Чек да брцнам во ташнава: Жени кои „произведуваат“ несреќни мажи

Добивај вести на Viber

Чек да брцнам во ташнава: Мажи кои „произведуваат“ несреќни жени

Секако дека ќе ги напишев двете страни на медалјата. Или подобро речено двете засебни приказни. Едната онаа, за мажите кои „произведуваат“ несреќни жени и оваа сега, за жените, кои „произведуваат“ несреќни мажи.

Оти тоа не се двете страни на медалјата. Вообичаено, ретко кога се поклопуваат и едниот и другиот истовремено да создаваат историдна енергија, односно взаемно да се прават несреќни. Оваа теорија во народот е попозната како „два остри камења, брашно не мелат“. Мора да е едниот по-питом, другиот по-чурук. Бидејќи ако се двајцата питоми, брашново само ќе се меле. Ако пак се двајцата чурук, мелницата, или тиквата ќе пукне.

И едната и другата приказна се две „мачки у вреќа“.

Мачки у вреќа, бидејќи никогаш не знаеш што „ти се погодило“ и каков к’смет си имал.

На шукара басмата по прање отвара. Тек откако ќе „препереш“ неколку пати, ќе видиш мустрава, што басма продава.

Значи, ако се погодат две исти мустри, или ќе се пее, или ќе се пука. Трето нема. Бидејќи волкот никогаш ќудта не ја мења. Само крзното.

„Производсвото“ на несреќа се случува тогаш, кога едниот попушта, а другиот му се качува на глава.

Теоријата за мажите кои создаваат несреќни жени ја напишав минатиот пат.

Сега е ред да го вперам прстот во себе. Односно во нас жените.

Звоцање, највиско котирачкиот елемент и „најскапо платената“ активност за создавање несреќен маж.

Вака да се разбереме. Мислам дека не постои маж, зборувам за нормален маж секако, кој кога се големи и крпуни работи во прашање, нема да седне и да разговара. Да разговара ко што се разговара.

Вака -така, криво-лево, ама ќе седне. Можеби ќе имаме различни ставови, можеби нема да се согласиме, можеби и ќе се согласиме дека не сме се согасиле, можеби и ќе се испокараме тука, ама се е тоа дел од „нормалната игранка“.

Звоцање е нешто сосема друго.

Звоцање е најтупаџиската работа на светот, со која ние жените ја губиме сета природна-атрактивна позиција.

Тоа ти е ко кинеска метода на убивање. Те седнуваат на стол, те врзуваат и одозгора на глава ти пуштаат капка по капка вода. Секој со својот праг на толеранција, но научно е докажано, дека после некое време човек обавезно полудува.

Е тоа е звоцање. Нешто што ги доведува мажите до лудило.

А тоа се обично толку небитни теми, за кои ретко кога вреди да се дискутира.

Ако ги земеме да ги разгледуваме една по една, за ниедна од нив човек не вреди да се разведе, но кога ќе се соберат сите на купче, произведуваат сериозни вулкански ерупции.

Значи вака: чорапиве што мажот ги остава по куќа, или ги собираш, или ги оставаш. Само немој да звоцаш. Бидејќи кога ќе снема чорапи, или ќе фати истите едни по едни да ги облака пак, или ќе земе, па ќе почне да ги става во ќупот за перење. Бидејќи мислам дека ни една нормална жена нема да се разведе поради чорапите. Така!?

Ама кога ќе се соберат сто пара чорапи, гаќи, мајки, шајки и други смешнии глупавинешта, било која иоле образована и помалку образована жена,знае дека не би требало да се предмет пред сè на нејзината дискусија, а камо ли за брачна дискусија од која ќе се прави „трета светска војна“.

Мислам дека, односно се надевам дека, не ме сфаќате буквално нели.

Значи со звоцањето почнува и завршува сè. Баш така, и почнува и завршува се.

Никако не ми излегува од глава оној маж, кој кога гледал финале во фудбал, не знам кој точно играл, еве на пример нека било тоа Бразил-Германија. Почнала женава да му звоца. Сто пати и рекол „остај ме да гледам фудбал“. Она не!

Земал ја утепал, ја догледал утакмицава и отишол во полиција и сам се пријавил.

Ја не знам дали е ова виц, би сакала да е, оти не оправдувам, се разбира дека не оправдувам никакво насилство. По ниедна цена.

Но еве да го земеме како виц. До каде може да отиде женското звоцање.

Е затоа од звоцањето почнува и завршува сè.

Ние жените мора да сфатиме една работа. Никогаш, ама никогаш нема да го промениме мажот. НИ-КО-ГАШ!! А најмалку со звоцање. Може само тој ако сака, сакајќи, или не сакајќи, свесно, или несвесно од многу љубов да промени некои работи кај себе, кој знае дека ние ги сакаме.

Али со звоцање. Никад!!!

Доаѓа некни маж ми натоварен од пазар, со еден тон ќеси. Едвај ги носи. А под мишка грабнал еден букет цвеќе.

Ги „растоварам“ јас кесиве и му викам „леле какви патлиџани си земал, нели ти реков не од втората тезга, туку од кај градежен факултет третата тезга во вториот ред“.

Ме гледа, ме гледа…, и ми вика. Следниот пат, оди сама да си купиш.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: