу далеку.
Се оштрам за темава како нож, кој треба да го пресече листот хартија на половина во еден потез. Исто ко што се оштрат снаите и свекрвите, за да го пресечат синот, или мажот на половина. Ко две мачки накострешени, една наспроти друга, сиктат спремни очите да си ги ископаат.
А глушецов во средина не претнува. Нема кај да бега. И која од нив е “по мачка“, со девет животи, таа ќе го лапне.
Каква е оваа војна!?
Дали како и секоја друга и ова е војна за најсаканата територија. Ќе ја освојам и ќе владеам со неа, по мои правила. А ти ќе бидеш поразена, со јасно подигнато бело знаме и ќе имаш два избора. Или ќе ги прифатиш моите правила и ќе добиваш за живот, толку колку што јас сметам дека треба да ти дадам. И нема да преташ многу - многу, оти во спротивно ќе те уништам. Знаеш дека сум посилна од тебе. Тоа ти е едниот избор, а вториот ти е да се спакуваш и да си заминеш поразена оттука и никогаш повеќе да не се завртиш, а камо ли да помислиш да се вратиш. Да нема забуна, ова е приказна во двете насоки. Познавам и мајки кои се вака отфрлени од синовите, исто како и жени, кои се оставени поради мајките.
Значи уште еднаш прашувам каква е оваа хистерична војна!?
Прашувам, под претпоставка дека и мајката, а и жената си го сакаат овој човек, така како што се сака син и маж. Се разбира многу. На мајката ѝ е тоа чедото, од “залче месо“, гледано и растено, од душа и од срце што велиме откинато, а на жената ѝ е човекот на нејзиниот живот, оној со кого мисли довека живот да тера, да му роди дечиња, да го чува и пази и во добро и во лошо.
И таа него и тој неа.
Но, до кои налудничави граници може да отиде оваа глупава и неконтролирана љубов, за “Ти“ да можеш да му го загорчиш животот на своето најсакано битие, синот, или мажот. Од памет се вадам. Каква простачка приказна.
Знаат ли мајките кога ја почнуваат оваа војна, дека како со магнет го привлекуваат злото да им затропа на врата. Знаат ли дека патот до пеколот е поплочен со најдобри намери. Знаат ли дека снашка сака ракавите на кошулите со шав да ги пегла, а не без, како што “мајка“ ги пеглала , знаат ли дека таа гравот сака да го запржи и со брашненце и со алпипер, а не само со алпипер, како што тоа “мајка“ го правела, знаат ли дека таа сака чашите наопаку да ги става, за да се исцедат и дека не мора да ги брише со крпа, така како што “мајка“ го правела ова. И знаат ли дека ако таа си го земала синче на прво плачење во раце, дека снашка сака да си го остави своето синче да поплаче малку, па ако не престане, тогаш да го земе. И дека не треба да ѝ го зема, тука пред неа, за да ѝ покаже дека не е мајка.
И конечно, знаат ли дека вечерта синот нејзините гради ќе ги милува и во нејзините “недра“ ќе се пика, а не веќе во градите на “мајка“. Опако звучи знам, можеби и безобразно. Замисли да се осмелиш вака да ѝ кажеш на свекрвати, ама така е бе “мамо“. Сори!
А за тоа, зошто снашка треба мајка му да ја вика мамо, а тој мајка и бабо, за тоа не праам муабет.
Не дека ова го мислам за лошо, или дека го презирам, за мене сѐ е ова “голема работа“! Ќе те викам како сакаш, или како треба, само да сме среќни сите. Туку, не ми е сега тоа темата на приказнава.
Темата ми е маме му е**м, кој прв почна. Снаите, или свекрвите.
И знаат ли снаите дека кога ќе почнат да му викаат на мажот “мајка ти вака, мајка ти онака“, или “знае дека не сакам зелено, па намерно ми купила зелена блуза“, или “што мора секоја недела да ни праќа штрудла со јаболки, што сака да каже, дека јас не знам да правам“, дека исто така си го повикуваат злото на врата. Немојте бе со се*с да го уценувате мажот да бира помеѓу вас и мајка му. И да ве одбере вас, ќе имате несреќен маж. Несреќен или покорен. Ни таков, ни таков не е добар маж.
Мисламммм…
Знаеме ли и едните и другите, дека поради вакви будалаштини, со два- три потега цела фамилија во бајбук ја водиме.
Е сега, ако малку чепнам по Фројд, зачкољицата на ваквите глупости лежи во тоа што мајките своите незадоволства со сопствените мажи и сите неостварени амбиции на тој љубовен однос, се обидуваат да ги “излечат“ преку синовите, сакам да кажам, кога сопствениот мажот ќе ја повреди, или кога сака таа него да го повреди, ќе си го грабне синот под мишка, наместо да седне, и со мажот да се “фати за очи“ и да се разберат, или да не се разберат, а не синот да биде тепихот, под кој ќе се пикаат ѓубрињата.
А снашка пак исто, за сите недоречености со мажа-си, “мајка“ е крива. Наместо да седне и со него да се разбере дека еден и еден се два, таа прави равенка со шест непознати. Мајка ти вака, мајка ти онака…
Од друга страна пак, кога малку подобро ќе размислам, односно кога нај-фер седам и со себе си правам муабет, знам дека за истите работи, им триеме сол на мажите “мајка ти вака, мајка ти онака“, ама буквално за истите и нашите сопствени мајки од такт нѐ вадат.
И мајка ми, ми вика “мора ли бе секој викенд да одите некаде и пари да трошите!?, истото ова и свекрва ми ме прашува.
И мајка ми, ми вика “мораш ли жена да викаш секоја недела, што не земеш сама да си исчистиш“!? Истото и другава мајка го прашува.
Конечно и мајка ми ќе рече “мораш да попуштиш малце, жената е таа која треба да си го подвитка опашот, било и ќе биде, та дал си од Шведска, или од Индија, исто ти се фаќа, освен ако не мислиш да се курчиш за глупости, па да се рзведуваш после.
Истото тоа и “другава мајка“ го прави на овој, или оној начин. Сѐ е исто како под индиго.
Само што на нашите им попуштаме, а на другиве не.
Не мислам дека нема да се испокараме со сопствените мајки, напротив, лом ќе се сториме, ама кога се свекрвите во прашање, е тука сѐ наопаку превртуваме и мама му е**ваме на мажот. Се извинувам ама многу нечесно и многу примитивно.
И уште нешто, ако забележавте маживе ги нема нигде во писаниево. Тие за ова време се во кафана и пијат пиво, или гледаат фудбал. И понекогаш кога ќе ги ставиме во клинч, на ниво на глушецот од почетокот на приказнава, сосем им е сеедно кој ќе ги лапне. Не можат веќе. Уморни се. И многу, многу се тажни, кога ќе видат дека вакво нешто им се случува. И тажни и немоќни, бидејки не знаат како да го решат проблемот. Научени се или мајката или жената да го направат ова за нив. Ј**ига, наша грешка.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата