За умрените сѐ најдобро!

Добивај вести на Viber

За умрените сѐ најдобро!

Не знам дали ова „правило“ важи секаде, ама знам дека кај нас така е. Од дете сум го слушала ова. За мртвите се најдобро. Сите така викаа кога некој ќе умреше.

Тогаш, како и за се нешто што ти се чини дека не го разбираш, мислиш дека тоа е така, бидејќи ти си мал и сè уште не сфаќаш и дека кога ќе пораснеш само ќе ти се каже. Уште една таква „родителска реплика“ – „кад пораснеш кашче ти се само“.

И за ова до ден денес, не сум баш сигурна дека е така.

Оти еве пораснав и многу работи кои и како дете не ми биле јасни, ни ден денес не ми се јасни.

Мислам дека се тоа само флоскули, со кои возрасните изиграваат возрасни, бидејќи не ги знаат одговорите. Па на тој начин се затскриваат.

Затоа што мислам дека истото она, поради кое умот, или душата и срцето ти се бунат кога си мал, дека за истите тие работи и умот и срцето и душата ти се бунат и кога ќе пораснеш. Кај што шкрипело, кога си бил дете, ти шкрипи и кога ќе пораснеш. Тоа е код со кој се раѓаш и код со кој умираш.

Многу малку работи ни се менуваат во текот на животот.

За себе можам да кажам дека каква сум била на 6-7 години, таква сум до ден денес.

Истото можам да го речам и за мојата најдобра другарка Марија и за Јуле и за Орце и за Сашо и за Влатко. И за Весна се разбира. За речиси сите, со кои до ден денес се гледам одвреме навреме и исто така за сите, со кои нема да се видам со години, па случајно ќе се сретнеме на улица, на некој концерт, или во маркет. Неверојатно е колку сме сите исти.

И мене ми се свиѓа дека е ова вака. Бидејки точно знаеш што можеш да очекуваш и од Сашо и од Петко и од Станко. И од Весна и од Марија. Од сите што ги познаваш цел живот.

Најмногу знаеш што можеш да очекуваш од себе.

Така што сè додека си на чисто со својата искреност, ти скоро и да немаш никаков проблем со своите очекувања, бидејќи очекувањата се тие коишто не зезаат во животот.

Колку повеќе нереални очекувања имаме и од себе и од другите толку сме понесреќни.

Автоматски колку сме поискрени со себе, толку сме посреќни. Нема тука виша математика. Тука еден и еден се две. И толку. Задачата ни се заплеткува кога почнуваме сами да се заплеткуваме.

Не можеме да ја решиме, па ја оставаме настрана. Истото се случува и со други „писмени задачи“ во нашите животи.

Многу такви нерешчени задачи носат „полна фиока“ проблеми. Во еден момент нашата фиока веќе не може да прими и поминуваме во следна фаза, која најчесто се вика болест.

Човекот постојано е склон помалите проблеми да ги решава со поголеми.

Бидејки еден сериозно голем проблем, наеднаш „не сакајќи“ решава еден куп мали и наталожени проблеми.

Сигурно сте го забележале ова. Примери има еден куп.

Недај Боже да се разболиме, тогаш веќе сè друго паѓа во втор план. И обврски …, и авиони и камиони …

Ова се тие обрато пропорционални формули кои исто така се јасни како еден и еден два.

Колку повеќе нерешени проблеми мали проблеми, толку побрзо до сериозно голем проблем.

Таа реченица „за мртвите се најдобро“, ме асоцира малку на оваа тема.

Смртта е страшна сама по себе (барем така сме ја прифатиле ние луѓето на овие простори), па човекот за да го ублажи овој страв, брже-боље „станува добар и почнува да збори се најдобро за умрениот.

Да не е трагично ќе биде смешно.

Единствениот кој имаше три чисти да го грабне Зоки-Фаци под мишка и да проба да му помогне беше Стефан Лазаров. Никој друг. Не го познавам лично дечкото, но ми се допаѓа.

Ми личи на прототип на оваа моја теза, односно на човек кој е на чисто и јасно со својата искреност и очекувања. Мислам дека тој во моментов нема заплеткани формули. Имам впечаток дена нему еден и еден му се два. Се надевам не грешам.

Зоки-Фаци и Стефан Лазаров се различни како ден и ноќ.

И овој Стефан, не знаејќи до кај ќе оди целата приказна и колку долго ќе живее, или не Зоки, велам го грабна под мишка и со сиот ризик по својот рејтинг реши да му помага. Е тоа е тоа! Се друго е трала баба лан, да јој проѓе дан.

Сите други (со чест на мали и незначителни исклучоци), само се прошлепавте на Стефановата храброст и пишувавте жалопојки, кои доколку ги правевте порано, односно не ги правевте за истиот тој Зоки-Фаци, нарекувајќи го и ваков и таков и онаков и никаков, можеби сè ќе беше поинаку.

А можеби и не!, бидејќи кај нас многу луѓе сакаат да бидат она што не се, бидејќи сметаат дека на тој начин ќе бидат прифатени од општеството и околината.

Кое општество и која околина само да ми е да знам.

Ама ете тоа се нашите македонски кругови кои не водат до пеколот наречен болен и несреќен народ и земја.

Зоки, не те познавав лично, нека ти е лесна земја и биди таму тоа што навистина си, бидејќи претпоставувам – не знам, дека таму не треба да се преправаш во нешто што не си, за да те прифати околината.

А тебе Стефан, кој исто не те познавам лично, ти честитам на тоа што, еден и еден ти се два.

Ти честитам всушност што дејствуваш, а не продаваш басма.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: