Чек да брцнам во ташнава: Животот треба да мириса на цимет

Добивај вести на Viber

Колку малку треба а!? Тоа е само прстофат. Како кога ставаш на сутлијаш. Или на мед со ореви, прогласено во последно време за најздрава храна наутро. Или, цимет на убавата кремаста пена на кафето. А!? Што викаш!? Мммм.. Еве го, го пијам исто такво.

Промешуваш, или не, отпиваш една голтка и…!? Нема и… Еликсир, универзум, убавина… Сето тоа збрано само во еден прстофат цимет. Една прашинка и цела куќа мириса. Е така треба да мириса и животот. Така треба душата да мириса. Мислите така треба да мирисаат. Секој изговорен збор така треба да мириса. На цимет. Имаме ли такви фајлови во умот, каде што складираме мириси? Имаме! Секако дека имаме. Исто како што имаме, за спомени. За оние од детството, кога баравме детелинки со четири листа на пример. Па за оние кога правевме венчиња за во коси од бели ради. Или кога собираш мало букетче, од се-нешто цвеќе кое го имаше насекаде, па трчаш дома да и го дадеш на мајка ти. Таа се расплакува, те гушка во најнежната и најсилна прегратка, која мириса на цимет и очите и се насолзуват. Тогаш не знаев зошто плаче, а сега знам. Зашто кога во рани-средни години,  животот веќе ти ги зачинил нештата со сите можни зачини и лути и кисели и горки, па и отровни, еден таков нежен прстофат-гест ти го носи универзумот на дланка. Е затоа плачела. Од нежност. 

Или и оние други спомен-фајлови. На пример мирисот на градинката. И на него се сеќавам. Мирисаше таму на нешто многу чудно. И убаво и неубаво истовремено.  Ем на оној слаткаст мирис на гумените играчки кои свиркаа, ем на малите креветчиња, слатки како оние на џуџињата на Снежана. Мирисаше секако и на гарфчето во кое ни дробеа и лепче и ни ја ставаа купус салатата. Веројатно полесно им беше така, за да не избербатиме се. А и за да изедеме се. Ама мирисаше и на одминот на мајка ми, која дури за 9 саати, ќе дојде пак по мене. И на строгиот поглед на негователка Станка мирисаше, која некаде таму околу еден попладне одма после ручекот, само ќе згрмеше. 

-Глас да не сум чула! И мижете сите!

И сите мижевме. Некогаш и ќе заспиев. Еднаш од десет. А сите други пати го чувствував мирисот на кафето и цигари (тогаш се пушеше секаде) од соседната просторија. И моабетот што си го правеа, сите учителки собрани на едно место.

Го чувам и мирисот на спомен-фајловите од првата љубов. И тој мирис сега кога подобро ќе намириснам, мирисаше на цимет. На цимет мирисаа и подготовките за на годишен одмор. Цело Ами 8 полно до горе, покриено со ќебе, едно карирано сино, кое служеше само за тоа. Откако ќе се наполни цел багажник, да се покрие. За да не ти ги гледаат сопатниците, по автопат лопатките, шпоретчето, трската и патиките за кои немаше место, па се ставија најнакрај така одозгора, одма до големата пластична кутија полна со ванилици, за првите два дена. На цимет мирисаше цела куќа и кога се спремаше по три дена за родендени и за слави и кога сите тетки и комшики ќе дојдат да помогнат.

Една матеше шам за торта, друга мајонез за руска, трета, сецкаше кашкавал и шунка за ордеверите. Тетка Олга го правеше тоа. Само таа имаше машинка за тоа, што маж и ја беше донел од еден службемн пат во Германија и беше задолжена да ја донесе и да ги сервира ордеверите. На цимет мирисаше и кога дипломирав, па мајка ми ми ја подари најубавата нејзина златна огрлица. На цимет мирисаше и кога се појавија првите краснописци за свадбените покани,а од Грција ми ги донесоа шеќерните бомбони со бадеми, па со другарка ми Анастасија, цела ноќ ги врзувавме во тул. Розе машници, за женската страна и сини за машката. Секако дека на цимет мирисаше и изразот на Др Станка Димитрова, кога ми се појави на врата, носејки го син ми стуткан како кифла, за прв пат да го видам. На цимет мирисаше и кога само 10 дена по дипломирањето потпишав решение за работен однос во Телма. Е после некое време ставив во 5та брзина и заборавив на циметот. Па влегов во некои рани-средни години, ова сама си го измислив, и ги почуствува во меѓувреме и сите други зачини. И бибер, или црн пипер и пелин и чили. А неее, си викам. Стоп! Тарашкај по мирисните фајлови. Брзо. Не ти треба ова

Станува маж ми од спиење. Абе сутлијаш немаш направено одамна. Се смешкам под мустак. Замирисала на цимет цела куќа, само што сум протарашкала по фајловите. Одма се чуствува. 

Малку треба само еден прстофат. Ништо повеќе. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: