Светски старци
Секогаш кога патувам во странство, било
каде по светот, сакам да речам и по големи-гиганти градови, или пак по мали
местенца кои се претворени во чудесни мали слатки приказни, или пак по
туристички популарни дестинации, секогаш им се восхитувам на “светските старци“.
Тоа се оние возрасни, ама многу возрасни луѓе, за кои не можам да речам “баби и дедовци“, бидејки мојот поим за баби и дедовци е сосема поинаков.
Баби и дедовци, се нашите баби и дедовци, кои главно избезумени трчаат по своите внуци пред зграда со чиничето банана каша, или смоки. Потоа баби и дедовци, кои не мрдаат никаде од дома, туку чмаат гледајки ги турските серии по два пати на ден. Или баби и дедовци, кои чекаат милост и немилост по нашите клиники, болници и амбуланти.
Светските старци се возрасни луѓе, за кои дури не можам да речам ниту стари лица, бидејки и тој поим за мене е исто така сосема поинаков.
Стари лица, се нашите стари и изнемоштени лица, кои или се на “товар“ на своите деца, бидејки, кај нас, тоа е речиси единствената нега која можат да ја добијат во наши услови.
“Светските старци се луѓе“ на свои 70-80 години од кои неки рака под рака со својот партнер, други со бастуми, некои дури и со помагала, трети во инвалидски колички, па или со платена придружба, или со своите деца, кои исто така веќе не се деца, туку возрасни луѓе “крстарат“ по светот.
Додуша оваа последнава комбинација е многу ретка, главно една на десет, да не речам една на сто.
Кај нас повеќето возрасни луѓе се стари и речиси изнемоштени веќе на свои 65, да не речам и помлади години.
Многу често си ја гризам устата и се прашувам зошто е ова вака.
Си ја гризам устата бидејки совршено ми е јасно дека нашиот систем, не води никаква, ама баш никаква грижа за своето возрасно население.
Никој, ама баш никој не се секира како тие луѓе ќе живеат со 200-300 евра пензија.
Никому соврешено не му е битно, ниту како изгледа нивнот социјален и културно-забавен живот.
Се е тоа една толку многу тажна приказна, на која човек, ако трегне да мисли додека е сеуште во некоја добра-физичка кондиција, доаѓа до состојба, да посака да умре додека сеуште може сам да се грижи за себе. И додека е сеуште на нозе.
Така би му било најдобро, затоа што другото е голгота, која ниту еден нормален човек не би сакал да ја доживее. Другото е хорор филм, од кој те фаќа страв и паника, само што ќе помислиш на него.
И ДА!, тоа е едната страна на приказната. Нашиот нефункционален систем, во секоја сфера, па и во оваа.
Другата страна, поради која си ја гризам устата е нашиот “систем во главите“, за кој сметам дека е исто така нефункционален.
Систем наречен свински црева.
Ќе ми простите на оваа хиперболична споредба, но јас така гледам на испреплетените односи во нашите семејства.
Прво, откако ќе и се родат децата нашите баби и дедовци се главните фигури во целата таа ситуација. Они кажуваат како треба да се чува детето, која пелена, која каша, кои чорапчиња. Колку му студи, или колку е гладно. Они се тие кои се исто така најголемите жртви. Седат по севезден со нашите деца, додека сме ние на викенд, во кафана, или на работа.
Малку подоцна, кога ќе подпораснат, истите тие наши деца, им се мешаме во секоја животна одлука. Не тоа школо, не тој спорт, не таа девојка-дечко, не тој факултет, не тие кондури…јади, пиј, легни, стани, облечи се, студи, ќе настинеш…Кај си до сеа!?
Кога ќе се омажат-оженат, ние сме тие бабите и додовците, што трчаме со чиничињата пред зграда.
За на крај кога ќе се изнемоштиме комплетно од ваквиот испреплетен начин на живот и кога ќе легнеме во постела, да имаме полно право да очекуваме од нашите деца, да не “качат не грб“ и да не носат сегде кај што одат тие.
Ова очекување е “целосно оправдано“, во нашата заматена “црвена мозочна флора“, бидејки ние нели цел живот бевме жртва за нашите деца, велејки им јади, легни, стани, облечи се да не настинеш…, па така сега со “полно право“, бараме од нив да ни го наместат грбот за ние удобно да се сместиме на него.
И цело време си ја гризам устата во однос на “светските старци“, кои патуваат низ светот, бидејки знам дека нивното животно осигурање подразбира, дека ако ним нешто им се случи на тоа патување, хилихоптер ќе дојде по нив од нивната матична земја. А ако не дај Боже на некој наш возрасен човек, му се случи нешто на улица, тука кај нас, не во странство, бидејки нашите старци не мрдаат од дома, освен по леб, млеко и лекови секако, не само што брза помош, ќе стигне дури откако веќе ќе биде касно, туку она што ќе треба да се доживее и проживее во ваквите околности е хорор филм, поради кој човек не устата да си ја гризе, туку му доаѓа целиот да се изгризе.
И себе и своите родители и своите деца.
И сега тие се “идиоти“, што на своите деца на 18 години им велат “пријатно“, а ние сме “супер“ бидејки од прв до последен ден во животот, сме си едни на други на грб цел живот.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: