Женски пари и машки пари
Секогаш пред да тргнам да чепкам по некоја горчлива тема, која се однесува на женско-машките релации, два три дена порано, ќе ги р’чнам за таа тема, некој од мојте блиски другарка и пријателки, чисто за да опипам пулс и да не заглибам во погрешни „бразди“. Ако од пет „испитанички“, три од нив ми ја потврдат приказната, а другите две се воздржани имам тема.
Во крв ми е да истражувам „кој, што, како и дали“.
Некогаш сум суптилна и тоа го правам околу-наоколу, обидувајќи се да не бидам „уловена“, на која тема ја носам воденицата, а некогаш го правам тоа баш директно „бам-бам“.
Овој пат бев директна, бидејќи ми требаше одговор на „прва топка“.
Прашањето беше вака поставено.
Дали во вашите семејни релации досега, сте почувствувале дека „вашите пари“, не се пари, а „нивните пари“ се пари!?
Под семејни релации се подразбира татко, брат, син, маж …
Ауууу дааа, беше првиот одговор. Отсекогаш.
На татко ми, ако нешто беше итно дома да се плати, секогаш му беше полесно, од мене да ги побара парите кои сум си ги заштедила, за родендени и нови години, отколку од брат ми.
Јас му ги давав секако, ретко кога ќе ми ги вратеше, а брат ми речиси никогаш не дојде во ваква позиција.
Брат ми пак, по дифолт сметаше дека парите од наследството на нашите родители се негови.
Маж ми истото го прави. Кога се венчавме, ми рече остави му се на брат ти, бидејќи ти си сега во оваа куќа и тебе ништо не ти треба. Тука имаш се.
Син ми пред некој ден ми вика, “ е што ќе ти се тебе пари …“!?
Абе ми се идеше некња да му ја скршам главата, кога моето кафе со другарките беше трошок, а неговата кафана со другарите се подразбира. Ја пијам едно кафе и една цедена лимонада и тоа е 250 денеари, а они коа ќе седнат без иљадарка не се. Ми вели, втората, малку почешит и поразговорлива пријателка.
Абе Таки, знаеш, сум ти кажала дека и он и свекрва ми мѝ викаат „што ќе ти е тебе да работиш, кога пола плата ја даваш за цигари и бензин. Седи дома, ја ќе ти давам пари за цигари, а за јадење имаш“. Ми вика третата.
Де бе па ти, што се чудиш, ми вика „четвртата испитаничка“ Ја сум се помирила со тоа. Затоа, откако вака, или онака ми ги зедоа сите пари, шо маж ми, шо брат ми, шо син ми, гледам сега да најдам уште една работа, за да можам бар кожни чизми и убав капут да си купам. Ме знаеш, или купујам, или не купујам. Ако купам, сакам да е купено.
Аааа, ја на времето, ми вели една постара моја пријателка, сите пари од К-15 ги ставав на страна. Еден ден, требаше да се купува нов намештај дома. Собирај од таму, собирај одонаму, не стигнуваат. Ги вадам сите пари, скриени кај мене во плакар, кој ете така сум ги туткала за „црни дани“ што се вика и му ги „плеснувам“ на маж ми на маса. Жива среќна чекам да стане и да ме гушне и да ми рече „браво бе жено, свака част“, а тој ми вика „од кај ти се тебе овие пари!? …, си ги криела цело ова време!? Пукна кавга, невидина. Ни намештај се виде, ни ништо … Никогаш нема да му го заборавам тоа. Умре-лесна му земја.
Боже-Господе си мислам, tоа што луѓето на Марс се качија, или што преку холограми ќе почнеме на гости да си идеме и да пиеме кафе, тоа нема врска со темава.
Мене сега преку некоја чудесна временска машина Ајнштајн, Сократ, Тесла, или Исус да ми се појават на врата, јас прво тоа би ги прашала.
Зошто машките пари се пари, а женските пари не се пари!?
Се зезам, секако дека не би ги прашала прво ова.
Сократ би го прашала на пример, дали кога ништо не знаеш, тогаш навистина знаеш се, или кога знаеш се, тогаш мислиш дека ништо не знаеш. И дали во првата категорија спаѓаат сите светски лопови, а во втората чесните луѓе.
Исус на пример не би го прашала, туку би му рекла да оди и да ги вразуми Евреите, кој се декларираат за негови потомци, а тој сега поради нив и поради таквите како нив се превртува и на небото и на земјата.
Тесла би го прашала, зошто овие од ЕВН се вакви ѓубриња и сите пари ни ги зимаат, за нешто што ионака природно и бесплатно ни следува.
А Архимед, другарот Архимед би го прашала, „дали женските пари, исто како и машките пари потопени во вода, ќе загубат иста тежина од вредноста, односно зошто женските пари, ќе изгубат повеќе „на својата тежина“.
А да и Ајштајн. И Ајншатјн би го прашала, колку е тоа се релативно.
А!?
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу