Тато Фејсбук и мама Инста
Како бе така наеднаш сите искочивте чесни, високо морални и високо етички персони!?
А!?
Како!?
Пола од вас лично ве познавам и знам дека не е така.
Можам и еден по еден да ве кажувам и набројува тука јавно со име и презиме и да ги набројувам сите нечесни и неморални приказни за кои знам дека сте ги правеле во животот. Ме чуди фактот што и самите си го знаете ова, (својот прљав веш, или путерот на глава) исто како што и самите знаете дека и другите ви го знаат тоа, а се правите на будали. Како е можно да продавате муда за бубрези и око да не ви трепне. Не ми е јасно! Можам да ви „попуштам“ само трошка, во име на тоа, што се навикнавме така, да бидеме веслани жедни преку вода, оти триесет и кусур години не лаже кој како стигне дека вака ќе биде, онака ќе биде. И ништо не биднува. Па така лажени и прелажени, секој од нас некако научи да подлажнува, оти тоа не само што стана „национална стратегија“, туку стана и единствен начин човек да преживее во оваа наша прекрасна Македонија.
Значи велам, имате само трошка попуштање во оваа смисла.
Но сепак, секој иоле нормален човек, би требало кога ќе седне да пишува по порталите за некојси еди кој си лик, кој го познава, или не го познава, или па го познава од јавната сцена, треба барем три секунди да се задржи во својата оска и да се препраша, дали и тој има таков грев, за којшто седнал да продава басма.
Ако мозочните виуги му ја пратат оваа информација за тие три-пет-десет секунди (нели стално викаме, изброј прво до десет), до „органот за свест и совест“, секој пак ќе речам нормален човек, ќе „дигне ручна“ и ќе си рече „ај заеби и ти си го правел истото или сличното“. И ќе си додаде „ќути таму и скри се, оти и ти си исто ѓубре“.
Значи, уште еднаш ќе речам, скоро пола од вас кои коментриравте (еве уште пет реченици и ќе објаснам за што станува збор), ве познавам и можам да ве напишам со име и презиме и да ви ги кажам истите или слични „гомненици“ (да ми извините на израз), кои сте ги правеле.
Се разбира дека нема да го направам тоа, бидејќи преферирам живи разговори за вакви „дебати“, а не преписки преку социјални мрежи. Отсекогаш ми било педерски, на таков начин да се решаваат било какви недоразбирања. Демек, ќе напишам сè што ќе ми текне, ќе кликнам „објави“ и ќе видам каква ѓурултија ќе произведам. Не се прави ова вака. Застани пред чоека, кажи му сè што имаш да му кажеш, влези во расправија, биди спремен и ти да бидеш нападнат со сите куршуми и да изгинеш, па прај се памтен. Вака си лигле кое се задскриваш зад „тато Фејсбук и мама Инста“.
Па затоа ќе зборувам во прво лице. За себе.
Неколку пати, мајка ми доаѓала во школо и во основно и во средно да разговара со некои наставници и професори за некоја оценка. Некогаш сум знаела, некогаш не. Доаѓала или „да фати врска“, да ми се поправи четворкава, во петка, или да „фати врска“, да бидам уште еднаш-два пати испрашана, за да ја поправам оценкава, бидејќи нема да можам да се запишам во „Борис Кидрич“, ако не ми се сите петки.
Е сеа! Прашањето зошто нема да можам да се запишам, ако не ми се сите петки, ќе го објаснам само во една реченица, а друг пат потемелно ќе пишувам на оваа тема.
Затоа што голем дел од „градската и меѓуградската провинција“, почнаа да носат прво домашни јајца, крави, свињи, или гајба јагоди, или верќа компири, оти на почетокот тоа имаа, па потоа откако ги продадоа нивите и добиткот, почнаа да носат свилени марами, ваучери за на одмор, пафеми и златни ланци, за нивните деца да завршат со сите петки. Ама не со една, или две тројки, туку од со сите двојки и тројки да бидат со сите петки. Прво тоа, а потоа, кога требаше да се упишат во Борис, или Карев, или Броз, да носат „подебел поклон во плик“, за нивните деца да бидат примени, ама ако може, ако можит, ако мош, или ако може-како сакате, без приемен.
И така постоеше опасност, ние кои имавме по една тројка или две четворки да не можеме да се запишеме, во гимназијата во која сакаме. А тоа го правеа, токму оние кои се сега најгласни на социјалните мрежи и кои некни кога Сузана Турунџиева објави дека на ќерка и учителката по изборниот предмет и оставила тројка, рипнаа да ја черечат на јавна сцена.
Вака-Сузана не ја познавам лично, се знаеме од сцената што би се рекло.
Не мислам дека требаше јавно да пишува за својот интимен проблем, но претпоставувам дека толку била разочарана, па седнала да го сподели ова со јавноста, сетиќи мислејќи дека ќе и биде полесно и дека ќе добие поддршка. Се зезна! Ја качија на „куцо магаре“ и ја исшетаа, како мечка сред село. Кој како стигнеше ја камшикуваше. Те Маленко, те Ѓуро, те Петко, те Трајко … Да му се згади на чоека. И ми се згади и ми се слоши.
Бидејки повеќето од тие што камшикуваа се точно оние, кои се примени без приемен, оние кои беа со сите двојки и тројки, а завршија со сите петки и сега се сместени по некои институции и лапкаат државни пари, без да работат многу многу. Оти само тие имаат време да се занимаваат со вакви нешта (за време работно време), другите немаат време за вакви нешта, бидејќи црнчат од јутра до сутра за да ги наранат овие безработнициве, или одамна фатија некаде усвет по светов. Токму за да не мора да ја сркаат оваа каша-попара. Толку! Сега за сега. Мислам дека следниот пат, пак ќе пишувам на оваа тема. Па белким ќе ве стаса онаа од Бога: Ајде, нека фрли камен прв оној, кој во животот е сигурен дека нема ниту еден грев!
П. С И да не заборавам. И јас му цртав на син ми цртежи по ликовно, го учев како се препишува и идев у школо кога ќе дојдеше зорт-заман приказна.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу